Посакувам во иднина критериумите на наставниците да бидат исти за сите ученици, без оглед на нивната материјална состојба, роднинските врски, партиската определба на нивното семејство и ред други работи. Наставниците ги разочаруваат учениците кои вложуваат труд во учењето и ја потиснуваат нашата амбиција, вели Елена Павловска, првенец на генерација во училиштето „Ванчо Китанов“ во Пехчево
Исти критериуми за сите ученици, помалку тестови, учебници по секој предмет – еве што би смениле првенците на генерација во основните училишта. Тие се децата со кои секој наставник би се гордеел. Активни на натпревари, по активности, секции. Учењето не им претставува проблем на овие ученици. Сега, откако веќе се поздравија со своите соученици и наставници и со една нога се во нивните нови училишта што ги избрале за средното образование, им дадовме магично стапче да ни кажат што би смениле кога би можеле во основното образование во Македонија.
Елена Павловска
– Искрено, посакувам во иднина критериумите на наставниците да бидат исти за сите ученици, без оглед на нивната материјална состојба, роднинските врски, партиската определба на нивното семејство и ред други работи. Револтирана сум што наставниците не го пишуваат во дневник тоа што го зборуваат на час. Тие ги разочаруваат учениците кои вложуваат труд во учењето и ја потиснуваат нашата амбиција. Ги наградуваат учениците што лежерно си ја поминуваат годината – вели Елена Павловска, која заврши во Основното училиште „Ванчо Китанов“ од Пехчево.
Таа вели дека многу ѝ значи што е избрана за ученик на генерацијата бидејќи со тоа се вреднуваат нејзиниот труд и знаење. Омилени предмети во кои се натпреварувала ѝ се: биологија, математика, географија, англиски, природни науки.
– Сакам моето образование да го продолжам во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје.
Ева Јакимовска
Ева Јакимовска, која беше прогласена за најдобра ученичка во ОУ „Стив Наумов“ – Скопје, смета дека сите основни училишта треба да имаат исти услови за работа за да бидат задоволни сите вработени во училиштата, а и учениците.
– Сите сме запознаени со ситуацијата на недостиг на учебници по предмети каде што има нова програма и се чекаат изминативе неколку години. По завршетокот на учебната година 2019/2020 тие сѐ уште не се пристигнати. На овој начин, без учебници, покомплициран е процесот на учење – дополнува таа.
Признанието што го добила ќе ѝ помогне при запишувањето на средното образование, кое посакува да го продолжи во скопската гимназија „Орце Николов“, во англиската меѓународна паралелка, зашто посакува во иднина да студира во странство.
– Во текот на изминатите години се трудев да го дадам максимумот од себе. Да, учествував на натпревари по предметите кои повеќе ме привлекуваа и поттикнуваа желба за дознавање дополнителни информации. Но, не се само освоените места од натпреварите. Се зема предвид и учеството во училишниот живот, како проекти поддржани од Општина Гази Баба, Градот Скопје, МОН, дури и од меѓународни институции – вели Ева.
Лилјана Ноткова
Кога би можела, би направила паралелки за надарени и талентирани ученици со цел да се задоволат нивните потреби за поголеми знаења и истражувања, вели Лилјана Ноткова, првенец на генерација во ОУ „Страшо Пинџур“ во Неготино.
Признанието ѝ е мотив за поголема посветеност во понатамошното образование. Лилјана најмногу била посветена во областа на јазиците, но има посебен интерес кон математиката и максимално се залагала за сите други предмети. Таа планира да се запише во гимназијата „Св. Кирил и Методиј“ во Неготино, на Природно-математичка насока.
Прво место на државен натпревар по англиски јазик, трето место на „Месец на науката“ од областа на хемијата, места на регионални натпревари по математика, француски, природни науки.
Илин Московски
Првенец на генерација во Основното училиште „Кочо Рацин“ од Скопје е Илин Московски.
Резултатите постигнати на натпреварите по физика и математика, како и на натпреварот „Месец на науката“, заедно со одличниот успех сите години го направија Илин најдобар во своето училиште.
Тој посакува промени во програмата за настава и тоа по предметите математика, физика и информатика.
– Сметам дека промената кон „Кембриџ“ направи повеќе штета отколку подобрување. Покрај тоа, предметот информатика не може да држи чекор со развивањето на областа, а особено не со сегашните учебници – смета Илин.
Михаил Јанакиевски
Во основното образование повеќе е застапена теоријата, вели Михаил Јанакиевски, еден од тројцата првенци на генерација во школото „Даме Груев“ во Битола.
– Посакувам да имавме повеќе практични вежби, кои, за жал, кај нас практично ги нема. Повеќе проекти со дружење помеѓу училиштата и учениците, како и учениците и граѓаните. Знам и сигурен сум дека преку практичните вежби најмногу се учи и тие ќе ни користат во секојдневниот живот, во понатамошното образование, како и за зајакнување на нашата самодоверба – смета Михаил.
Тој може да се пофали со иноваторство. Беше дел од тимот составен од тројца ученици што измислија „Паметни венецијанери“, за што добија диплома од програмата „IP SHIFT“ на УНИЦЕФ, а истовремено и награден проект од Фондот за иновации.
– Имам и сопствен проект наречен ,,Електронски сончоглед“ со кој настапив на „Месец на науката“, манифестација организирана од Друштвото на физичари, а годинава ја освоив првата награда на меѓународниот натпревар за наука наречен STEM. Во моето основно образование се здобив со 29 дипломи и сертификати во полето на информатиката, математиката, природните науки и странските јазици. Паралелно со учењето членував и во кошаркарскиот тим „Младост“ од Битола, а настапував со моите соученици и на натпревари во кошарка, ракомет и фудбал – вели Михаил.
Тој ќе се запише во средното техничко „Ѓорги Наумов“ во Битола, на насоката компјутерска техника и автоматика.
Лука Георгиевски
Да има помалку наставни листови, тестови и испрашувања. Образованието да биде пофлексибилно во смисла стекнатите знаења да се применуваат во настава во природа, да можат учениците да се стекнуваат самостојно со нови идеи како што е тренд во развиените земји во светот, тоа им го посакува на идните генерации Лука Георгиевски, првенец на генерација од ОУ „Климент Охридски“ од Прилеп.
– Ми значи признанието. Со тоа целиот труд што го вложив во моето деветгодишно образование е признаен и награден, а тоа прави да бидам горд сам на себе. Природните науки и англискиот јазик имаат најголем придонес. Имам учествувано на многу натпревари по биологија, хемија, англиски јазик и имам освоено многу награди и сите ми се драги. Голем придонес за успехот имаат и училишните активности, како: екопатрола, одделенски претседател, учество во проекти, Фонд за иновации, Црвен крст, спортски натпревари и, секако, одличниот успех – вели Лука.
Средното образование ќе го продолжи во гимназијата „Мирче Ацев“ во својот роден град.
912