Тимот на „Светот на Биби“ посветено работи и во време на пандемијата со мисија постојано да ги изненадува и да ги развеселува малечките гледачи. Во поинакви услови, од дома, со комуникација преку дигитални алатки, се пишуваше, црташе и анимираше новата сказна на Биби – „Малата вештерка“. Триесетина луѓе работеа и во отежнати услови работеа вредно за да создадат осумминутна магија преточена во нова епизода од „Светот на Биби“, чија премиера ќе биде на 7 јуни на јутјуб-каналот на Биби.

Паралелно со сказната, тимот на илустратори заедно со графичките дизајнери работи на печатеното издание од сказната кое се планира да излезе од печат еден ден пред премиерата.

Се гледа крајот на сезоната, а ние сме среќни да споделиме со вас дека се радуваме што останавте наши верни гледачи, читатели, пријатели. Горди сме на 16 милионите прегледи на јутјуб-каналот за година и пол постоење, а и „Светот на Биби“ се доближи и до повеќе на деца и на малите екрани на програмите на МТВ, MAxTV и A1tv.

Секоја од анимираните сказни што може да ја уживаат децата си доби и печатено издание. Околу 70.000 сликовници се веќе во вашите домови и ги красат вашите библиотеки.

Во очекување на последната епизода од втората сезона на „Сказните на Биби“, решивме да ве запознаеме повеќе со тоа како се подготвуваше оваа приказна.

Билјана Црвенковска

Прва алка во создавањето на една сказна е сценариото, кое како и за другите сказни на Биби, го напиша писателката и сценаристка Билјана С. Црвенковска. Интересно е што во оваа сказна, покрај добро познатите, омилени ликови на децата: Биби, Боби, Зази, Зина…, имаме и нов лик! Пишувањето на сказната во овој случај вклучува и креирање на карактеристиките на ликот, кои му служат на главниот илустратор и арт-директор на проектот – Михајло Димитриевски- Тхе Мичо да го оживее со цртеж секој еден лик. За да немаме ни најмала јазична грешка во текстот се грижи нашата лекторка Ивана Кузманоска.

Втората фаза е цртање/илустрирање на сите сцени и сегменти од сказната. Ова е работа на тимот на илустратори (Магдалена Тофиловска и Мартин Алексов) и графички дизајнери на „Светот на Биби“ (Кети Пренда и Ивана Јовановска).

Михајло Димитриевски – Тхе Мичо

Во меѓувреме, додека илустраторите работат, актерите Слаѓана Вујошевиќ и Сашко Коцев, со насоки од режисерите Гоце Цветановски и Никола Чикос и продуцентите, ги позајмуваат гласовите на Биби, Боби и другите ликови, во студиото „Подрумот“ на Ангел Ќосев. Во ова студио се прави и музиката за секоја сказна.

Третата фаза е анимација на сказната од нацртаните илустрации и според снимените гласови. На ова вредно работи тимот на аниматори на „Светот на Биби“ – Никола Чикос, Јосип Здравковски и Димитар Аризанов.


Никола Чикос (аниматор и режисер) и Јосип Здравковски (десно)

Но, не го кажавме најважното – што ќе се случи во сказната „Малата вештерка“, вели Црвенковска. Вештерката се вратила во Волшебната шума! Но, овој пат таа не е сама, туку има и помошничка. Како изгледа таа, што прави, и што ќе се случува кога ќе се сретне со Биби и Боби – останува до дознаеме на 7 јуни.

На пат е и последната епизода за оваа сезона, а како да беше вчера кога почнавме со работа на првата, вели режисерот и аниматор Никола Чикос.

– Времето лета со Биби. Се надевам дека успеавме да создадеме воедно забавно и едукативно искуство за нашите најмлади. Во секој случај, беше забавно и едукативно искуство за нас – екипата што стои позади секоја епизода од „Светот на Биби“. Во епизодата што претстои – „Малата вештерка“, го вложуваме сето наративно и техничко искуство кое го акумулиравме низ месеците, со што се надеваме да ја запечатиме оваа сезона со стил, како и да поставиме солидна платформа за следната сезона. Така што, очекувајте ја новата епизода наскоро, и секако – чувајте се во овие тешки времиња – вели тој.

Ова е втора епизода од „Светот на Биби“ која Гоце Цветановски ја режира заедно со Чикос.

-Јас сум повеќе ангажиран на почетокот на продукцијата, во раскадрирањето и сторибордот и потоа на крајот на постпродукцијата, кога се склопува конечната монтажа. Целиот процес помеѓу го води Чикос. Како и за секоја епизода претходно, се трудиме и оваа епизода да биде најдобра – вели Цветановски.

За аниматорот Јосип Здравковски, реализацијата на оваа сказна било најголем предизвик досега.

-На тимот бестрашни заштитници на шумата ќе им се придружи уште еден член. Но, пред да стигнеме до тој дел од сказната, претходат многу акции, магии и волшебни трансформации. Дечиња, подгответе се за една поинаква сказна, полна со изненадувања. Оваа епизода е многу подинамична од претходните, вклучува многу движења и акции, па дури и летање на метла, куќа што оди итн., а со самото тоа бара посериозен пристап од анимациски аспект. Исто така, предизвик е и фактот дека се вклучени многу, многу нови ликови, за кои изработивме детаљна подготовка. А чекајте па да видите што ли ќе направи лошата вештерка!? Верувам дека ќе ви се допадне финалето на оваа сезона! Срдечен поздрав – вели Здравковски.


Ирина Поповска, асистент на продукција

Најновата епизода од серијалот сказните на Биби, „Малата вештерка“ е за нас – посебна епизода, вели Ирина Поповска, асистент на продукција.

– Најпрво, би издвоила дека ова е последната епизода од втората сезона, на која макотрпно работевме, со цел да ја приближиме Биби, нејзините навики, совети и нови лекции што е можно подобро до другарчињата. Во оваа епизода, покрај тоа што ќе се појави една наша стара познаничка, која Биби ја избрка од куќата на џиновите, ќе ја запознаеме нејзината сопатничка. Верувале или не, не сите вештерки се лоши. А, познавате ли вие куќа што оди? Ако не, подгответе се, овдека ќе ја запознаете. Меѓудругото, во оваа епизода ќе видиме многу другарчиња од волшебната шума: волкот, мечката, лисицата, пеперугата, бумбарот и многу други. Тие ќе учествуваат во магиите на нашите главни ликови – вели Поповска.

Кој друг работеше на сказната? Асистент на монтажа – Каролина Ѓорѓиевска, сториборд – Димитар Ѓоргиев, логистика: Владо Данилов и Рената Богданова. Џинглот е на Бобан Апостолов, а за дизајнот на звук се погрижи Зоран Проданов. Продуценти се: Марјан Алексовски, Стојче Коко Ѓорѓиев и Жарко Стојаноски.



912

X