Во овој учебник се констатирани дискриминирачки текстови, но и примери кои ја засилуваат родовата нееднаквост, велат од МОН

Наставниците и петтоодделенците останаа без учебник по македонски јазик откако Министерството за образование и наука вчера соопшти дека го повлекува актуелниот учебник поради несоодветна и дискриминирачка содржина. На прашањето како ќе се одвива наставата по овој предмет, од Бирото за развој на образованието велат дека за предметот македонски јазик за 5. одделение веќе се подготвени прирачници за наставници и за ученици.

– Кога учебникот влезе во процес на ревизија во Педагошката служба, веќе формиравме работна група која почна со подготовката на прирачниците. И наставниците и учениците имаат од што да работат во првите месеци – велат од БРО.

Прирачник за наставниците

Водич за учениците

Министерството за образование и наука со решение го повлече учебникот по македонски јазик за 5. одделение. Учебникот кој во неколку наврати ѝ го привлече вниманието на јавноста со текстот „Пубертет“ од Јован Стрезовски и други содржини во него беше на ревизија во Педагошката служба при МОН. Текстот се донесува на две другарчиња, момче и девојче, кои влегуваат во пубертет. Писателот раскажува како првпат ги забележуваат мозолчињата на своите лица, а момчето, Огнен, ја прашува мајка си што му се случува. Таа му објаснува дека тоа е пубертет, а тој лакомо јаде, излегува надвор и ја среќава другарка си Мара, која исто така има мозолче на лицето. Текстот завршува со следната реченица:
„Си ги пипкаа со прстите, си ги пофаќаа мозолчињата, полека, нежно, како да пофаќаа нежни, штотуку расцутени цветчиња“.

– Повлечен е учебникот по македонски јазик за петто одделение поради несоодветна и дискриминирачка содржина. Во овој учебник се констатирани дискриминирачки текстови, но и примери кои ја засилуваат родовата нееднаквост. Утврдени се голем број пропусти и грешки, но и непочитување на македонската стандардна јазична норма – соопштуваат од МОН.

Авторки на учебникот се Љубица Севдинска и Весна Настоска, а рецензенти се проф. д-р Благица Петковска (претседателка на комисијата), Митра Цилевска и Билјана Герас, двете професорски по македонски јазик. Лектор е Љубица Севдинска, а автори на илустрациите се Симон Калајџиев и Марко Манев. Учебникот почнал да се користи со решение на министерот за образование и наука бр.22-2431/1 издадено на 26 април 2010 година.

МОН најави дека е во тек подготовка на нов закон за учебници со кој ќе се надминат недостатоците во овој сегмент од образованието.



912

X