На многу родители им е многу тешко да ги реализираат семејните вечери. Помеѓу децата, обврските и работните распореди на родителите, да се постави вечера на масата за сите заедно да јадат често е предизвик.

Постојат, се разбира, совети за семејствата што се зафатени, како и насоки како да извлечете најмногу од разговорот со вашето дете во текот на вечерата. Од групата на „Фејсбук“ на родителите на „Хафингтон пост“ советуваат како да се изведе сето ова колку што е можно почесто. Голем дел од корисниците ја потенцираат важноста на подготвувањето на оброците. Но, има и други работи на листата.

„Едноставно е. Правиме подготовки за оброкот. Одлучуваме кои оброци ќе ги подготвиме за целата недела. Јадеме заедно пет до шест вечери неделно. Седнуваме на масата без мобилни телефони. Во нашата куќа е возбудливо да се јаде во дневната соба бидејќи никогаш не сме го правеле тоа. Па така, нашите вечери стануваат забавни“ – вели Криси Елис.

„Имам 10-неделна ротација на менито. Во викендите ги составувам рецептите за следната недела, гледам кои намирници ги имам на располагање, а тоа што недостига одам да го купам. Купувам намирници за цела недела. Повеќе готвам домашна храна кога знам однапред што сакам да зготвам, кога ги имам потребните намирници и не треба во текот на неделата да одам до продавница. Како што одминува неделата, почнувате да огладнувате за она што следува како оброк“ – вели Карен Милер.

„Правам план за оброци за цела недела. Одам да купувам намирници во петок и потоа повторно во вторник ако ми се потребни некои свежи работи. Обично правам и по два оброка во една вечер, ако сум многу зафатена деновите, но остатокот од неделата го готвам планираното. Моите деца сакаат да се вклучат, што се надевам дека ќе премине во љубов кон готвењето кога ќе пораснат. Кога седнуваме на маса, нема електронски помагала, но сепак слушаме џез секоја вечер. Тоа нè смирува и уживаме во оброкот заедно“ – раскажува Адриана Ли.

„Планираме оброци и купуваме во текот на викендот. Кој е дома и е најмалку зафатен, околу 17 часот ја презема одговорноста за вечерата. Ако некое од децата има некаква активност, другите сепак седнуваме и јадеме заедно. Безжичен интернет има само помеѓу 18 и 19 часот. Кога бев на факултет, имав работа, а бев самохрана мајка, па ретко јадевме заедно. Но, станував рано и правев појадок и тоа беше нашиот заеднички оброк“ – вели Латиша Озборн Спајс.

„Планираме однапред. Направете го она што можете порано во денот – наместете ја масата, направете салата, направете подготовки според рецептот“ – советува Кети Стејми.

„Готвам во викенд повеќе рецепти како чили, супи, сосови и замрзнувам по една порција и за друга вечер“ – вели Џејми Рос.

„Варива и пикник-оброци се приоритет за да се јаде заедно“ – вели Лорен Бекстин Принтке.

Автор: Кејт Аулета



912

X