д-р Андреа Николова-Пауновиќ, матичен лекар

д-р Андреа Николова-Пауновиќ, матичен лекар

Поликлиника „Жана“ во Неготино
е-пошта: poliklinika.zana1@yahoo.com
тел. 075 555 512

Повеќе од авторот

Варичелата, или позната како овчи сипаници, е една од најчестите детски болести. Најчесто се јавува од 2 до 8-годишна возраст. Често се пренесува во детските институции – градинки, училишта, детски одделенија во болници

За разлика од морбилите, варичела може да добијат и доенчиња, ако мајката била болна од оваа болест. Доколку мајката заболи од варичела пред породувањето, детето може да се роди со варичела или симптомите да се јават во новороденечка доба.

Болеста се пренесува преку орален – капков пат, или со контакт преку кожа со болниот.

Болниот од варичела треба да биде изолиран во посебна просторија. Личноста што го негува, по контактот со него, би требало да остане надвор на свеж воздух 10-15 минути. Болниот е заразен околу 1 недела пред појавата на исипот и сè додека сите красти не станат суви, а тоа се обично 6-10 дена.

Влезно место на вирусот е слузницата на горниот респираторен систем. По намножувањето на вирусот, тој продира во крвотокот и се шири низ целото тело. На кожата предизвикува карактеристичен везикуларен егзантем. Најпрво промените се во форма на макула која за кратко време преминува во папула и везикула исполнета со ексудат. По ресорпција на ексудатот започнува создавање на красти, кои се сушат и отпаѓаат и оставаат само лесна депигментација на кожата без лузни. На слузниците се истите фази на исипот, само без создавање на красти. Најверојатно вирусот од кожната лезија преку сензорниате влакна доаѓа до нервните ганглии и во нив останува цел живот – во мирување. Неговата активација од одредени имунолошки промени доведува до херпес зостер – болест која е многу ретка во детска возраст.

Инкубацијата на варичела трае 10-20 дена. Симптомите се: зголемена телесна температура, премаленост и појава на исип. Кај помалите деца и доенчиња прв симптом може да биде исипот. Кај поголеми деца и адолесценти 1-2 дена пред исипот може да се јават: жештина, главоболка, премаленост, болка во зглобовите и мускулите. Исипот карактеристично се појавува најпрво на трупот – центрипетален распоред, па на вратот, косматиот дел на главата и лицето. На крај се зафатени рацете и нозете. Од макула до краста поминуваат 2-3 дена. Исипот се јавува на бранови, така на кожата промените се од сите фази. Исипот може да биде оскуден или обилен, кој ја прекрива целата кожа. Обично најгусто е распореден во перианалната и перигениталната регија. На крвната слика забележуваме леукопенија (намален број на леукоцити) и лимфоцитоза (зголемен број на лимфоцити). Но наодот може да биде и нормален. Цитолошки и серолошки тест се прави во градови со поголеми лаборатории, со поширок спектар на испитувања.

Терапијата за варичела се состои од витамино-терапија, доста течности, антипиретици за зголемена телесна температура и мирување. Локално кожните промени се третираат со течни пудри кои се сушат по нанесувањето и го ублажуваат чешањето.



912

X