Министерството за образование и наука информира дека има вкупно 42 активни случаи на Ковид-19 кај учениците и 65 кај наставници. Од нив 29 ученици се од основно образование, а 13 од средно, додека 47 наставници се од основно, а 18 од средно образование.
Од активните случаи во средно образование ниту еден од учениците и наставниците не учествувал во настава со физичко присуство и согласно тоа немал контакт со остатокот од учениците или наставниот кадар.
Во однос на основните училишта, од активните случаи 7 од учениците и 5 од наставниците имале настава со физичко присуство во училиштата.
МОН известува дека во сите случаи се почитувани препораките од центрите за јавно здравје и е постапувано согласно алгоритмите.
– Учениците што следеа настава со физичко присуство, а сега се во изолација поради Ковид-19, учењето го продолжуваат од далечина, со што се одржува континуитет во образовниот процес. Од целокупното одговорно однесување ќе зависи и продолжувањето на наставата со физичко присуство во училиштата – велат од МОН.
Затоа, МОН апелира до наставниците и до учениците доследно да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид-19 и одговорно да се однесуваат и надвор од работните места и од училиштата, со што ќе го спречат ширењето на болеста.
912