Мрдањето на бебето во стомакот е нешто што можеби најмногу го очекува секоја трудница од првиот ден кога ќе дознае за бременоста. Тоа е нешто што се памети како емотивно случување бидејќи тогаш врската со бебето станува реална, но има и далеку поважна цел. Ни дава до знаење дека со бебето сè е во ред. Еве неколку најзначајни факти за мрдањето на бебето во стомакот:

Движењата обично значат дека сè е во ред и дека бебето е здраво

Мрдањето на бебето во стомакот укажува на тоа дека е здраво и дека добро се развива во вашиот стомак. Кога бебето се мрда, се превртува и што и да прави внатре, тогаш знаете дека е активно и добро. Освен класичните „удари“, ќе можете да почувствувате и кога бебето се протега, односно кога ги протегнува рачињата и ножињата. Таквите движења се карактеристични за подоцнежен стадиум од бременоста, кога бебето нема веќе многу место.

Бебето веројатно ќе реагира на надворешните дразби

Бебето можеби ќе ви покаже удар како реакција на промените во околината – звук и храна.

-Реакција на звук: Во текот на 20. недела од бременоста, фетусот почнува да слуша звуци, најпрво ниски тонови, а потоа и високи.
-Реакција на храна: Храната што мајката ја јаде во текот на бременоста е првиот контакт на бебето со вкусовите, преку плодовата вода. Ако му се допадне или не, може да реагира со движења.

Бебето повеќе се движи кога лежите настрана

Кога лежите на колковите, би можеле повеќе да го почувствувате движењето на бебето во стомакот. Причината е во тоа што на тој начин бебето добива повеќе крв, па затоа повеќе се движи. Кога лежите на грб, за споредба, бебето е многу мирно бидејќи добива помалку крв, па со тоа и помалку кислород, па со намалените движења го „штеди“ кислородот.

Ударите можете да ги почувствувате по 15. недела

Мрдањето на бебето во стомакот можете да го почувствувате најчесто по 20. недела од бременоста. А ако ви е втора бременост, можете да ги почувствувате по 15. недела. Дотогаш можете да почувствувате нешто како „пеперутки“ во стомакот, од седмата недела. Бебето тогаш веќе почнува да мрда, но е многу малечко за да го почувствувате подобро. Првите удари може да се видат на ултразвук. По 24. недела, движењата ги чувствувате многу повеќе, како и икањето.

Намалените движења може да се знак за тревога

Кога ќе бидете во 28. недела од бременоста, лекарот би можел да ви предложи да ги броите ударите на бебето во текот на 24 часа. Обично тоа е 10 пати во текот на 2 часа. Ако активноста на бебето значително се намали, тоа може да биде знак на проблеми:

-Стрес или проблеми со исхрана: вашата емоционална и физичка состојба влијае врз мрдањето на бебето во стомакот. Исто така, несоодветната исхрана може да доведе до неправилен развој на мозокот и нервниот систем, што може да ја намали активноста на бебето. Ако не го чувствувате, обидете се да испиете многу вода или да одите.
-Абрупција на постелката: Ова е итен случај! Темноцрвена крв со грутки, како и изразено тврд и чувствителен стомак може да биде показател. На тој начин бебето може да остане без крв и кислород.
-Предвремено пукање на воденикот: Тоа може да доведе до намалување на амнионската течност и да ги забави движењата на бебето поради стрес предизвикан од недоволен доток на кислород.
-Фетална хипоксија: Ова се случува кога папочната врвца се превиткува или деформира на начин што не добавува крв, па и кислород на бебето на вистинскиот начин.

Подоцна во бременоста нормално е да има помалку удари

Бебето во матката обично се одмара по 20 до 40 минути, некогаш тоа се продолжува и на 90 минути. Но, како што расте, така неговите движења стануваат потешки бидејќи е ограничено со простор. Па, нормално е бројот на удари да се намалува како што напредува бременоста. Но, би можеле да почувствувате и болни удари под ребрата…

Мрдањето во стомакот кажува какво ќе биде бебето

Ова не е дефинитивно докажано, но некои студии покажале дека однесувањето на бебето во матката укажува на неговиот темперамент во раното детство. Ако мислите дека имате мал каратист во стомакот, веројатно ни кога ќе го запознаете нема да имате многу мир…

Извор



912

X