Не секој има друга возрасна личност на располагање за да ги чува децата

Довербата е нешто што се гради, тоа е процес, исто како осамостојувањето. Со текот на времето, преку разни обврски, од наједноставни до посложени (како тоа дека сте сигурни дека ја напишале домашната, затоа што така ви кажале), вие им покажувате на децата дека верувате во нив, во нивните способности. Така кај децата ја градите нивната самодоверба, вели Милена Пашоска, магистер по детска и адолесцентна психологија.

Со Пашоска, која е и гешталт-терапевт под супервизија, а своите постдипломски студии ги заврши во Лондон (на Универзитетот „Гринич“), разговаравме на темата кога детето е подготвено да седи само дома. Летниот период е карактеристичен кога родителите сè уште мора да одат на работа (освен кога го користат годишниот одмор), а децата мора да останат дома.

Не секој има друга возрасна личност на располагање за да ги чува децата.

Обврски поврзани со домашни миленици или со брат/сестра

Останувањето сам дома има голема врска со процесот на осамостојување. Како родители/старатели, многу е битно и за детето и за вас да ги уважите децата, нивните мислења, желби, да покажете дека им верувате, дека верувате во нив и во нивните способности, вели Пашоска.

– Еден од начините да го остварите тоа е да им задавате обврски за кои сте сигурни дека можат да ги направат и да ги вклучувате во вашите секојдневни обврски во домот. Вклучете ги додека готвите, да ви подадат сад, лажица, чаша… Нека мешаат, нека тураат и претураат без да се грижите дека ќе направат неред. Пофалете ги, баш така и полесно ќе научат како треба. Ќе ги вежбате и нивните способности, истовремено правејќи ги незаменливи како дел од вашата рутина. Можете да им кажете, на пример: „Ти благодарам што ми помогна денес за ручекот“, „Со твоја помош е и повкусно“, „Гледај колку побрзо стигнавме кога работиме заедно. Ти благодарам“ – објаснува психологот.

Друг начин да ги уважите децата и да им ја приближите самостојноста е да им давате обврски поврзани со нивните браќа или сестри, и/или домашни миленици ако ги имате.

– Да им дадете задача да му дадат вода на миленичето или јадење што е соодветно за миленичето. Да се дефинира дека тие јадат различно од луѓето и има разлика во количината. И, се разбира, да проверите дали навистина го сториле тоа, но на посуптилен начин. Договорете се што, кога и како. Можете и да направите распоред на задачите, на пример, цртежи, кога веќе се доволно возрасни да цртаат. Можете да побарате да се нацрта себеси како му дава вода на вашето куче и да го поставите тој цртеж на видно место. Ќе служи како суптилен потсетник на обврските, дека го уважувате и цените вашето дете – објаснува нашата соговорничка.

Оставање дома само не пред да тргне на школо

Бидете јасни, искрени и доследни, смета Пашоска. Таа посочува примери во кои можете да му помогнете да се осамостои.

– „Јадењето е на маса/во фрижидер. Ако ти се јаде, слободно јади. Можеш да гледаш цртани. Ако имаш домашна, почни ја домашната. Се враќаме за 2 часа. Ако сега е еден часот попладне, кога ќе се вратиме? (побарајте да пресмета и да ви каже). Се гледаме тогаш. Заклучи ја вратата (можете да почекате да слушнете дали ќе ја заклучи).“ Или кажете му дека ќе заклучите.

Ако го препознавате во примерите и ситуации слични на овие, има големи шанси вашето дете на училишна возраст да биде спремно да го оставите само дома и по неколку часа.

– Не порано затоа што го нема искуството од училиште да биде без вас и да има одредени обврски што се негови и не зависат и не доаѓаат од вас. Оптимална возраст за да пробате да го оставите само дома е околу 6-7 години. Пред да го сторите тоа, обидете се да го оставите само во соба одредено време, на пример, додека готвите, додека го заспивате помалото дете или сл. Оставете ги кај бабата и дедото и ако се над 4 години, нагласете им што можат да прават таму, како да се однесуваат. Сепак се кај луѓе од доверба, а далеку од вас – објаснува психологот и консултант во консултантската фирма „Psyent“.

Секое дете е различна индивидуа. Самите родители или старатели, или оние што поминуваат најмногу време со детето, најдобро го познаваат. Прво нешто што вообичаено се смета за независност или осамостојување е кога бебето престанува да плаче ако мајката не е во видно поле, кога може да излезе од соба без бебето да се расплаче во истиот момент.

Милена Пашоска

– Понатаму, значајно осамостојување е кажувањето за и самостојното одење во тоалет. Оставете ги да се облечат самите и помогнете им ако им треба помош, но не трчајте да го закопчате патентот. Ако се мачи, и сѐ уште не може, помогнете му. Помогнете му така што нема вие сами да ја завршите работата, туку само дел. На пример, наместете го патентот во лежиштето, а детето да повлече нагоре. Секоја возраст си носи разни знаци на осамостојување на децата – вели психотерапевтот.

Преку осамостојувањето се зголемува и личната одговорност, значајна во текот на целиот живот. Сакајте ги, почитувајте ги, учете ги, разговарајте, бидете со нив. Научете какви се тие како луѓе, и приспособете се. Секое дете е своја индивидуа.

Зборувајте им како на луѓе што можат да ве разберат, зборувајте јасно, чисто и проверете дали и колку ве разбрале. Прашувајте ги за мислење. Бидете конкретни во вашите барања, бидете исполнителни и одржувајте ги вашите ветувања. И децата треба да имаат доверба во вас – завршува Пашоска.



912

X