Во детската градинка „Весели цветови“, според протокол, може да се примат 880 дечиња, но доаѓаат само 450, што е околу 60 отсто од капацитетот

Во детските градинки во државата се згрижуваат деца согласно протоколите поради пандемијата на ковид-19, а усвоени од Комисијата за заразни болести. Во јасли се згрижуваат по максимум 15 бебиња, а во поголемите групи има по максимум 25 деца. Она што се случува и оваа година, според директорките со кои разговаравме, е тоа што има родители кои не си ги носат децата во градинка иако ги запишале. Станка Буџакова, директорка на градинката „Весели цветови“, вели дека во оваа градинка има 160 деца кои се на листа на чекање.

– Поголеми групи се составени од по 25 деца, а во јасли има по 15 деца максимум. Кога би немало мерки, ќе можевме сите да ги примиме, но ситуацијата е таква каква што е. Ако беа нормални условите, имаме одобрение од Советот на Општината да може да запишуваме број на деца и над нормата. Конкретно кај нас, но и во поголемиот број градинки, капацитетот кој е предвиден по протокол не е исполнет. Еве ние, според новите протоколи, можеме да примиме 880 дечиња, но ни доаѓаат 450, а тоа е околу 60 отсто од капацитетот. Родителите ги држат местата – вели директорката.

Тоа се родители кои си ги запишале децата со сите потребни документи за упис, како што налагаат протоколите, додава таа.

– Септември го оставивме како полабав месец по однос на препрашување на родителите дали би го носеле детето во градинка или не за да можеме на негово место да примиме друго. Сакаме да бидеме транспарентни и да обезбедиме места за деца на кои им е навистина неопходен престој во градинка, па ќе видиме како ќе биде од идниот месец – додава директорката.

Елена Устамитова, директорка на градинката „Бубамара“ во Општината Аеродром, вели дека им излегле во пресрет на околу 90 отсто од родителите.

– Имаме околу 240 дечиња кои се на листа на чекање, но некои од нив се за од следната година, некои ќе почнат да доаѓаат од ноември, а некои од декември. Мислам дека горе-долу им излеговме во пресрет на 90 отсто од барањата и потребите на родителите. Имаме родители кои навистина имаат проблем и немаат кој да им ги чува децата – вели Устамитова.

Како што додава, неретко се случува и да не ги носат оние деца што се запишани.

– На секои 15 дена стручната служба ги проверува формуларите, се јавува, гледа кои од децата се имаат пријавено и ги прашува нивните родители дали планираат да ги носат децата во градинка. Околу 10 отсто од родителите чуваат место, а не се појавени или, пак, ќе ги донесат децата еден- два дена и потоа повеќе не ги носат поради различни причини. Во воспитните групи има максимум 25 деца, а во јасли има максимум до 15 – вели директорката.

Таа информира дека во градинката „Бубамара“ во моментов има две групи кои се затворени поради позитивни случаи на коронавирусот.

– Во градинките, кога ќе има појава на позитивен случај, без оглед дали ќе биде дете или вработен, цела група оди во изолација 14 дена. Согласно протоколот, ако е позитивен негувателот или воспитувачот, но е вакциниран со две дози вакцина, тогаш не оди во изолација. За периодот кога децата не доаѓаат во градинка, на родителите им се одбива од месечната сума што ја плаќаат за згрижување – вели Устамитова.



912

X