Нова година и Божиќ се пред вратите. Нетрпението расте. Деновите се пократки, ноќите исполнети со светлината на новогодишните светилки и украси. Улиците мирисаат на варено вино и цимет. Луѓето се собираат на топли места во кои владее радост, мир, исчекување. Брзате да купите убави подароци за вашето семејство, пријатели и да ги завиткате во најубава украсна хартија, а потоа додавате и посебни ленти и панделки. Нетрпеливи сте какви ќе бидат реакциите. Сакате ли оваа година да присуствувате на лошата глума од воодушевување од подароците? Хм, којзнае што вие ќе добиете под елката.
Правите планови, ги усогласувате распоредите со цел целото семејство да се собере на едно место и заедно да ги прославите празниците. Подготвувате посебна облека за тие денови бидејќи сакате да изгледате добро и да се чувствувате добро. Се чувствуваат спокој и позитивна енергија од луѓето. Може ли вака да се опише среќата? Можеби… Празниците обично носат многу различни емоции. Моменти на врв на среќа, славење и поврзаност со луѓето околу нас, измешани со многу високи сметки и метеж во сообраќајот и во продавниците. Како да се остане спокоен и весел и да се избегне разочарување, жалење и преоптоварување?
Поставете реални очекувања
Обично се вели дека работите изгледаат така како што ние ќе ги замислиме во нашата глава. Нашиот живот не е филм. Рекламите, филмовите и списанијата ги идеализираат работите за да ви продадат производ кој всушност не ви е потребен. Ви ветуваат дека ќе се чувствувате токму како тој лик од рекламата доколку го купите тој производ, точно така да ја украсите елката, да го купите баш тој подарок… Вашата возбуда околу тој шопинг трае кратко бидејќи постои нешто што се нарекува хедонистичка адаптација, поради која лесно се навикнуваме на позитивните емоции кои произлегуваат од некој настан или однесување и бараме нов избор на возбуда. Подарокот што ќе го купите, храната што ја подготвувате, садовите што ги користите не ја гарантираат вашата среќа. Вие сте таа личност која таа среќа може да ја раздвижи и негува низ целиот период на празниците.
Останете сталожени
Во вителот од празнични купувања и подготовки, луѓето често забораваат што е важно во целата таа приказна. Стануваат робови на материјалното, се насочуваат кон исполнување норми и меѓусебно се натпреваруваат кој ќе има поубав украс, елка, кој ќе купи поскап подарок. Се губат во морето на беспотребни оптоварувања. Потрудете се да не го заменувате сјајот на празничната семејна топлина со подароци. Уживајте во малите работи и покажете им со пример на луѓето околу себе дека тоа е можно.
Насочете се на трајното значење, а не на привремената среќа
Среќата е привремена состојба која може да се постигне доколку тоа го сакаме. Во реалноста, 48 отсто од нашата среќа е условена генетски, а другиот поголем дел е предизвикан од нашите животни искуства. Па така, само мал дел од среќата е под наша контрола. Обидите да не мислиме на нешто лошо всушност ги влошуваат работите бидејќи баш тогаш сме насочени на она негативното. Обидете се само 5 минути да не мислите на розов слон и ќе видите дека тоа е вистина. Нема смисла да се обидувате да бидете среќни, повеќе успех ќе имате доколку одлучите да живеете исполнет живот. Кога ќе одлучите што ви е важно оваа година, тогаш можете да го насочите своето време и својата енергија на тие вредности и ќе се чувствувате поисполнети и посреќни. Вложувањето време во важни работи ќе ве одржи стабилни и сталожени во ситуации на подеми и падови на расположението во празничниот период.
Бидете благодарни
Дел од чувството на среќа кој можеме да го контролираме е кога одлучуваме на што ќе се фокусираме. Можеме свесно да го насочиме вниманието на сето она убаво што го имаме во животот. Тоа не значи дека можеме и мораме да го избришеме сето негативно. Не можеме само така да се ослободиме од негативните искуства и негативни емоции, но можеме да го прифатиме и насочиме нашето внимание на она за што навистина сме благодарни во животот. Истражувањата покажале дека благодарноста позитивно влијае врз нашето здравје и односите со другите луѓе. Размислете за што сте особено благодарни во текот на празниците и како можете да ја изразите таа благодарност во секојдневниот живот? Можеби со пишување честитки, волонтирање, ширење љубов и позитивна енергија…
Потсетете се на оние луѓе што во текот на овие празници немаат свој дом
Сами се и не можат да си дозволат топла храна и облека. Истражувањата покажале дека давањето е позитивно и за оној што дава и за оној што добива. Нортон во своите истражувања покажал дека трошењето пари на другите нѐ прави посреќни отколку кога тие пари ги задржуваме за себе, дури и кога подарувањето е со повод. Дарувањето на другите доведува до тоа да се чувствуваме добро во сопствената кожа.
Создајте искуства што ќе ги паметите
Чувството на среќа и задоволство трае подолго доколку нешто позитивно преживуваме отколку ако нешто поседуваме. Сетете се на некој ваш годишен одмор или патување. Често на другите им зборуваме за тие искуства и кога ќе погледнеме фотографии од таа случка, стануваме посреќни. Таквите настани, патувања, сеќавања го прават нашиот живот исполнет. Доколку имате ограничен буџет, организирајте семејно собирање, со домашна храна и подароци кои сами сте ги направиле или отпатувајте некаде каде што ќе соберете многу позитивни искуства.
Новогодишните и божиќните празници нека бидат полни со среќа која не престанува. Бидете благодарни, креативни, среќни и позитивни. Ширете мир и љубов и уживајте во секој момент.
Автор: Миа Грбавац
912