Вие како родител сте го научиле детето да ви биде мрзливо, за жал…
„Молам?“
„Што се замислувате г. Бумбароски?“
„Мене работата ме исцрпува…
Се борам со животот, и згора на сите обврски што ги извршувам од утро до мрак, дури ми ја префрлате кривицата за мрзливоста на детето и дека вината е МОЈА? Си земате за право да користите зборови што болат како камшик, обвинувајќи ме дека како родител не правам доволно?
… а баш сакав да се обратам за совет кај вас.“
Почитувани родители, ве разбирам, потполно.
… бидејќи и јас сум родител на две млади девојчиња.
Искрено да ве прашам, кога последен пат вашето дете ви помогнало за некоја работа во домот?
Наместо да го учите детето да ви помогне за да се постави масата за јадење, да избриши некоја ситна прашинка или да ги собере своите работи, вие ја одбирате најлесната опција – му давате таблет или некоја друга играчка за да не ви пречи… и токму поради ова, вашето дете станува ПАСИВНО,
… мрзливо,
… повлечено.
Бидејќи ниту е физички активно ниту пак мозочето му се активира да почувствува задоволство од нешто сработено.
Па потоа се чудите зошто чека НА ВАС, вие сè да му зготвите, подготвите, исчистите…
И кога ќе седнете да јадете, ќе добиете критика од детето дека не му се допаѓа тоа што сте го зготвиле…
„АКО НЕ ТИ ЧИНИ, НЕ ЈАДИ!“ – му се развикувате на цел глас.
Бидејќи, ем сте се изнамачиле да заработите пари…
Ем сте биле на пазар да одберете квалитетни производи…
Ем сте потрошиле дополнителна енергија да зготвите…
Да ја поставите масата за јадење…
И на крајот?
Расправии…
Кавги…
Викотници…
И најважно од сè, вашето дете ќе се повлекува и ќе станува уште ПОПАСИВНО, уште помрзливо и поизолирано.
Токму во тоа лежи проблемот, вие сè САМИ правите за нив!
Не им дозволувате да ви помогнат.
… да ги активирате за да не бидат мрзливи.
Патем, дали сте се запрашале дека можеби и навистина критиката од вашето дете била на место бидејќи сте го зготвиле јадењето „од на нога“ – т.е. набрзина?
… бидејќи трчате насекаде и сè самите сакате да сработите?
Можеби не сте ставиле доволно сол или зачин поради брзање?
Знам, тоа е мала ситница…
Но, сепак, наместо сè вие лично да правите низ домот, вклучете го вашето дете.
БЕЗ НАРЕДБИ! (… патем, знам дека ова звучеше како наредба.)
Бидејќи никој не сака да му наредуваат или уште полошо, да го навредуваат.
Доколку употребите НАРЕДБА, не само што вашето дете ќе се противи да помогне, туку на овој негативен начин ќе ја мрази работата.
Доколку употребите ДРУГАРСТВО и му пуштите некоја омилена песничка или омилена приказна, вашето дете со задоволство и НАСМЕВКА ќе ви помогне во миењето на чиниите.
Во средувањето на креветот…
Во бришење на масичката…
Повелете, употребете ја оваа „стратегија“, доколку, се разбира, сакате да ја избркате мрзата од вашето дете.
… т.е. да му помогнете и да му ПОКАЖЕТЕ како тоа самото да се промени, како тоа самото да ја избрка мрзата од себе.
Да стане ВРЕДНО, т.е. да научи да ги вреднува работите и да чувствува задоволство и исполнетост од нешто што ќе сработи.
Да стане ВОСПИТАНО, т.е. да ве почитува вас како родител и да изгради стабилен емотивен карактер.
… и успешно да се справува со предизвиците во животот.
Автор: м-р Гоце Бумбароски, наставник во ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп
912