Воспитување

Нашите стари добро знаеле: На семеен ручек се решаваат многу проблеми

Ако се сеќавате на своите баби и дедовци, знаете сигурно дека една од поважните работи на кои инсистирале им била сите да ручате во исто време. Да, додека сте биле во тинејџерски години, сигурно тоа ве нервирало бидејќи сте се прашувале зошто да се јаде заедно ако не сте гладни, зошто да не се земе чинијата и да се однесе пред ТВ и да се гледа филм? Зошто целата таа компликација околу неделниот ручек точно напладне…

Но, научните истражувања потврдуваат дека заедничкото семејно ручање (како обред) има придобивка и за децата и за родителите. Замислите што сè можете да направите во еден час време, а ќе се подобри и училишниот успех на вашите деца, ќе се зголеми нивната самопочит и ќе се намали ризикот од злоупотреба на опојни супстанции, депресија, тинејџерска бременост или дебелина. Во текот на последните две децении многу студии покажале дека одвојувањето неколку минути дневно за исклучување на екраните и вистинско поврзување едни со други, со храна, може да го подобри и физичкото и менталното здравје на сите членови на семејството.

Децата се учат на подобри прехранбени навики

Неодамнешно истражување во „ЈАМА Нетворк опен“ покажува дека јадењето оброк со членовите на семејството е поврзано со подобрата исхрана, особено меѓу адолесцентите. Тинејџерите што јаделе со семејството консумирале повеќе овошје и зеленчук, а помалку брза храна и слатки пијалаци. Овие резултати се однесуваат на сè, без разлика на тоа колку семејството е функционално или дисфункционално.

Може да се решат сериозни психосоцијални прашања

Со други зборови, според истражувањето на група канадски истражувачи од 2015 година, честите семејни вечери може да ги спречат проблемите со нарушување во исхраната, употребата на алкохол и опојни супстанции, насилно однесување, депресија и самоубиствени мисли кај адолесцентите.

Може да се намали борбата со дебелина во возрасна доба

Студија објавена во „Журнал оф педијатрикс“ открила врска помеѓу зачестеноста на заедничките семејни оброци во адолесценцијата и намалените шанси за дебелина или проблеми со тежината 10 години подоцна. Студијата заклучува дека семејствата би требало да се соберат барем за еден или два оброка неделно, за да ги заштитат своите деца од идна борба со прекумерна тежина.

Може да се зајакне самодовербата на децата

Чувството на сигурност кое децата го имаат додека редовно јадат со родителите може да им помогне со самодовербата, тврдат експертите од „Стенфорд чилдренс хелт“, педијатриски здравствен систем поврзан со болницата „Стенфорд“ и Универзитетот „Стенфорд“. Поттикнувајќи ги децата да зборуваат за тоа како го поминале денот (и искрено слушајќи ги нивните одговори), со тоа им порачувате дека ја цените и почитувате нивната личност. На децата треба да им се овозможи самите да ги одбираат улогите во семејството и да ги поттикнувате да помагаат во работите поврзани со вечерата – поставување на масата, послужување храна или чистење.

Се подобруваат комуникациските вештини

Канадско истражување од 2018 година, кое следело група деца од рано детство до крај на тинејџерска доба, открило дека учесниците чии семејства имале заеднички оброци, на возраст од 6 години, покажале низа позитивни предности до 10 години. Освен општо здравје и кондиција, друштвените интеракции и разговорот за актуелните прашања на маса, семејните оброци може да ги подобрат комуникациските вештини на децата, истакнала во интервју за „Сајенс дејли“ Линда Пагани, водич на студијата, професорка по психолошка едукација од Универзитетот во Монтреал.

На децата може да им помогне да закрепнат од сајбер-насилство

Истражување објавено во магазинот „ЈАМА педијатрикс“, темелено на истражување спроведено на речиси 19 илјади ученици, открило јасна врска помеѓу сајбер-насилството и анксиозноста, депресијата и злоупотребата на опојни средства. А со оглед на тоа дека дури еден од пет тинејџери доживува некој облик на интернет-злоупотреба, тоа е голем проблем. Меѓутоа, тинејџерите што вечерале со своето семејство (четири или повеќе пати во неделата), имале помалку проблеми. Авторите на студијата напоменуваат дека редовниот семеен контакт ја олеснува отворената комуникација помеѓу децата и нивните родители.

Може да се користи како дополнителна семејна терапија

На семејствата кои заедно поминуваат низ терапија, заедничките вечери може да им овозможат на терапевтите скапоцен увид во нивната динамика, според студија од 2016 година. Освен тоа, семејствата може да се поттикнат поуките научени во текот на терапијата да ги изнесуваат на маса во текот на заеднички оброк.

Затоа, соберете ги децата околу семејната маса и дружете се! Добар апетит на сите!

Автор: Звјездана Бубњар

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top