Покрај листови и шишарки, совршени есенски елементи за игра со децата се желадите, оревите, костените, лешниците. Со нивна помош можете да направите многу различни минијатурни фигури за игра. Подгответе материјал од природа, лепило, ткаенина, жица, волна и слични корисни материјали што ќе служат за деталите, како што се лицето, телото, облеката.

Во продолжение погледнете неколку проекти што сигурно и вие можете да ги изведете:

Верверичка

Верверичката се прави со лепење на два поголеми лешници и делови од украсна жица која ќе ја најдете во книжарниците и во поголемите маркети. Опашката поставете ја така што да ви послужи како кука за да можете некаде да ја закачите.

Извор

Лилјаци

Со неколку потези можете да ги претворите костените во симпатични лилјаци. Потребно е од мрсна хартија да исечете крилја и уши и да ги залепите. Очите залепете ги, а страшната насмевка нацртајте ја со бел фломастер.

Извор

Украсни желади

Желадите претворете ги во овие симпатични ликови со помош на бои и маркери. Одвојте ги капите ако сакате да ги закачите некаде за низ дупките што ќе ги направите да повлечете конец. Обојте ги желадите во посакуваните бои, а на неколку само доцртајте очи, уста, мустаќи… Кога ќе завршите со цртањето, залепете ги капчињата и вашите украсни желади се готови.

Извор

Бувчиња

Со малку ткаенина, капчињата од желадите и костени, можете да направите бувчиња. На костен залепете две капчиња од желад и во средината нацртајте очи. Крилјата, клунот и нозете се од ткаенина која ќе ја скроите и залепите. Одлична идеја е и вака да ги изложите залепени на гранка.

Извор

Глувчиња

Глувчињата се направени од половина лушпа орев и со малку ткаенина за уши и долг опаш. Половината издлабете ја и на нив залепете уши и опаш на средина. На крајот нацртајте очи и уста и ќе добиете мало глувче. Доколку ставите и џамлија под лушпата, овие симпатични глувчиња може да се натпреваруваат во брзина, па ете идеја за дополнителна забава.

Извор

Куклички

Овие преслатки куклички се направени од свежи желади, но одлично ќе изгледаат кога ќе ги направите и од есенски, созреани. Одвојте ги капчињата и на телото на желадот залепете шалчиња од ткаенина, или пак завиткајте ги во волна. Главата на куклата може да биде дрвена кугла, кугла од глина или најдобро би било од лешник. Главата залепете ја на телото со шалот и на крајот залепете ги капчињата. Доколку сакате да ги закачите, направете дупки на капчињата и повлечете конец.

Извор

Овчички

Телото на овчичката е костен, а главата желад. Споени се со чепкалки или кибритчиња кои се користат и за нозете. На главата залепете ги капите од желадите, врз ушите од ткаенина и очињата.

Витез

Витезот е комбинација на желади и костени со чепкалки. Главата е желад со капа, споена со чепкалка за костенот како тело, а од двете страни се рацете. Во едната е мечот од чепкалка, а во другата штит од капата на желадот. Нозете се чепкалки кои се поставени на половина од костен за да може витезот стабилно да стои.

Извор

Печурки

Украсните печурки ќе ги направите од желади со капчиња. Одвојте ги капчињата и бојадисајте ги во црвено. Кога ќе се исушат, украсете ги со бели точки. Телото на желадот свртете го така што поширокиот дел да биде долу и залепете ги црвените капчиња. Стабилно стојат и можете да ги поставите да красат некој агол.

Извор

Девојчиња

Костенот издупчете го на средината за во таа дупка да вметнете жица. Жицата превиткајте ја на половина, па повлечете ја низ топчето од волната или во „пом пом“ топче. Преклопениот дел вметнете го во костенот и ако сакате да бидете посигурни, залепете ја дупката со лепило. Краевите на жиците свиткајте ги така што ќе формирате стабилни нозе на кои ќе стои девојчето. Украсете ги костените со симпатични детали и залепете очи, па играта може да започне.

Извор

 



912

X