Секогаш постои опција „ресет“. Не можете да направите беља, актуелната верзија е наменета за вежбање, советува Игор Богданоски, национален обучувач за онлајн-платформата
Верувам дека многумина ќе се уплашат од можностите што ги нуди националната платформа за онлајн-настава. Важно е да запомните – платформата се освежува на еден час. Ако пробате трипати да се логирате и не успеете, престанете и обидете се повторно за еден час – советува Игор Богданоски, национален обучувач за онлајн-платформата и наставник по математика во Основното училиште „Блаже Конески“ во Прилеп.
Тој беше дел од триесеттемина национални обучувачи што минататa недела одржаа тридневни обуки за 1.600 наставници од сите училишта од Македонија. Вели дека обуките поминале добро и деновиве им се пренесуваат на преостанатите наставници. Тој им порачува на сите постојано да експериментираат со сѐ што нуди платформата. Ако не згрешат, нема да научат да ја користат.
– Не плашете се, онлајн-платформата не е тешка за користење. Секогаш постои опција „ресет“. Не можете да направите беља, актуелната верзија е наменета за вежбање. Но, мора да експериментирате, да пробувате и да вежбате. Да згрешите и да почнете одново. Само така ќе научите да ја користите – вели Богданоски.
Тој вели дека теоретски не би требало да е проблем сите наставници наеднаш да се вклучат на неа. Нашата платформа е една од најголемите во светот, планирана е за повеќе од 300.000 корисници (околу 24.000 наставници и околу 280.000 до 300.000 ученици).
– На пример, во Австрија има слична платформа со околу 230.000 корисници, а еден Open University во Лондон има околу 200.000 корисници. Треба да имаме предвид дека не е лесно да се изгради вакво чудо. Но, за олку кратко време покажавме дека имаме луѓе кои кога ќе ѝ се посветат на работата, можат да го направат невозможното реалност – вели Богданоски.
Неговото искуство од пробното користење на платформата во изминативе денови покажува дека многу училишта во земјава имаат исклучително слаб интернет, па кога наеднаш ќе се вклучат многу наставници, интернет-врската паѓа. Тој препорачува училиштата да си направат распоред – од училница да почнат да предаваат по 3-4 наставници, другите од дома.
– Во овој момент училиштата не се спремни да ги прифатат сите наставници. По првиот ден на терцијарната обука може да се потврди дека има училишта кои во една група со околу 40 наставници одржаа квалитетна обука со физичко присуство во холот на училиштето. Но, мора да се каже дека школото има оптички интернет. Има случаи со успешни обуки со повеќе од 80 наставници исклучиво онлајн, секој од својот дом. Но, има и примери каде што едвај се собраа по 18-ина наставници на работилниците. Со тоа се покажа каква е разликата од реон до реон и од училиште до училиште во ист реон – објаснува Богданоски.
Игор Богданоски
Според него, најдобро е поголемиот дел од наставниците да почнат прво со онлајн-настава од дома. Така сигурно ќе можат да ги одржат часовите. Потоа полека да се зголемува бројот на наставници што ќе предаваат директно од училиштата. Планот поединечно да си го прави секое школо, во однос на ресурсите што ги има. За да ја издржат платформата, училиштата треба во најмала рака да имаат оптички интернет, а дури ни тогаш нема да може да поддржи настава на повеќе од 20-ина наставници одеднаш.
– Во реоните каде што нема оптичка покриеност ќе требаат и по две, дури и три стандардни линии за брз интернет зашто училиштата имаат инфраструктура за мрежно покривање постара од 10 години, ако сѐ уште постои. Затоа мора да се оди етапно за да не се преоптоварува врската. Учениците нема да имаат проблем – вели Богданоски.
Тој порачува со настава од училница прво да почнат највештите наставници. Потоа полека да се вклучуваат нивните колеги, еден по еден. Богданоски вели дека во моментот на платформата се поставени презентации за секој нејзин дел, како и видеотуторијали. Сите се изработени за нецели две недели. На колегите тој им споделил линкови од сите туторијали и презентации што ги има создадено за да им ја олесни работата. Секој може да ги користи и многу да научи.
– Колегите можат слободно да ги споделуваат. Да не се грижат ако згрешат. Ова е пробна платформа. Со колегите што ги следеа обуките три дена на второ ниво се снимени повеќе од 18 часа материјал со согласност на колегите. Сите материјали може да се гледаат, прегледуваат, а за сѐ што не е јасно може слободно да ме контактираат. Не мора да ги преземаат содржините – едноставно кликнете и гледајте – објаснува Богданоски.
Тој додава дека секој наставник ќе добие лиценца Office 365 А3 и ќе може на 5 уреди да ја инсталира платформата. Во овој момент имаат Office 365 А1 лиценца.
Богданоски објаснува дека зад целата платформа стојат триесетина национални обучувачи и тимот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), кои веќе 10 дена деноноќно работат.
– Ова што го постигнавме е со натчовечки напори! Сите содржини, преводи на 5 јазици, збор по збор, сево ова е направено за 10 дена. Да почневме само еден месец порано сѐ ќе беше поинаку. Треба да сме горди што успеавме сево ова да го направиме за толку кратко време. Ќе има грешки, тоа треба да го очекуваме. Нечии имиња ќе се појавуваат по неколкупати, некои нема воопшто да се појавуваат. Системот нема да ги препознава зашто базата на податоци со години не била ажурирана. Но, така ќе ја коригираме и дата-базата на податоци. Речиси 80 % од содржините се преведени и поставени. Тимот од ФИНКИ секој ден работи со нас. Завчера платформата издржа вклучување на 24.000 луѓе – вели Богданоски.
912