Ѕирнавме во збирката на насликаните дела на оваа одлична ученичка од Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во Скопје, а таму има сешто – животни, скулптури, ликови од видеоигри и филмови…


Седењето дома, кое го практикуваме често откако започна пандемијата на Ковид-19, има многубројни маани. Но токму во oвие времиња на ограничено движење и карантини, тринаесетгодишната Јана Георгиевска значително напредна и сè уште напредува во она што е нејзина страст – сликањето. Нејзините дела сами зборуваат за нејзината дарба за цртање, а таа ги создава во времето што го минува дома, играјќи со молив и бои на хартија.

Ѕирнавме во збирката дела на оваа одлична ученичка од Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во Скопје, а таму има сешто – животни, скулптури, ликови од видеоигри и филмови…

Интерес и љубов кон цртањето Јана почна да развива од прво одделение, вели мајка ѝ Кристина Георгиевска.

– Талентот е наследен од двајцата нејзини дедовци, како и од тетка ѝ. Многу ѝ е интересно да црта, ја сака идејата да ги искажува своите чувства преку бои и форми. Ако ме прашате мене како нејзина мајка како Јана го поминува времето дома, можам само да ви покажам нејзини цртежи и сè ќе ви биде јасно – низ смеа вели Кристина.

Родителите Тодор и Кристина ги воспитуваат Јана и нејзината помала сестричка Неда да бидат, пред сè, хумани и добри луѓе. Мајка ѝ вели дека Јана е харизматично и забавно девојче кое навреме си ги исполнува обврските и кое, освен да црта, сака да свири и на гитара и да пее.

– Омилена техника ми е графиката, а многу сакам да цртам ликови од различни серии или анимирани филмови што се изработени и нацртани со интересна техника. Освен сликање, сакам и танци, а сакам да учам и странски јазици. Сега откако почна второто полугодие, прво следам онлајн-настава, а потоа цртам. Освен тоа, излегувам и на куси прошетки со другарките. Приквечер обично се подготвувам за следниот ден за наставата, ги пишувам домашните задачи и учам. Сакам хемија, го знам напамет Периодниот систем на елементите. Освен тоа, ме интересираат и иновации, неодамна бев дел од проект за иновативен екосистем за заштеда на електрична енергија за почиста животна средина – вели Јана.

И покрај многуте афинитети и вештини, сè уште не знае што би ѝ било идна професија.

– Сакам да сликам, но има и други работи што ме интересираат, па размислувам да бидам биохемичар, продуцент или да бидам дел од музичката индустрија – искрено ни кажа Јана.



912

X