Луѓето ќе даруваат, но им треба идеја, насока каде и кому – тоа го обезбедил проектот во кој биле вклучени 89 наставници од пет држави, 23 града, 38 училишта и 1.026 ученици поддржани од нивните родители, велат наставничките Штерјовска и Димитриевска

Станче Штерјовска и Хилда Димитриевска се наставнички од Основното училиште „Крсте Мисирков“ во Куманово кои во периодот од 15 декември 2021 до 15 јануари 2022 година го покренале меѓународниот хуманитарен проект „Дарување, радување – новогодишно разубавување“, со наставници и ученици од предучилишна возраст, основно и средно образование.
Во проектот биле вклучени 89 наставници од пет држави, 23 града, 38 училишта и 1.026 ученици поддржани од нивните родители.
Сепак, поради општата состојба со пандемијата и мерките за изолација, пакетчињата со изненадување биле поделени по новогодишните празници. Иако малку задоцнето, наставничките велат дека најважно е да не биде заборавена хуманоста.

Станче Штерјовска

– Преку овој проект се обезбедува заборавената облека, обувки и постелнини од плакарите кои се сосема зачувани, некои дури неотпакувани, можеби сосема нови, кој има и сака да ги подари и да измами насмевка на нечие лице. Тоа беше првата задача од нашиот проект. Втората задача беше да се соберат разни артикли за новогодишно пакетче,чоколади, колачи, сокови, соленки, училиштен прибор, играчки, кои ќе се спакуваат во соодветни пакетчиња и ќе им се подарат на семејства од ранлива категорија. Третата задача беше поврзана со дарување топли новогодишни желби испратени преку рачно изработени честитки од учениците. Има многу старски домови, домови за згрижување деца, здруженија за лица со посебни потреби на кои искрено, со радост и насмевка, ќе им го исполниме денот кога ќе ја добијат новогодишната честитка – истакнаа наставничките Штерјовска и Димитриевска.

Според Штерјовска, сакале да подарат нешто малку, што некому ќе му значи многу, бидејќи секој има право на среќа.

Нејзината колешка Димитриевска, пак, вели дека мигот на дарување поттикнувало чувство на радост и среќа и на оној кому му е дарувано и на оној што дарува.

Хилда Димитриевска

– Вакви хуманитарни акции се организирале и порано, но тие биле поединечни и не толку масовни. Сакавме да ја разбудиме свеста кај децата од најмала возраст за дарување и помагање на оние луѓе на кои тоа им е најпотребно. Да научат дека треба внимателно да ја следат состојбата во својата околина и да делат од она што имаат, да научат да даруваат. Сакавме преку вмрежувањето на наставниците и ширењето на идејата да поттикнеме заинтересираност и активност на наставниците, учениците и нивните родители за организирање вакви хуманитарни акции, како и подобрување на вештините за тимска работа. Затоа што во тимската работа една идеја раѓа друга идеја. Забележавме дека хуманоста кај луѓето постои, но недостига акција. Луѓето ќе даруваат, но им треба идеја, насока каде и кому. Со овој проект ги разбудивме и ги поттикнавме луѓето да погледнат околу себе и да видат дека во секоја средина има лица од ранлива категорија на кои треба да им помогнеме и барем на еден ден или со еден гест да ги израдуваме. Затоа и нашиот проект го нарековме „Дарување, радување – новогодишно разубавување“ – објаснува Димитриевска.

Пакетчиња биле поделени на деца во многудетни семејства, на деца без родители, во општински Црвен крст – Скопје, СОС Детско село – Скопје, меѓу другарчињата-соученици, во мал групен дом – Кавадарци, Коло српских сестара – Чачак, штитеници во домот Пазариќ близу Сараево, штитениците од Центарот за лица со интелектуална попреченост „Порака“ Битола, Здружението за помош и поддршка на лица со Даунов синдром ,,Вера“ – Струмица, Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет ,,Мобилност“ – Струмица, деца кои боледуваат од канцер при одделот за хематологија при Клинички центар „Мајка Тереза“, Здружение на деца со спинална мускулна атрофија, Здружение на граѓани за лица со дисфункции, хендикеп и ретки болести „Дајте ни крилја“.

Била собрана, сортирана и испратена гардероба, обувки, играчки, училиштен прибор за потребите на Детските клиники – Скопје, за училиштето „Златан Сремац“ – Скопје, на децата со попреченост кои домуваат во станбените заедници во Неготино и Тимјаник, Специјален завод – Демир Капија, на штитениците на Заводот Пазариќ во близина на Сараево, учениците од ИО Доње Кординце-Србија собраа гардероба што им ја поделија на загрозени семејства во околината, дадени се пакетчиња и на семејства на соученици од социјално ранлива категорија, СОС Детско село – Скопје, Здружението за помош и поддршка на лица со Даунов синдром ,,Вера“-Струмица и Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет ,,Мобилност“ –Струмица.

Новогодишните честитки ги израдувале децата во домовите за згрижување, како и штитениците во Дом за стари лица „Зафир Сајто“- Куманово, во Дом за стари лица во Неготино и Чачак, на лицата со посебни потреби од „Порака наша“, честитки биле продадени на новогодишниот базар во Општина Аеродром, а собраните средства ќе бидат употребени за најзагрозени семејства од Општина Аеродром, Завод за воспитание и образование на лица со пречки во развој – Тузла.

фото: приватна архива



912

X