Во основното училиште „Крал Томислав“ во Нашице, Хрватска, добиле нов соученик. Но, не обичен, туку виртуелен ученик – Томислав. Каков виртуелен ученик е тоа, прашувате? Од училиштето велат дека виртуелниот ученик е всушност таму за да ги научи другите на примерно однесување. Еве како функционира тоа.
– Виртуелниот ученик Томислав е дизајниран за преку него да се пренесе одредена информација до учениците. Конкретно, по усвојувањето на новиот куќен ред, мислев дека учениците треба да се запознаат со неговите одредби на поинаков начин, различен од едноставно читање на куќниот ред на часовите, а се планира преку расказите за Томислав учениците да поминат низ основните правила на училишното однесување – изјавила Ивана Штековиќ, педагог во училиштето.
Таа објаснила дека учениците, како и во повеќето училишта, се соочуваат со слични проблеми, како доцнење на настава, туркање и бучава во училишните ходници, попречување на наставата, употреба на мобилни телефони на час и слично. Затоа, за да го спречи ваквото однесување, Штековиќ смислила начин како пораките за убаво и примерно однесување полесно да стигнат до учениците.
– Смислив кратки приказни кои зборуваат токму за тоа. Томислав, се разбира, не сака да доцни, но знае и што треба да правиме ако доцниме. Томислав знае дека е недозволиво да се оштетува училишниот имот, знае и дека е непристојно да се турка по ходниците и да вика, а знае и дека не смее да го користи мобилниот телефон на час. Томислав, всушност, е примерен ученик кој ги поттикнува нашите ученици да се однесуваат примерно – објаснила Штековиќ.
Со цел учениците да дојдат до овие приказни, училиштето поставило 10 различни QR-кодови кои учениците треба да ги скенираат со своите мобилни телефони.
– По скенирањето, на учениците ќе им биде прикажана кратка приказна за ситуацијата во која се нашол Томислав. Освен скенирање и читање приказни за Томислав, учениците можат да учествуваат и во наградна игра. За учество треба да пополнат прашалник за Томислав и да одговорат на 10 прашања.
Подоцна Томислав ќе им раскажува на учениците за врсничкото насилство, квалитетното слободно време, заљубувањето и многу други теми што ги интересираат основците. Ќе има и некои сомнежи, па ќе побара помош од врсниците, истакнала Штековиќ.
Автор: Рамона Шчуриќ
912