Oмилениот гостин во секоја куќа за време на Новата година е Дедо Мраз. Како што наближуваaт новогодишните празници, децата нетрпеливо ги очекуваат своите подароци под елките, пишуваат писма и се стремат да бидат подобри од вообичаено. Но понегокаш ќе се најде некој голем батко или тетка што решила да им каже дека Дедо Мраз е измислица.

Дали навистина постои Дедо Мраз? Како влегува низ оџакот кога немаме оџак?

Дедо Мраз ја симболизира убавината на дарувањето, најубавите подароци, празничната магија, верувањето. Тој е симбол на несебичност, подароци, радост и среќа и ги носи сите овие квалитети со себе насекаде! Тој нè повикува да веруваме дека има нешто поголемо, поубаво од нас самите, нешто што не можеме да го видиме, но можеме да го почувствуваме. Затоа честопати го користиме изразот „новогодишна магија“, а Дедо Мраз е првиот симбол кој нè инспирира да чувствуваме блаженство, спокој и магија за време на празниците.
Но што кога детето ќе почне да ги поставува прашањата „Дали навистина постои Дедо Мраз?“ „Како Дедо Мраз успева да им донесе подароци на сите деца за една ноќ?“„Како влегува низ оџакот кога немаме оџак?“, „Како може неговиот ирвас да лета?“…

Проф. Горица Поповска-Налевска


Родителите понекогаш инсистираат на своите деца да им ја кажуваат само вистината. Односно, тие веруваат дека ако на детето му се каже дека Дедо Мраз постои, дека тоа ќе ги „осуди“ откако ќе сфати дека тоа не е точно и дека нема да им верува во иднина. Ако кажете дека Дедо Мраз не постои (затоа што, на пример, сте убедени дека децата не треба да се лажат), малку му го скратувате детството на детето, отстранувајќи ја новогодишната магија од неговиот живот. Верувањето во Дедо Мраз ја поттикнува фантазијата на детето, тоа развива емпатија и учи јасно да ги вербализира своите желби. Дедо Мраз е персонификација на добрина, искреност, радост и тоа се причините зошто се обидуваме да го задржиме ова верување.
Вообичаено на возраст од шест или седум години децата инсистираат да добијат одговор на овие прашања, но важно е да се почека вистинскиот момент – кога детето само ќе почне да поставува прашања затоа што тоа е знак дека постепено станува подготвено и да го слушне одговорот.

Не уништувајте ја насмевката на детето и оставете му да верува во Дедо Мраз

Родителот може да го започне разговорот прашувајќи го детето колку знае за Дедо Мраз, дали верува дека Дедо Мраз постои или не, како би се чувствувало доколку Дедо Мраз не постои и слично. На едноставен и разбирлив јазик за детето објаснете му што се бајки, митови, а што е вистински живот, но и дека понекогаш е убаво да веруваме во нешта кои нè прават среќни иако не можеме реално да ги видиме, допреме и слично. Дури и кога детето ќе сфати дека Дедо Мраз не постои, не прекинувајте ја празничната магија на дарувањето.
Секој од нас го носи одговорот во себе. Макар и возрасни, забрзани и уморни од сивото секојдневие, ние ја чуваме магијата на божиќниот дух. Не уништувајте ја насмевката на детето и оставете му да верува во Дедо Мраз.


П.С. Пишувајќи го овој текст, се потсетив на Петар Пан, палавото момче кое може да лета и магично одбива да расте. Петар Пан го поминува своето бескрајно детство во авантури. Замислете никогаш да не мора да пораснете, секогаш да можете да играте со најубавите играчки на светот и со најубавото друштво? Зар не ви се случило и вам замислено да си летате на лесните крилца од вашите желби, а занесени во некоја возбудлива игра? Петар Пан не е настанат како инспирација на ведрото детство, туку од желбата исполнета со страв – детството да се зачува; од стравот дека детството поминува, децата растат, стануваат попаметни и остаруваат. Во Петар Пан вешто е скриено писмото на возрасните, нивните изгубени идеали, заборавената невиност и потиснатата наивност.

Не е доволна само желбата да се биде дете, потребно е да се вклопиме во тој свет, свет на детето во кој треба да го заборавиме зборот „не верувам“ зашто детето верува во сè.



912

X