Три мајки ни раскажаа како е да се биде трудница заразена со коронавирусoт, но и првпат мајка во пандемија

За Светлана, Мери и Ива, три млади мајки, бременоста во време на пандемијата не била воопшто едноставен период од животот. Сите се избориле со Ковид-19 додека биле во својата прва бременост. Ни раскажаа како е да се биде трудница заразена со коронавирусoт, но и првпат мајка во пандемија.

Како е да се носи на плеќи стравот од првиот и вториот бран на инфекцијата што ни ги промени животите, а истовремено да треба психички да се подготвиш дека од утре стануваш родител? Како да ја балансираш најголемата среќа во животот со тешкиот начин на живот што ни се наметна во последнава година? Какво е чувството кога знаеш дека си инфициран од Ковид-19, а во себе имаш плод?

Светлана Маневска е 33-годишна мајка на синче. Таа се породила во јануари. Бременоста ѝ била уредна и сè се одвивало во најдобар ред сè до моментот кога една ноќ во осмиот месец од бременоста се разбудила со силна главоболка.

– Во текот на бременоста контактите со пријателите, па дури и со најблиските ги сведовме на минимум. Моето излегување од дома беа само вечерните прошетки со сопругот. Бев ослободена од работните обврски и максимално се чувавме. Но и покрај комплетното почитување на мерките од физичка дистанца со луѓето до редовните дезинфекции на рацете и на површините во домот, ноќта на 4 декември се разбудив со силна главоболка. Истата ноќ сопругот доби треска и покачена температура. Утрото телесната температура, благо, ми се покачи и мене. Веднаш закажавме тестирање. Нашите резултати, за жал, беа позитивни – вели Маневска.

Светлана и Марко

„Бебето се роди со антитела“

Од овој момент паниката и стравот стануваат секојдневие за неа, но силниот разум и храброста што ја поседува една идна мајка ја држеле постојано цврсто на нозе, да не потклекне во ниту еден миг. По петиот ден кај Светлана се појавила сува кашлица, отежнато дишење и болки во градите, па поради овие симптоми матичниот ја испратил на инфектолог. Резултатите од пневмонија ја носат две недели на Инфективната клиника, каде што се соочила со секакви примери од други пациенти.
Неопислива е силата да се пребродат вакви моменти, да се поттурнат сите вознемирувачки слики од болницата и да се продолжи понатаму.


– Деновите поминуваа бавно и стресно, но знаев дека морам храбро да се изборам со оваа болест. Во мене постојано беше мислата дека носам живот кој наскоро треба да дојде на овој свет, потребна му е здрава мајка која ќе се грижи за него! Голема благодарност до целиот тим на лекари и сестри на клиниката кои покажаа голема грижа за мене во текот не тие две недели. По еден месец откако бев пуштена од болница се роди Марко, без никакви последици од вирусот. Откако и нему му беше направен тест, кој покажа дека има антитела, во добра здравствена состојба и двајцата си дојдовме дома – раскажува таа.

Марко

Бев позитивна на Ковид-19, ме пратија на ГАК

Стресен период минала и 33-годишната Мери Вуксановиќ, мајка на синче. И таа се породила во јануари, но нејзиното соочување со коронавирусот било само неколку дена пред да се породи, без да знае дека е заразена.

Мери Вуксановиќ со сопругот


– Дознав дека сум позитивна пред прием за хоспитализација за породување. Пред прием во болница се прави тест за Ковид-19, така дознав дека сум позитивна, а немав апсолутно никакви симптоми. Кога ми ја соопштија информацијата, се шокирав. Во суштина сум човек што добро поднесува неочекувани вести, но овој пат многу ме погоди особено поради тоа што мојот прием за породување во приватната болница беше одбиен. Оттаму ме препратија на Клиниката за гинекологија и акушерство во ковид-центарот. Не можете да замислите какво е чувството да чекаш да се породиш, а притоа целиот процес да е неизвесен. Ниту знаев кој доктор ќе ме породи, ниту какви се условите таму, ниту дали ќе биде безбедно за бебето. Благодарение на мојот сопруг, мојата фамилија, родителите на сопругот, а најмногу на медицинските лица од ГАК и директорката Викторија Јовановска, го пребродив ова премреже и родив здраво машко бебе – се присетува Вуксановиќ.

Андреј

И доев и се борев со вирусот…

Ива Спасеска-Милошевска, 34-годишна мајка на синче, била во седмиот месец од бременоста кога официјално Ковид-19 влезе во Македонија.
– Бев преплашена бидејќи нашиот здравствен систем неуспешно одговараше на предизвикот. Континуирано бев под стрес бидејќи морав често да посетувам различни здравствени установи, а многу пати се случуваше залудно да отидам. Ќе стигнам и ќе ме известат дека одделот е затворен. Секое одење на преглед и во нормални услови е стресно, па затоа во тие моменти најважна е поддршката од семејството и довербата во здравствените работници. Секој заслужува соодветна здравствена заштита и добар третман без разлика за што оди на лекар – раскажува Ива.

Ива Спасеска-Милошевска со сопругот и со Јан

Директно соочување со коронавирусот таа имала веднаш по породувањето.
– Со Ковид-19 се заразивме и јас и мојот сопруг. Тоа беше во периодот додека Јан сè уште беше со редовни подои. Велат дека мајка што дои и бебе што цица имаат посилен имунолошки систем, така што организмот полесно може да се избори со вирусот. За среќа, поминавме со лесни симптоми, но со многу голем страв. Бебето немаше никакви симптоми – вели Ива.

Јан

Милион прашања и страв, но…

Илјадници прашања од типот на тоа дали е ова вистинското време да се има бебе? Како ли ќе се одвива заразата? Дали конечно ќе се смири ситуацијата да имаме побезгрижно утре? Дали моето бебе ќе биде добро? Каде ќе се породам? Ова се мал број од неодговорените прашања на идните мајки, на оние што сега дознале дека се бремени, оние што се пред породување, оние трудници што веќе неколку месеци катаден се соочуваат со истите прашања одново и одново.

Мери и Светле останале бремени за време на првиот бран од коронавирусот, од оваа перспектива гледано тогаш не беше страшно, споредено со сега, но од друга страна, токму тогаш непознатиот непријател го сврти светот наопаку. Со нас ги споделија нивните размислувања тогаш, кога тестот зa бременост покажал две цртки. За нив е ова прва бременoст.

– Морам да признаам дека беше предизвик да носиш плод во време кое за нас е досега непроживеано, а се разбира и самото тоа дека беше моја прва бременост. Не ме плашеше претерано помислата на Ковид-19 од причина што сметав дека доколку се придржувам до препораките, безбедни сме и јас и мојот плод, но колку и да се чуваш, не можеш да се дочуваш. Искрено, најчесто размислував за тоа побрзо да заврши пандемијата за да можам да се социјализирам како порано, особено поради тоа што рестриктивното живеење ме погоди во смисла на тоа што ми го забави темпото на функционирање – вели Мери.

За Светлана, пак, убавата мисла била вистинскиот спас, лек и утеха цело време.
– Многу ми влијаеше психолошки, на секое излегување од дома додека ја ставав маската на лице си ги повторував секогаш истите прашања: Што ако го фатам вирусот? Како ќе го поминам? Дали ќе се пренесе на бебето? Ме тешеше помислата дека бебето во утробата е заштитено и фактот дека во тој период немаше случај инфицирана мајка да му го пренесе вирусот на бебето. И покрај сиот тој притисок, кај мене во глава постојано одѕвонуаше мислата „ Сè ќе биде добро“ – вели таа.

Маневска додава дека многу е важно навреме да се појде на лекар и при најблагиот симптом.
– Не постои еден совет за сите. Секој би требало да тргне од себеси и да излезе од овoј лавиринт посилен, пред сè, за бебето, за семејството и најпосле за себе. Би им предложила колку што можат да изнајдат време за да прочитаат одвреме-навреме некоја книга, задолжително редовно пешачење, пожелно е да не се сами додека шетаат и почесто да разговараат за нешто убаво, овие нешта мене ми помогнаа да си создадам некоја поубава сегашност наспроти сè – вели Ива.

Во 21 век, кога информациите се лесно достапни, никој не смее да си дозволи да нема општи познавања за здравјето, кое е најголемото богатство. Според Мери, една од клучните работи е информираноста. Идните мајки мора да ја следат состојбата со коронавирусот, препораките, советите од лекарите и за тоа како се развива. Не смеат да си дозволат да бидат неуки.
– Многу е важно да се информираат. Сите бремени жени би требало да слушаат, читаат за тоа како влијае или би влијаел вирусот. Да пијат витамини, да се придржуваат до препораките и колку што е можно да размислуваат позитивно, а да останат ковид-негативни – рече Мери.

Како е да си мајка на новородено среде пандемија?

Ги прашавме дали е тешко да се биде мајка на новороденче во време на пандемија? Тешко не е, низ смеа одговара мама Мери.
– Но како што времето минува, ако не се смени состојбата и ако продолжи вака, уште повеќе ќе го усложни процесот на родителствување. Моето синче се вика Андреј и она што го посакувам за него е да расте во кругот на најблиските, а за жал, и тоа му е скратено сега. Јас тешко го поднесувам тоа што не можам да се израдувам со моите пријатели, блиски роднини за овој, за мене, најубав настан во животот – вели таа.

Да се биде мајка е најубавото нешто во животот, без разлика дали е пандемија, војна или мирен период кој сите со душа го чекаме.

– Тежината денес е и во тоа што не можеш на раат да се израдуваш на среќата, забрането ти е да се видиш и радуваш со пријателите, животот ни доби друга димензија. Со Марко, и покрај тоа што има антитела, излегуваме, но не се мешаме со луѓе, иако сакаме да се видиме со пријателите кои со душа чекаат да го запознаат – вели мама Светле.

Јан е едно шармантно бебе кое сака да биде во друштво, многу убаво реагира на непознати луѓе.
– Ние го шетаме надвор уште откако направи две недели, постојано го носиме некаде во природа, така што често е опкружен со луѓе колку што, секако, ситуацијата дозволува. Животот е сплет на добро и лошо, лесно и тешко, а мајчинството е дар за цел живот, без разлика во какви околности живееме, на крајот на денот треба да останеме ѕвезда водилка во очите на нашите деца – вели мама Ива.

Фото: Приватни архиви



912

X