Министерството за образование и наука – МОН информира дека од почетокот на учебната година досега во изолација се вкупно 53 ученици и 8 наставници.
Од вчеравечер во изолација се 10 ученици од второ одделение во ОУ „Кочо Рацин“ во с. Подареш, Општина Радовиш, откако нивен соученик е позитивен на Ковид-19. Засега во ова училиште нема наставници што се заболени или во изолација.
Двајца наставници што работеле со физичко присуство во ОУ „Гоце Делчев“ и еден ученик се позитивни на Ковид-19, а 39 деца од истото училиште од вчера се превентивно во изолација. Другите три деца што се позитивни се индивидуални случаи – едно во тетовското училиште ОУ „Адрија Савески Ќиќиш“, едно дете во ОУ „Ванчо Прке“ од Штип, и едно во „Кирил и Методиј“ – Кочани.
– Од центрите за јавно здравје се следат алгоритмите и во сите училишта каде што има позитивни случаи во рамките на наставата со физичко присуство се постапува навремено, согласно протоколите и алгоритмите, со цел да се спречи ширењето на вирусот и да се заштитат останатите ученици и учесници во образовниот процес – велат од МОН.
Во овој момент дополнително се истакнува потребата од учење од далечина, односно од комбиниран модел на настава кој се применува во училиштата.
– Имено, шест од вкупно осум наставници не биле во директен контакт со децата, бидејќи предавањата ги држат онлајн. Дополнително, сите наставници и ученици што се во изолација преминуваат на учење од далечина, со што се обезбедува континуитет на образовниот процес. МОН потсетува дека паралелно со онлајн-наставата се реализира и емитување на 15-минутни часови на телевизија преку националната радио-телевизија. Исто така, се доставуваат печатени материјали до децата и тие се во постојана комуникација со нивните наставници – информираат од МОН.
Оттаму повикуваат на почитување на заштитните мерки и протоколите.
– Апелираме до сите наставници максимално сериозно да пристапат кон личната заштита од Ковид-19 во следниот период. Тие носат одговорност за сопственото здравје, но и за здравјето на учениците – велат од Министерството.
912