д-р Зорка Чрчева-Димовска, ортодонт

д-р Зорка Чрчева-Димовска, ортодонт

ПЗУ,, DENTAL CARE’’ Скопје
тел. 070 821 274

Повеќе од авторот

Раното препознавање на штетните навики значи можност за навремена терапија

Во периодот на детството штетните орални навики се многу чести. Од исклучителна важност е родителите, детскиот, т.е. матичниот стоматолог и педијатар рано да ги препознаат кај децата. Со тоа се овозможува навремена и ефективна терапија.
Во штетни навики во детска возраст се вбројуваат туркање на јазикот кон забите, цицање палец, гризење усни, грицкање нокти и употреба на цуцла.

Туркањето на јазикот е всушност неправилен тип на голтање. Во актот на голтање детето го турка јазикот нанапред (кон предните заби). Како последица на ова се појавуваат протрудирани (искосени кон напред) горни предни заби, неправилен однос на горните и долните предни заби. Терапијата би значела преглед кај стоматолог, т.е. ортодонт, утврдување на причината и соодветна терапија.

Цицањето палец или друг прст е вообичаена активност кај новороденчиња и бебиња. Доколку навиката продолжи подоцна, а особено по 5-тата година, предизвикува искривување на забите и неправилен развој на вилиците. Предните горни заби се нанапред поставени, долните заби се наназад поставени, горната вилица е доста тесна и поради тоа, бочните заби се во вкрстен загриз.
За да се отстрани навиката, потребен е благ, умерен пристап од страна на родителите или воспитувачите зашто самата активност на цицање палец или прст предизвикува убави чувства кај детето. Критичкиот и остар пристап е докажано неефективен, т.е. може да го влоши проблемот. Често има потреба од ортодонтска терапија, поставување апарат кој би го направил непријатно цицањето на палецот.

Гризењето и цицањето на долната усна е често поврзано со цицање палец. Последицата е неправилни поставени горни предни заби, наназад поставени долни предни заби. Профилот кај овие деца е со испакната (нанапред поставена) горна усна и наназад поставена долна усна, т.е. долна вилица. Терапијата е иста како и кај цицање палец со позитивна мотивација и благ охрабрувачки пристап.

 

Грицкањето нокт е најчеста навика, со 60 проценти кај деца до тинејџерска возраст и 45 проценти кај тинејџерите. Се појавува поради здодевност или стрес. Обично со навиката престануваат спонтано до 18-тата година. Поради оваа навика, како последица се јавува сува и оштетена кожа на прстите, која е често подложна на инфекции. Така се случува пренос на инфекции, најчесто вирусни, од кожата на рацете.
Кај забите може да се појави оштетување на емајлот, искривување на забот и воспаление на непцата.
Терапијата е апликација на кисели (непријатни по вкус) лакови на ноктите на рацете.

Децата спонтано престануваат да користат цуцла помеѓу втората и четвртата година. Доколку навиката продолжи по четвртата година, остава штетни последица врз положба на забите и вилиците.



912

X