Откако во Србија се применува Законот за основите на системот на образование и воспитување, кој ги обврза училиштата да покренуваат прекршочни постапки против родителите поради неоправданите изостаноци на децата, само во Прекршочниот суд во Нови Сад биле поднесени повеќе од 45 пријави. Пропишаните парични казни може да достигнат цифра до 100.000 динари (околу 52.000 денари).
Неодењето на училиште или бегањето од одредени часови учениците се обидуваат да го оправдаат со разни изговори, а има и такви родители кои, без оглед на причината, се подготвени да ги оправдаат учениците. Според правилникот, родителот може да оправда само три дена отсуство, а за подолго отсуство мора да има официјално лекарско оправдување.
Одделенските раководители кај нас во училиштето имаат обврска веќе по 8 неоправдани изостаноци да ги предупредат родителите, да ги повикаат на разговор и да им укажуваат дека може да сносат соодветни последици, кои се предвидени со правилникот – вели Недељко Ѓорѓиќ, директор на Основното училиште „Ѓорѓе Натошевиќ“.
Според законските одредби, родителите се должни во рок од 48 часа да му јават на наставникот зошто детето не оди на училиште, а во рок од осум дена да однесат и официјално оправдување за изостанувањето на детето од настава. Ако не го направат тоа, училиштето ја известува надлежната служба, која поднесува барање за покревање прекршочна постапка против родителот или старателот.
Пропишаната казна за овој прекршок е од 5.000 до 100.000 динари. Ако казната не се плати во рок од 15 дена, паричната казна може да се замени со општествено-корисна работа, казна затвор за родителите или блокирање на сметката.
912