Дваесет и шест ученици од Vб одделение од ООУ „Видое Подгорец“ од Струмица неодамна снимија видео за својата песна „Најдобар клас“, која ја создадоа заедно со нивната учителка Соња Цицимова. Секој стих е личен и кажува за петте години што ги поминавме заедно, вели учителката од струмичко училиште.
– Во петто одделение децата завршуваат со одделенскиот наставник и сакавме некако да ги заокружиме овие години на дружење. Во последната година вообичаено има повеќе активности, одиме на настава во природа и децата беа многу разочарани што ќе нема ништо од тоа. Ние веднаш се префрливме на настава на платформата „Зум“, децата се гледаа, си комунициравме и така почнавме да нафрламе идеи што да направиме заеднички. Идејата за песна и видео на сите им се допадна. Јас го напишав текстот, во соработка со децата, кои даваа идеи и кога се снимаше. Родителите многу нѐ поддржаа. Двајца од нив ни помогнаа со видеото, снимавме во студио, каде што, исто така, имавме одлична соработка. Песната е многу лична и кажува за најубавите моменти од петте години и секој стих ни е важен – вели Цицимова.
912