Во ова време на Kовид-19, кога наставата наместо во училница се одвива преку екран со помош на различни интернет-алатки, најважно е наставниците да бидат, пред сè, позитивни кон своите ученици. На децата доволно тешко им паѓа самиот факт што не се на вистински распуст, а се дома, па затоа убавата мисла на наставниците, наместо оптоварување со мноштво домашни задачи, треба да биде приоритет во овие недели на учење на далечина.
Душанка Јовановска
Токму ова, уште од првиот ден кога децата престанаа да одат на училиште, на дело секојдневно го испраќа во форма на порака одделенската наставничка Душанка Јовановска од скопското Основно училиште „Панајот Гиновски“. Грижејќи се за тоа да не им создава притисок со обврските, Јовановска убавата енергија и мисла умее да ги преточи во зборови, кои редовно им ги испраќа на своите четвртоодделенци, кои, пак, со задоволство ги читаат и им се радуваат.
Еве каква порака таа им испрати неодамна на учениците во IV-2:
Драги ученици,
Jас се извинувам што дополнително ќе ви ја надополнам домашната задача со следните барања:1. Задолжително да бидете многу среќни.
2. Слободното време исполнете го со активности што ве прават вистински радосни.
3. Домашните задачи пишувајте ги полека и со насмевка, а доколку наидете на тешкотии, сетете се дека секогаш има кој да ви помогне. Слободно јавете се кај вашите наставнички.
4. Најдете начин да ги направите среќни и расположени вашите најмили и најсакани.
5. Гушкајте се дома меѓу себе, бидејќи гушкањето прави да се чувствуваме подобро.
Овие барања се задолжителни за сите ученици. Со среќа, со здравје и со насмевки да го победиме вирусот и поскоро да се вратиме во нашата вистинска училница!
912