Доц. д-р Слаѓана Анѓелкоска, психолог

Доц. д-р Слаѓана Анѓелкоска, психолог

Професор на Меѓународниот славјански универзитет „Г.Р.Державин" - Свети Николе и Битола

Повеќе од авторот

Нè учеле да веруваме дека чувството на тага е ненормално и неприродно

Тагата е нормална и природна реакција на губиток од секаков вид. Според тоа, и чувствата што се јавуваат во состојба на тага се природни и нормални. Проблемот е во тоа што во процесот на социјализација сите нас нè учеле да веруваме дека тие чувства се ненормални и неприродни. Иако тагата е природна, нормална и најсилна од сите емоции, која е предизвикана од промените што настануваат на постојните модели на однесување.

Тагата има врска со срцето, а не со главата, и погрешно е настојувањето да се излекува срцето преку разумот, бидејќи главата е погрешна алатка за лекување на тагата.

Во процесот на социјализација нè учеле да го решаваме овој процес низ интелектот, но тагата останала голем проблем. Се сметало дека машката и женската социјализација се различни и машките и женските лица на различен начин ја доживуваат тагата, но многуте истражувања покажале дека двата се слично ограничени кога треба да се справат со тажните, болни и негативни чувства. Самото чувство е бесполово, не може да се каже дека некој е женски или машки тажен или женски и машки среќен. Не може да се каже дека интелектот е сосема бескорисен во справување со тагата, но потребни се време и начин за справување со тагата.

Што подразбираме под закрепнување?

Закрепнувањето значи дека подобро се чувствуваме.

Закрепнувањето значи дека преземаме контрола врз околностите во кои се наоѓаме и ги контролираме оние ситуации што владеат врз нас и нашата среќа.

Закрепнувањето значи пронаоѓање ново значење на животот без страв дека некој или нешто повторно ќе нè повреди.

Закрепнувањето значи дека сме во состојба да уживаме во драгите спомени кои нема да побудат болно чувство на тага и каење.

Закрепнувањето е прифаќање дека е сосема во ред понекогаш да бидеме тажни и да зборуваме за тие чувства без разлика како луѓето ќе реагираат на тоа.

Закрепнувањето значи дека сме во состојба да им простиме на другите кога ќе кажат или ќе направат нешто без доволно знаење за тагата.

Закрепнувањето е кога еден ден ќе сфатиме дека нашата способност да разговараме за губитокот е нормална и здрава.

Она што е најважно – закрепнувањето значи стекнување вештина на која требало да нè научат уште во детството. Таа вештина ќе ни помогне да се справиме со губитокот. Многу од нас се сфесни дека нема гаранција дека кога ќе стигнеме дома нашите сакани ќе бидат живи. Луѓето што поминуваат низ развод исто така знаат дека нема гаранција дека партнерот ќе ги сака кога ќе стигнат дома. Вештините за справување со тагата ќе ни го излекуваат срцето ако се скрши и ќе ни овозможат целосно да уживаме во сите односи. Знаењето и слободата што се стекнуваат со разрешување на губитокот ни донесуваат и дополнителна корист – ни овозможуваат да сакаме од сè срце.

Закрепнувањето од значајната емоција на губиток не е воопшто лесен процес, тоа бара внимание, отвореност, спремност и храброст.



912

X