Љубица Димовска, дефектолог, специјален едукатор, рехабилитатор

Љубица Димовска, дефектолог, специјален едукатор, рехабилитатор

е-пошта: d_ljubica@yahoo.com
тел: 072 214 191

Повеќе од авторот

Развојната диспраксија е невролошко нарушување кое настанува како последица од неадекватно интегрирање на дразбите што доаѓаат од сензорните органи за допир, рамнотежа и положба на телото во просторот

Праксијата е комплексна област тесно поврзана со моторната интелигенција. Тоа не е едноставно моторно планирање, туку во себе вклучува идеација (процес на создавање претстави, поими на ниво на централен нервен систем, кој се базира на одделните и формациите што ги добиваме од сетилата и искуството), планирање на текот на акцијата и нејзините поединечни чекори, како и адекватните адаптивни одговори кои се јавуваат притоа. Крајниот резултат е едно целисходно, осмислено движење кое одговара на дадената срединска ситуација и развојната старост на личноста. За да се извршат дури и наједноставните движења како, на пример, качување и симнување по скали, подигање чаша вода за да се напиеме, чешлање итн., во мозокот се создаваат комплексни шеми преку интеграција на дразбите од околината, а кои ги примаме преку сетилата.

Проблем со рамнотежата – еден од знаците

Во секојдневието често се среќаваат дечиња кои на прв поглед се несмасни, незаинтересирано, мрзливи се за учење, имаат проблеми со рамнотежата, па лошо ги изведуваат сите моторни активности поврзани со промена на положбата на телото. Им треба подолго време да научат самостојно да јадат, да се облекуваат, често се удираат од предметите во просторот и ги кршат играчките. Кога кај едно детенце ќе забележиме некои од овие карактеристики, се сомневаме на развојна диспраксија.

Развојната диспраксија е невролошко нарушување кое настанува како последица од неадекватно интегрирање на дразбите што доаѓаат од сензорните органи за допир, рамнотежа и проприоцепција (положба на телото во просторот), што оневозможува да се испланира и изведе едно целисходно движење.

За да се разберат проблемите што настануваат од развојната диспраксија, треба да се познаваат елементите и секвелите на нормалната праксија (невромеханизми)

Праксијата започнува со насочување на вниманието кон некоја промена во средината. Откако ќе се забележи промената, на сцена стапува провокацијата, возбудувањето. Ова значи дека детето забележало што се случува и е испровоцирано да собере повеќе информации, или се става во состојба на алертност, на свесно ниво. За кратко време се намалува нивото на свесно насочување на вниманието за сметка на сензорната сензитивност и детето автоматски, несвесно одлучува кои информации му се важни, а кои не (дискриминира небитни дразби).

Откако вниманието е насочено, селекцијата на важни сигнали е завршена, тие во мозокот се обработуваат и интегрираат, или се воспоставуваат неврални модели, кои овозможуваат да се премине во фаза на идеација, или да се направи план за движење. Во текот на овој процес се прават дополнителни контроли, доколку има потреба од уште некои информации важни за движењето. Во овој момент почнува праксијата.

Тоа што е порано научено се збогатува

Првиот невромеханизам на праксијата има цел од feed-forward или предвидување на активноста да се дојде до појдовна точка на организирање на движењето. Во овој момент се преиспитуваат старите познати шеми на движење, се проверува дали се соодветни да се употребат во новонастанатата ситуација или треба да се вметнуваат нови елементи во нив. Предвидувањето на активноста има удел во ефикасноста на движењата затоа што старите моторни шеми ги применува на несвесно ниво и по потреба ги збогатува со информации од актуелната ситуација, односно тоа што е порано научено го збогатува и проширува. Ова го прави движењето поефикасно и полесно, за разлика од движењето што се изведува првпат.

По feed-forward ЦНС испраќа првична команда до повисоките кортикални центри со која се најавува дека ќе започне движење. Тука се појавуваат два значајни механизми, а тоа се аферентен мониторинг и ефект на ослободување, чија цел е пред самото започнување на движењето, самиот организам да си направи проверка дали претходните искуства одговараат на оваа ситуација или е потребно да се направат корекции. Ова е процес на внатрешна контрола. Комбинацијата меѓу feed-forward и ефектот на ослободување е основа за ефикасно учење кое ги комбинира претходно научените за создавање нови шеми на движење, за разлика од повторно учење на едно исто движење и воспоставување на feed-back само по настаната ситуација. Во секојдневниот живот ова значи дека доколку детето при возење велосипед наиде на препрека на патот, feed-forward механизмот и ефектот на ослободување кај него ќе создадат нова шема на движење, или маневар за избегнување на пречката, за разлика од feed-back механизмот кој ќе се јави откако детето ќе падне поради пречката и кај него ќе се јави задоцнета идеја дека требало да ја заобиколи.

Откако ќе почне движењето, се појавуваат внатрешни повратни спреги. ЦНС сфаќа дека веќе телото се движи и почнува активно да ги споредува и приспособува претходните искуства со новата ситуација. Се прави проверка на невромоторните модели и по потреба се менуваат во текот на движењето. На пример, ако се затвора вратата на лифтот, се праќа сигнал дека треба да се забрза чекорот.

На крај се јавуваат надворешните повратни спреги или откако е направено движењето, ЦНС се преиспитува дали е или не е постигнат саканиот ефект или адекватниот одговор (упс, паднав, каде згрешив итн.).

Овој процес трае многу кратко, неколку милисекунди, и се складира во меморијата како неврален модел на движење, спремен за идно користење.

Терапевтот да процени на кое ниво од процесот настанала пречката

На ваков начин, со правење ментален план или идеација, ориентирање и извршување на моторната команда, имаме активно градење на неврални шеми на движење. Овој процес е бавен, но остава трајни неврални модели кои можат да се комбинираат и надградуваат во наредните ситуации во кои ќе се најде детето. Доколку постои закажување на овој првичен процес, единствени механизми што ќе влијаат врз движењата ќе бидат feed-back и срединските механизми. Тоа би значело дека детето постојано ќе паѓа на една иста пречка, истата пречка нема да ја препознава во други ситуации или накратко, ќе учи по пат на обиди и грешки. Дури и со долготрајно увежбување на една иста активност, може да постигне успех, но само во неа, не и да ја унапреди генералната способност за координација или да направи трансфер на некое ново учење.

Целта на терапевтот е да го олесни активниот одговор на детето, со цел да изгради неврален модел.
За да го постигне тоа, тој прво треба да процени на кое ниво од процесот е настаната пречката:

– Ако е на ниво на регистрирање, провоцирање и алертност, тогаш детето можеби и не ја забележува пречката во просторот, не реагира на неа, не се појавува кај него потреба за движење. Или, пак, премногу и непотребно е фиксирано на една дразба, така што на сè друго околу не обрнува внимание (типично за аутистичните деца). Во вакви случаи, терапевтот треба да дејствува со зголемување или намалување на интензитетот на дразбата до ниво кое е приемчиво за детето, да работи на ориентација во просторот, заедно да развиваат разни моторни шеми, како и да ги приспособи средината и задачите на развојното ниво на детето.

Што треба да прави

– Проблемот може да се јави на ниво на разбирање на потребата за план од страна на детето. Тоа ја забележува промената, се јавува возбуда и алертност, но не сфаќа што треба да направи. На пример, кај дете што се лула на лулашка, ако фрлиме топка кон него, очекуван адаптивен одговор е да ја клоцне назад, да ни ја врати. Кај диспраксичните деца тоа не е случај, топката ги погаѓа, поминува покрај нив, а тие не прават никакво движење. Во овој случај, терапевтот треба да внесува информации преку другите сетила, за сите заедно да влијаат врз ЦНС да развие адаптивен одговор. На пример, дете со слаб мускулен тонус не може да одржува рамнотежа на нестабилна подлога (лулашката) и истовремено да направи движење со ногата за да ја шутне топката. Кај него се изведуваат вежби за јакнење на мускулниот тонус (трамбулина), му се аплицира засилен импут на зглобовите на рацете и на нозете, како и по должина на ‘рбетот, за да се зголеми влезот на информации од сензорите кои му кажуваат во која положба му е телото и кое движење треба да го направи.

Иако праксијата се смета за најважна во процесот на изведување целисходни моторни активности, терапевтот преку рамките на сензорната интеграција ги набљудува и другите процеси, како што се: сензорната дефензивност, рамнотежата, способностите за перцепција на простор и форми, однесувањето, академските способности, јазикот и артикулационите способности, емоциите и степенот на активност и самоконтрола.



912

X