Онлајн-наставата, која е предизвик пред кој е исправен македонскиот образовен систем, покажува многу примери кога учениците што биле понезаинтересирани и имале послаби резултати на училиште, сега од дома се далеку поисполнителни и имаат поголем интерес за материјата што се обработува

Учењето од дома што го наметна пандемијата на коронавирусот откри нови состојби и однесувања на учениците кои ги забележуваат наставниците. Онлајн-наставата, која е предизвик пред кој е исправен македонскиот образовен систем, покажува многу примери кога учениците што покажувале помал интерес и резултати на училиште, сега од дома се далеку поисполнителни и имаат поголем интерес за материјата што се обработува.

Се ангажираат многу повеќе од претходно

Има ученици што не работат доволно, но има и такви што се ангажираат многу повеќе од претходно, вели Татјана Глигорова-Божиновска, наставничка по француски јазик во Основното училиште „Панајот Гиновски“ во Бутел.

– На пример, некои од нив што беа понеажурни додека беа на настава, а се случуваше да не носат дури ни тетратки на училиште, сега, како за чудо, работат многу повеќе. Први испраќаат домашни работи, кои се целосни и се гледа дека се сработени со подобар ракопис и со поголема посветеност. Претпоставувам дека за ова придонесува самата домашна атмосфера, децата не се под притисок и имаат доволно време да сработат сè што треба, а секако овде влијание имаат и родителите – вели Глигорова-Божиновска.

Да се наградат за трудот

Убавка Бутлеска е долгогодишен училиштен педагог во Основното училиште „Манчу Матак“ во Општина Кривогаштани. И таа вели дека овој феномен постои и дека поради тоа, трудот на овие деца треба да се награди.

– Децата заслужуваат, вложиле труд, покажуваат дека сакаат да учат. Тие имаат подобри резултати бидејќи дома се чувствуваат посигурно. Тоа е така делумно и поради родителите, поради сигурноста во домот која можеби не ја чувствуваат во училницата. Некои од нив не се снаоѓаат на училиште, па дома им е полесно да функционираат. Според последната студија на ХБЦС (Health Behaviour in School Aged Children Study), излезе дека децата не баш го сакаат училиштето во нашата земја. За да се направи таа студија, се испитуваат неколку аспекти – физичкото и менталното здравје на децата, како се чувствуваат. Менталното здравје загрижува, се чувствуваат несигурни на училиште, особено насилството од нивните врсници – вели Бутлеска.

Убавка Бутлеска

Кај децата што покажуваат послаб резултат во училница, а дома се подобри, тоа е резултат на тоа што не мора веднаш да го достават она што го бара наставникот, туку имаат доволно време и слобода да го сработат.

– На час се бара сè да се направи наеднаш, а не секој од нив умее да биде еднакво исполнителен. Некои деца немаат концентрација за да бидат постојано присутни. Од друга страна, имаме и деца што биле беспрекорни, интелигентни, ама бунтовни, деца што учат сè на часoт и лесно ги добиваат оценките, но сега со учењето од дома се помалку активни – вели педагогот.

Некои деца училиштето ги прави анксиозни

Дома учениците се помотивирани затоа што на многумина од нив училиштето им создава стрес, смета училишниот психолог Елена Темелкоска, која работи во училиштето „Кирил и Методиј“ во Стајковци.

– Кај некои ученици се јавува анксиозност, страв од испрашување. Некои од нив даваат подобри усни одговори, а некои подобри писмени одговори. Стравот е внатрешно чувство и секој различно реагира. Оваа ситуација кога се дома прави да бидат поопуштени. Самата училишна средина, самиот училиштен објект, училницата, некој наставник или друга личност, прави да се спречени да го дадат својот максимум и да покажат солиден резултат. Сега децата кога се дома, го нема тоа, го нема притисокот, оставени се кога сакаат да го напишат тоа што е потребно. Децата сами имаат можност да си го организираат времето. Има некои што не трпат авторитети. Но, и ако не покажува успеси во школо, не значи дека тоа дете не ги разбира работите. Бидејќи јас работам со деца, можам да ви кажам дека кога ги тестираме, односно го мериме нивниот интелектуален капацитет, неретко се покажува дека учениците со послаби оценки се поинтелигентни од оние одличните – вели психологот Темелкоска.

Им треба ветар в грб

Таа вели дека практиката покажува дека на одредени деца им треба „ветар в грб“, поддршка која понекогаш не ја добиваат од родителите.

– Работам со ученици, најчесто тоа се деца кои јас како психолог ги советувам како да се однесуваат. Има од нив деца што се проблематични, најчесто поради атмосферата во семејството, средината, но и тоа што нема кој да ги поттикне и да им биде ветар в грб. Поради тоа, се случува тие да се повлечат во себе, а знаат да бидат деструктивни и самодеструктивни. Мислам дека по целата оваа ситуација со учењето од дома, треба да има многу корекции во обрзовниот систем, во пристапот кон овие деца, во системот на работа со нив, како и во работата со талентираните ученици. Промени мора да има – смета Темелкоска.

Таа потенцира дека менталното здравје е најкревко кај основците. Тие вели дека функционираат во некој затворен систем, со телефоните в раце, а сè почесто се случува да имаат отсуство на фантазија.

– Самиот психички развој комплетно оди поинаку денеска. Со таблетите в раце се. Самото гледање и седење пред компјутер прави да не се обновуваат синапсите во мозокот, кои се клучни за правилен раст и развој. Денеска децата сè помалку умеат да трчаат, имаат проблем со изговарање гласови, со моториката – додава психологот.



912

X