Да се биде заедно во мал простор, многу подолг период од вообичаениот, под стресни услови, значи повеќе можности да се засилат и позитивната и негативната динамика на врската

Коронавирусот „нè затвори“ дома во најголем дел од времето. Ако до неодамна со партнерите и децата поминувавме само дел од денот, сега за најголем дел од нас тоа се случува цело деноноќие, во мал простор. Оваа состојба ги става на тест врските и функционирањето на семејството. Психолозите велат дека врските или ќе се зајакнат или ќе се разнишаат. Тие апелираат партнерите да внимаваат на комуникацијата и однесувањето пред децата и со нив зашто токму децата се најголемите недолжни жртви кога има криза во односите.

Кинеската статистика покажа дека се зголемил бројот на барања за разводи по стишувањето на состојбата со коронавирусот.

– Останете внатре, не излегувајте од дома. Ова се најчестите пораки што ги слушаме деновиве. Сепак, ваквите „застрашувачки“ времиња, психолошки гледано, имаат потенцијал да ги водат луѓето во заедништво или да ги оддалечат еден од друг. Тоа значи дека, од една страна, партнерите можат да ја согледаат позитивната страна на нивната врска, сфаќајќи дека имаат некој покрај себе на кого може да се потпрат без оглед на тоа каква страшна иднина нè очекува, а од друга страна, доколку партнерите не се согласуваат, тогаш сфаќаат дека тоа не е лицето што може да им го чува грбот, па тоа може да биде тригер кој ќе покаже дека не се во вистинска врска –  вели проф. д-р Софија Георгиевска од Филозофскиот факултет во Скопје, која е и лиценциран психолог и семеен советник.

Таа објаснува дека драматичното време, како што е ситуацијата на криза, има тенденција да ги зголемува емоциите, но и исходите.
– Последните написи што излегоа во медиумите се дека се очекуваат два социолошки исходи од карантинот: зголемена стапка на наталитет и разводи. И тука треба да си го поставиме прашањето: Како самоизолацијата и карантинот влијаат врз брачните односи? – вели професорката.

Да се биде заедно во мал простор

Таа објаснува дека карантинот е стресен – може да има негативни психолошки ефекти, вклучувајќи гнев, збунетост и посттрауматски стресни симптоми. Факторите што го зголемуваат стресот вклучуваат подолго траење на карантин, страв од инфекција, досада, несоодветни набавки на храна, несоодветни информации и финансиска загуба.

Проф. д-р Софија Георгиевска

– Да се биде заедно во мал простор, многу подолг период од вообичаениот, под стресни услови, значи повеќе можности да се засилат и позитивната и негативната динамика на врската. Мојата претпоставка е дека односите што се градени на јаки сили, искреност и доверба, ќе преживеат, па дури и ќе процветаат, додека оние што се карактеризираат со недостиг на комуникација, лоши вештини за преговарање, недостиг на позитивно мислење, најверојатно ќе експлодираат под притисокот што го предизвикува стресот – вели Георгиевска.

Позитивна комуникација

Најголем број од истражувањата во психологијата кои ги проучуваат партнерските релации покажуваат дека односот на позитивните и негативните интеракции за време на конфликтот е клучен – паровите кои имаат повеќе од пет позитивни коментари или гестови за секоја негативна интеракција или настан имаат тенденција да бидат посреќни, објаснува таа.

– Значи, за да преживеат и да напредуваат во текот на карантинот, паровите треба да бараат можности да покажат интерес еден за друг, да се договараат за заедничките одлуки, да искажуваат наклонетост и ценење за она што го прави другиот, но и да покажат емпатија. Сепак, покрај стратегиите фокусирани на одржување на врската, важно е партнерите да се потрудат да ги намалат и нивните индивидуални стресови – додава професорката.

Стратегии за управување со стрес за време на изолација

Проф. Георгиевска издвои неколку стратегии за управување со стрес за време на изолација или карантин. Еве што вклучуваат тие.

Разговарајте за вашите стравови

Паровите  што влегуваат заедно во карантин се слични во одредени активности со паровите што се подготвуваат да живеат заедно и се плашат од интензитетот на заедничкото живеење и последиците. Честопати едниот од партнерите се плаши да биде присилен да споделува заеднички простор, додека другиот е среќен поради промената.
Мојот главен совет не е да го игнорираме стравот, туку да разговараме за него. Многу е важно секој од партнерите да може слободно да ги изразува своите стравови. Покрај тоа, добра е идејата да си дозволат простор и само за себе. Во техничка смисла, ако има доволно простор во станот, препораката е да имате свое интимно катче во кое ќе се сместите кога ќе имате потреба од тишина. Создавањето таква поделба е здрава мерка која овозможува движење помеѓу блискоста и оддалечувањето.

Бидете емпатични

Емпатијата и разбирањето се клучни за паровите и семејствата. Довчерашните обрасци на однесување преку ноќ се променија поради изолацијата и карантинот. Токму поради тоа, потребно е брзо да се воспостават нови јасни поделби на активностите што треба да се преземат во домаќинството и да распределуваат задачи помеѓу паровите и децата. Членовите на семејството треба да се обидат да бидат флексибилни и да бидат подготвени да преземаат поинакви задачи отколку оние што ги имале пред изолацијата. Сепак, овие одлуки треба заеднички да се дискутираат за партнерите да почувствуваат дека распределбата е направена фер и потоа, по неколку дена, да се даде фидбек дали навистина активностите се извршуваат согласно договорот и дали сите се задоволни со таквата распределба.

Активно слушајте

Во време кога се чувствуваме исплашени и под стрес, треба да имаме време за смиреност и да ги слушаме другите луѓе кога зборуваат за своите емоции.
Мажите имаат тенденција да се обидуваат веднаш да ги решаваат проблемите, но психолозите, во ситуација на изолација, повикуваат сите да се фокусираат на слушање без пресуди, евалуирање и оценување.

Создајте карантин во карантин

Сите ние имаме различни потреби, а една од најчестите е просторот. Но, исто така, најтешко е да се даде за време за свој личен простор, кога партнерите се ограничуваат на престој во домот 24 часа на ден. Затоа воспоставете простор во просторот. Најдете некое тивко место во кое ќе се чувствувате пријатно и може да прочитате книга. И, ако ви треба простор, но на вашиот партнер не, проверете дали сте ги задоволиле и неговите потреби.
И за крај, најважно од сè е да сфатиме дека времето е ресурс кој нема цена, па можеби ако научиме да слушаме, се смееме и сакаме, ќе можеме да го претвориме овој нов стрес во наша нова заедничка сила.



912

X