Имаше родители кои одлучија нивните дечиња да следат настава од дома, со оглед на бројот на заразени со коронавирусот што на периоди беше многу висок. Тоа придонесе многу наставнички изминатава година да ги видат децата само два-три пати, па затоа позборувавме со неколку од нив за искуствата со онлајн-настава со првачињата, кои првпат се дел од образовниот систем

Цела учебна година учениците во основно и во средното образование се образоваа на далечина, освен учениците од прво до трето одделение. Но имаше родители кои одлучија нивните дечиња да следат настава од дома, со оглед на бројот на заразени со коронавирусот кој не беше за занемарување. Тоа придонесе многу наставнички изминатава година да ги видат децата само два-три пати, па затоа позборувавме со неколку од нив за искуствата со онлајн-настава со првачињата, кои прв пат се дел од образовниот систем.

Само три пати ги имам видено

Вера Костовска е одделенска наставничка во училиштето „Тихомир Милошевски“ во Ново Село, Општина Ѓорче Петров, и вели дека неколкумина од учениците ги видела само три пати во текот на целата учебна година.

– Наставата ја одржував со физичко присуство, во две групи. Со првата група работев од 8:30 до 11:30, и плус онлајн. Паралелно и со физичко присуство и онлајн, а потоа во периодот од 12 до 15 часот работев со другата група. Во одделението има вкупно 26 деца, од кои на почетокот осум следеа часови онлајн, а сега се три. Родителите имаа оправдани причини, па затоа предававме онлајн. Тие дечиња ги видов при приемот на првачињата, потоа пред Нова година имавме сликање, па секое детенце индивидуално се фотографираше. Вкупно три пати ги имам видено во цела учебна година. Среќа е што со родителите имаме одлична соработка, а и тие работеа со нив. Програмата во прво одделение е малку поинаква, односно сè е сликовито, ги учиме броевите, буквите, но од второ одделение ќе ни биде потешко зашто тогаш се описменуваат, а описменувањето е за цел живот. Оценувањето на дечињата не беше проблем, јас ги гледам и нивните изработки, ја следам нивната дисциплина, редовноста. За време на онлајн-часот им обрнувам внимание на дечињата бидејќи другите ми се овде, во училница, тука ми се – вели наставничката Костовска.

Имавме тешкотии, но ги надминавме

Анета Гулеска 23 години е одделенска наставничка. Работи во Основното училиште „Кочо Рацин“ во Прилеп.

– Онлајн-наставата ја започнав во втората половина на октомври. Не ги познавав доволно децата, ниту, пак, родителите. Наидов на тешкотија бидејќи се мали и не се сите компјутерски описменети, па им беше потребна помош. Родителите постојано беа присутни на наставата. За првачиња потребна е настава со физичко присуство, бидејќи на далечина е поинаку. Има ученици кои не знаат убаво да го држат компјутерското глувче, бидејќи има родители кои не им даваат на своите деца да користат компјутер. Имавме технички проблеми кои дополнително ја отежнуваа работата, но сепак, добро поминавме – вели наставничката Гулеска.

Активни беа сите, не заостануваа

Наде Крстева е наставничка во скопското училиште „Коле Неделковски“ во Општина Центар. Таа вели дека првачињата на 1 октомври дошле со физичко присуство.

– Имавме изјави во кои родителите требаше да се изјаснат дали се за онлајн-настава или за настава со физичко присуство. На почетокот имавме само четири ученици што сакаа онлајн, но дојдоа и се запознавме. Во меѓувреме некои преминаа на онлајн, па бевме поделени во две групи, но како што растеа ковид-бројките, и тие со физичко преминаа на онлајн-настава. Цело време бројот ни варираше. Во принцип добро поминавме, паралелно ја држевме наставата, и децата од онлајн-наставата беа вклучени на часовите во исто време. Најважно ни е дека и родителите се задоволни од тоа што нивните деца не беа запоставени. Многу од дечињата имаа некој возрасен до нив на почетокот кој им покажуваше и им помагаше – вели Крстева.

Кога требало нешто да се напише, независно дали буква или бројка, наставничката ја пишувала на белата табла.

– Учениците го гледаа напишаното и постепено им објаснував и на тие во училница и на тие што следеа настава од дома. Во однос на испрашувањето, добиваа прашања и ги одговараа. Децата се активни, не заостануваат. Не ги одделувавме од овие со физичко присуство, постојано сите беа активни. Со дисциплината немавме големи проблеми – додава Крстева.



912

X