Заврши Саемот на книгата, кој по вторпат се одржуваше на отворен простор во комплексот на А1 Арена – СЦ „Борис Трајковски“, од 8 до 14 септември, и кој го посетија 15.000 луѓе.
Љубителите на книгата имаа шанса да ги погледаат изданијата на над 60 издавачи и издавачки куќи, како и да присуствуваат на многубројни промоции на нови изданија и автори. На Саемот се доделија наградите од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), како и наградите од Здружението на издавачите и книжарите на Македонија (ЗИКМ).
Во рамките на Саемот две награди доби „Светот на Биби“: „Приказни за добра ноќ на мама Ана“ од авторката Билјана Црвенковска ја доби наградата за најдобро илустрирана книга меѓу два саема од Здружението на издавачите и книжарите на Македонија (корицата е илустрирана од Михајло Димитриевски -Тхе Мичо, илустрациите се на Магдалена Тофиловска и Горан Мрвиќ, а за графичкиот дизајн беше задолжена Катарина Пренда), а Ивона Стојковска беше прогласена за најдобар книжар меѓу двата саеми.
– Интересот за читање на сите видови литература е во постојан подем во последните неколку години, што ja покажува и бројката на посетители која и во овие пандемски услови достигна 15.000. Дополнителен мотив за организирање ваков настан е податокот дека домашните автори доаѓаат до израз и радува фактот што младата популација и оваа година зазема значителен дел од вкупниот број на посетители на Саемот – изјавија организаторите.
Саемот беше поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија и Град Скопје.
912