„Тој е плукнат на татко му!“ или „Таа е иста како мајка ѝ – освен во носот. Очигледно го има наследено од страната на семејството на татко ѝ“ – додека гледаме како растат децата, имаме тенденција да бараме сличности меѓу нив и нивните родители. Па, кој родител придонесува повеќе во генска смисла?

Одговорот зависи од тоа дали прашувате за вкупниот број гени што детето ги наследува од мајката и таткото или кои гени на родителите „работат“ повеќе. Како и да е, научниците сметаат дека одговорот и не е баш 50/50.

На пример, повеќето луѓе знаат дека гените се наоѓаат на нишки на ДНК спакувани во 23 хромозоми во форма на X или У. Тие автозоми се сместени во јадрото на клетката, а ДНК што ја содржат еднакво доаѓа од двајцата родители. Но, клетката всушност содржи уште еден хромозом кој се крие во внатрешноста на митохондријата. Митохондријата произведува енергија за клетката и игра важна улога во вежбањето и стареењето. Исто така, митохондријата има свој сет на ДНК и ние ја наследуваме само од нашата мајка.

– Тоа е јасен пример дека сте повеќе слични на вашата мајка отколку на вашиот татко – вели Марика Чараламбус, генетичарка од Кралскиот колеџ во Лондон.

Некои истражувања посочуваат дека нашата митохондријална ДНК (и со тоа нашата мајка) игра клучна улога во нашата атлетска издржливост. На пример, шпанските и израелските научници анализирале еден митохондријален ген поврзан со количината на кислородни клетки што можеме да ги користиме за време на физичките вежби. Нивното истражување, објавено во 2005 година во „Журнал оф аплајд псајколоџи“, открило дека варијанта на генот поврзана со помала кондиција е поретка кај елитните велосипедисти и тркачи отколку кај општата популација, резултат потврден од подоцнежните истражувања. Низа истражувања ја покажале важноста на мајките во наследување на овој и други гени. Научниците откриле дека способноста на мајката за вежбање може подобро да го предвиди капацитетот на детето отколку кога ќе се земат предвид татковците.


Но, наместо да прашате кој родител придонесува со повеќе гени, треба да прашате кои гени на родителите „работат“ повеќе. Повеќето разлики на ниво на површина што ги гледаме меѓу луѓето не се должат на самите гени, туку на низа хемиски „прекинувачи“ што седат над нашата ДНК и му кажуваат на нашето тело кои делови да ги прочитаме и преведеме во протеини, а кои да ги игнорираме.

Во феноменот наречен „отпечаток“ овие прекинувачи целосно исклучуваат одредени гени – но само кога потекнуваат од одреден родител. Овие модели опстојуваат низ генерации. На пример, ако генот „А“ е отпечатен од таткото, тој секогаш ќе работи ако потекнува од мајката, но никогаш ако потекнува од таткото. Повеќето истражувања посочуваат дека во телото има помеѓу 100 и 200 вакви гени, но некои истражувања велат дека можеби има и повеќе. Овие гени се особено важни за мозокот и плацентата.

Некои докази покажуваат дека има сличен број отпечатени гени и од мајките и од татковците.

– Во особините за кои се одговорни овие гени, во извесна смисла веројатно ќе бидете повеќе како еден отколку како другиот родител – вели Ендру Вард, генетичар од Универзитетот во Бат во Англија. Со други зборови, отпечатокот може да има влијание врз одредени карактеристики – од големината на нашето тело до спиењето и меморијата. Но, бидејќи отпечатокот се случува на релативно малку гени и тие гени се веројатно балансирани меѓу родителите, самиот отпечаток нема да утврди дали имате неверојатна сличност со мама или тато.

Истражувања спроведени на глувци покажуваат дека може да има нерамнотежа што ги фаворизира татковците во овој поглед. Истражување од 2015 година објавено во списанието „Нејчр џенетикс“ открива дека гените со отпечаток имаат 1,5 пат поголема веројатност да не се активни од страната на мајката, а да се активни од страна на татковците. Истражување објавено во 2008 година, објавено во списанието „Плос аун“, открива сличен резултат. Во мозокот, мнозинството гени со отпечаток биле активни кога потекнувале од таткото. Спротивно било со плацентата. Сепак, не постојат докази дека ваквата нерамнотежа се случува кај луѓето.

Но, дури и ако доаѓаат до израз гени со отпечаток од еден од родителите, не мора нужно да значи дека детето ќе биде слично на тој родител. На крајот на краиштата, генот што е активен во вас може да не е активен во вашите родители.

– Може да кажете дека вашиот генски израз е благодарение на вашите родители. Но, комплицирано е да кажете дека е сличен на еден од вашите родители – вели Едвард Чуонг, биолог-геном на Универзитетот во Колорадо Болдер.

Извор



912

X