Еднаш ги слушнав зборовите: „Дали е моја вина што мама плаче?“ и тоа ме скрши, раскажува 34-годишната Лаура Дерни од Велс. „Тоа ѝ било огромен поттик што ја натерал да разговара со децата за депресијата

На Дерни ѝ била дијагностицирана постнатална депресија по раѓањето на нејзиното прво дете, Џек, кој сега има осум години, а потоа и пренатална и постнатална депресија кога го добила и второто дете, Поли, која сега има пет години. Таа и нејзиниот сопруг седнале да разговараат со своите деца за да им објаснат дека не се виновни што нивната мајка се чувствува вознемирено и дека таа има мозок што не функционира на ист начин како што функционира кај другите луѓе.
Дерни е една од многуте што имаат вакви проблеми и истовремено се обидуваат да се грижат за нивните деца. Според терапевтот Маријана Вогт, менталното здравје на родителот не е проблем што може да се избегне бидејќи децата порано или подоцна ќе откријат за депресијата, без разлика дали родителите ќе зборуваат со нив за неа или не.

Разговор со детето

„Важно е родителите да му кажат на своето дете дека не се чувствуваат добро во моментот, но дека ја добиваат потребната помош. Незгодно е бидејќи секој случај на депресија и секој однос помеѓу родителот и детето ќе биде различен. Но најважно е родителот да побара помош и да биде искрен со своето дете“.

Меѓутоа, пристапот кон децата и објаснувањето за психичкото здравје може да бидат застрашувачки. На 37-годишната Кејти Мишел од Бирмингем ѝ била дијагностицирана депресија кога имала 19 години, а биполарно однесување пред 3 години. Таа има петгодишни близнаци кои сè уште не знаат за дијагнозата.

„Сè уште не знам како да им кажам, но знам дека морам. Се плашам разговорот да не тргне во лоша насока“, вели таа.

Експертите велат дека е добра идеја родителите полека да ги запознаваат децата со психолошката состојба.

„Дозволете им да знаат дека пријателите, јадењето здрава храна и редовното вежбање можат да придонесат за добро ментално здравје. Исто така, може да биде полесно ако во разговорот воведете некој елемент од секојдневниот живот, како што е лик од филм или славна личност со позитивна приказна“, велат експертите.

Ме прашува како се чувствувам

Откако ќе ги внесете практиките поврзани со доброто ментално здравје кај вашите деца, експертите советуваат да разговарате со нив кога ќе бидат на соодветна возраст, бидејќи искреноста може да помогне да се намалат стравот и конфузијата што може да ги почувствуваат.

„Објаснете како вашите проблеми со менталното здравје влијаат врз тоа како се чувствувате и однесувате“, велат.

Како што детето расте, неговото знаење и разбирање се зголемуваат, а неговите прашања може понатаму да се развиваат.

„Треба да одговорите на сите прашања што ги има, колку што можете поискрено. Ако вашето дете не се чувствува пријатно да ви ги каже чувствата, тогаш овозможете му разговор со член на семејството, пријател или наставник“, велат експертите.

32-годишната Лаура Бурнет првпат разговарала за нејзиното биполарно нарушување со нејзиниот син кога тој имал 4 години.

„Кога беше многу мал, му кажував дека мама има лош ден и добар ден. Тој поставуваше прашања за моите лекови, и тоа му ги разјасни работите. Исто така, читаме книга заедно за мајка која имала депресија иста како мојата. Тоа е прилично корисно“, вели таа.

Сега нејзиниот син има седум години. „Сега тој е свесен за целата ситуација, така што не е ниту страшно ниту чудно за него. Ме прашува како се чувствувам и се обидувам искрено да му одговорам на секое прашање“, вели таа.

Совети од родители што биле во депресија

1. Разговарајте со вашето дете колку што можете повеќе.
„Разговарајте. Покажете му дека нема за што да се срами. Задржувањето на чувствата е една од најлошите работи. Запомнете дека децата не размислуваат како возрасните и дека учат од вас“, вели Дерни.

2. Во ред е да се ставите на прво место.
„Ако не се грижите за себе, тогаш не придонесувате за вашето семејство, така што себичноста понекогаш придонесува за доброто“.

3. Не обидувајте се да се криете
„Искреноста навистина помага. Не мора да давате многу детали, но не обидувајте се да го криете тоа од вашето дете. Тие знаат многу повеќе работи отколку што мислите“.

Извор



912

X