Сигурно сте забележале дека во текот на наставата на далечина многу правила што толку трпеливо и со многу љубов ги градевме, паднаа во вода. Децата поминуваат време пред дигиталните екрани многу повеќе отколку што порано би им дозволиле, помалку се физички активни, а кога е исхраната во прашање, претпоставувам дека настанал тотален хаос.

Сте забележале дека децата се „постојано“ гладни и сè повеќе бараат нешто за грицкање, а вам не ви е баш секогаш јасно зошто. Често причина за тој „проблем“ е досадата. Затоа ви нудиме неколку начини како да ја задржите контролата кога е исхраната во прашање:

Подгответе дозволени грицки

Недостигот на дневна рутина и достапноста до храната претставуваат предуслов за постојано грицкање. Подгответе, спакувајте и одредете време за дозволени грицки, ако е потребно, направете го тоа и за другите „училишни“ оброци.

Придржување до распоредот

Во овој случај, часовникот треба да ви биде сојузник, па одредете го времето за оброци. Доколку детето сепак бара нешто за грицкање надвор од распоредот, наместо обичното „не“, вие укажете на времето.

Правила за спакувана ужина од продавница

Дури и оние производи што го имаат зборот „здраво“ на пакувањето се хранливо инфериорни во однос на производите или подготвената ужина дома. Грижливо сместени во шарени пакувања, овие производи се примамливи за детското око. Ниту цената на овие производи не е секогаш прифатлива, но ако сепак попуштите на влијанието на детето, одредите ја количината и строго придржувајте се до тоа правило. Едно пакетче дневно од ваква ужина е повеќе од доволно.

Држете ги грицките надвор од нивното видно поле

За жал, и големите и малите полесно ќе посегнат по кој било вид храна доколку таа им стои пред нос. Борбата и постојаното искушение најчесто резултираат со полна уста со храна, па најдобро е да ја отстраните од видното поле.

Воведете тест за глад

Повеќето луѓе – и мали и големи, ретко јадат зашто чувствуваат глад, најчеста причина за посегање по храната е тоа што таа ни е постојано достапна или поради програмиран распоред на оброците. Доколку не е време за оброк, а вашето дете се жали дека е гладно, тестирајте го. Понудете му ниско калорична намирница, како што е краставица или морков, и многу брзо ќе дознаете дали е и колку е гладно. Доколку одбие, ќе знаете дека не е глад во прашање.

Подгответе здрави грицки за прва помош

Постојат ситуации во кои не можете да држите сè под контрола и имате потреба да го задоволите своето дете, дури и ако не е гладно. За тие кризни ситуации, најдобро е да се подготвите однапред, спакувајте во кутии исечено овошје и зеленчук или направете пуканки, па на тој начин ќе се осигурите дека детето нема да го наруши апетитот за следниот оброк.

Автор: Дијана Радетиќ/нутриционист

Извор



912

X