Зборовите „досадно ми е“ може да предизвикаат паника кај родителите. Неизбежно, во одреден момент, вашето дете ќе ги изговори овие застрашувачки зборови. Ако барате нешто со кое вашите деца може да се забавуваат додека трае изолацијата, земете ги предвид следните СТЕАМ-активности (STEAM – science, technology, engeneering, arts and mathematics).
Холи Рибек Кол, која работи за компанијата „Сајенс системс енд апликејшнс“ во Центарот за вселенски летови „Годард“ на НАСА, вели дека овие активности им нудат можност на децата да ја искористат својата природна љубопитност за да научат.
1. Искористете го она што го имате во домот за да создадете СТЕАМ-искуства за младите деца. На пример, проектот „Трите мали прасиња“. Нека направи домови за прасињата со предмети што ги имате во вашиот дом. Јас и син ми искористивме сламка од корпа, а куќата од тули ја направивме со лего-коцки. Активноста беше лесен начин за тој да сфати зошто куќата од тули е во најдобра состојба.
Дајана Хјуз, мајка на две девојчиња, се согласува дека во кујната се наоѓаат многу работи со кои можете да создадете СТЕАМ-активности за вашите деца.
– Предметите како восочна хартија, алуминиумска фолија, сода бикарбона, оцет и вода се совршени за да почнете експеримент дома – вели таа.
2. Заедно откривајте математичко-уметнички книги. На интернет има апликации на дигитални библиотеки како „Hoopla“ и „Overdrive“ за да им покажете вакви книги.
3. Направете средновековен катапулт од картони и вметнете историја во вашите СТЕАМ-активности. Јас и син ми ги проучувавме витезите и замоците, а еден од неговите омилени процеси беше создавање средновековен катапулт. Ваквите проекти, воведени во помлади години, го поттикнаа сегашниот интерес за инженерство. Сега, на 9 години, тој поминува многу време градејќи и создавајќи работи сам.
4. Откријте ги хемијата и физиката во кујната. Кујната е одлично место да почнете со предавање на кој било предмет. Користејќи ги книгите за готвење и следејќи ги рецептите, вашето дете чита, користи математика и хемија. Ова му помага да направи врски во реалниот живот со она што го учи.
– Научните проекти што можат да се јадат се секогаш добра примена – вели Лора Канада Онил. Таа вклучила физика во кујната и е навистина задоволна.
5. Побарајте СТЕАМ-активности од онлајн-ресурси. Постојат голем број онлајн-извори за семејства што бараат СТЕАМ-идеи и активности. Веб-странцата „Edheads“ обезбедува широк спектар на игри и активности што промовираат учење на СТЕАМ. Освен тоа, НАСА нуди одличен извор за родители и деца наречен „NASA at Home“.
912