Согласно мислењето на Главниот координативен кризен штаб и Владата, подготвени сме наставата да ја започнеме со физичко присуство за сите ученици. Исклучоци се учениците со хронични болести, учениците кои имаат хронични болни во семејството, како и од немедицински причини за кои ќе одлучуваат училиштата. За овие ученици ќе има можност наставата да се следи онлајн во текот на целата учебна година, изјави Душан Томшиќ, советник во Министерството за образование и наука.

Тој апелираше на доследно почитување на протоколите и истакна дека со нив е предвидено наставата да се одвива со носење маски во училница, да се прават чести проветрувања, чистење и дезинфекција на училниците, ходниците и преостанатите простории во училиштата.

– Од први септември наставата ја започнуваме со физичко присуство во сите училишта, за што Владата веќе донесе одлука и се подготвени потребните протоколи за заштита на здравјето. Отворањето на училиштата е во најдобар интерес за учениците, а истото е препорака и на УНИЦЕФ и на ОЕЦД. Најдобар начин за да го заштитиме и менталното здравје и да го одржиме нивото на квалитет на наставата и социјализацијата на учениците е тие да се во училница и ние тоа ќе го направиме во оваа учебна година – рече министерката за образование и наука Мила Царовска во интервју за ТВ Клан.

– Што се однесува на часот по физичко образование препораката е таа да се одвива на отворено додека дозволуваат временските услови. Инаку овој час ќе се држи без носење на заштитни маски, без разлика дали е во дворот на училиштето или во спортска сала. Во протоколот јасно е наведено дека за време на часот по физичко не треба да има мешање на учениците од различни одделенија, за што училиштата ќе треба да подготват распореди, рече Томшиќ

Томшиќ посочи дека во случај на појава на позитивни наставници, ученици и родители, ќе се постапува исклучиво по алгоритмите на Комисијата за заразни болести, која ќе утврдува кој од контактите ќе оди во изолација.

МОН е подготвено со уште две резервни сценарија кои би се применувале во зависност од епидемиолошката состојба, а кое од нив ќе се применува ќе одлучува Комисијата за заразни болести.



912

X