Информациите што ви ги нудиме во продолжение се генерални информации од кои придобивки може да имаат децата од сите возрасти.
Потребно е да знаете дека не треба да ги применувате сите стратегии наеднаш, ниту пак да очекувате вашето дете да знае да прави сè. Ова е процес и овие информации треба да ги воведете кога ќе почувствувате дека вашето дете е подготвено.
Фото:Pixbay
1. Читајте му на вашето дете
Учењето да чита е вистински процес кој почнува уште од самото раѓање на детето. Кога ќе се вратите од болница, веднаш почнете да му читате на вашето дете. Не само што ова ќе биде одличен момент за зајакнување на вашиот однос туку и ќе му всадите љубов кон книгата. Уживањето во читањето е еден од најголемите предвесници за успех во читањето на училишна возраст. Ако децата не научат од рана возраст да уживаат додека читаат, тоа веројатно ќе ја попречи нивната способност.
Колку ќе му читате на вашето дете, зависи од вас и од вашето семејство, но целта е да читате 3-4 сликовници на ден, додека вашето дете е малечко. Како што ќе расте, дајте си цел да читате заедно најмалку 20 минути секој ден.
Ова се неколку предлози за тоа какви книги треба да читате со вашите деца.
Од раѓање до 1 година – Приспивни песни, книги со вистински слики, книги од платно, книги со песни
од 1 година до 3 години – Книги со песни во кои има рима, книги со кратки приказни
од 3 години до 5 години – Буквари, книги со песни, сликовници, книги со песни во кои има рима
2. Поставувајте прашања
Поставувањето прашања додека му читате на вашето дете не само што е одлично за охрабрување на детето да комуницира со книгата туку е и многу ефективно во развивањето на неговата способност да сфати што чита.
Додека вашето дете сè уште е бебе, поставувајте прашања како „Дали ја виде мачката“, посочувајќи ја сликата со мачката. Ова ќе го развие неговиот вокабулар и ќе го охрабри да комуницира со книгата што ја чита. Како што ќе расте, потребно е само да ги посочува работите во книгата и да ги имитира звуците од животните што ги гледа.
Кога ќе стигне на 2-3-годишна возраст, почнете да го прашувате пред, за време и по читањето на книгата. Покажете му ја насловната страница од книгата и прашајте го што мисли дека ќе се раскажува во книгата. Додека читате, прашајте го што мисли дека ќе се случи или зошто мисли дека ликот го направил токму тој избор. Ако ликот покажува силни емоции, идентификувајте ги емоциите и прашајте го дали некогаш се чувствувало така. На крајот од книгата прашајте го дали неговите предвидувања се исполниле. Потоа прашајте го дали се сеќава што се случувало во книгата.
3. Бидете добар пример за читање
Дури и ако вашето дете е фасцинирано од книгите уште од рана возраст, неговата фасцинација ќе избледне ако не гледа дека вие читате во вашиот дом. Ако не сте страстен читател, направете напор да ве види како читате барем неколку минути секој ден. Читајте што било – магазин, книга со рецепти, Библијата… Важно е на вашето дете да му покажете дека читањето е нешто што дури и возрасните треба да го прават.
4. Прикажете ги буквите во природна средина
Искористете ја вашата имагинација и прикажете му ги буквите од азбуката со различни материјали. Декорирајте ја неговата соба со дрвени букви, букви од хартија и слично. Со тоа имате одлична можност да му ги доближите буквите и да му го олесните учењето.
Исто така, формите на зборовите можете да ги барате во природата, во вашиот дом и насекаде околу вас.
5. Воведете повеќе домени на развој
Децата најдобро учат кога се вклучени повеќе сетила или области на развој. Тоа е причината зошто децата повеќе учат кога прават нешто практично. Откако вашето дете ќе покаже интерес за буквите, почнете да воведувате активности кои вклучуваат што поголем број сетила.
Постојат неколку начини за вклучување повеќе домени на развој во однос на препознавањето на буквите и развивањето на способноста за читање. Активностите поврзани со азбуката му овозможуваат на вашето дете да ги научи формите на буквите и нивниот звук додека ги користи моторните вештини при сечењето, лепењето и создавањето.
Фото:Pixbay
6. Класификација на жанрот
Откако вашето дете ќе наполни 5 години и ќе ја знае разликата помеѓу реалното и нереалното, можете да му помогнете да разбере неколку жанрови на книги додека читате заедно. Иако се чини комплицирано, не е така. Постојат пет различни жанрови на детски книги. Секако, подобро би било да го користите зборот „вид“ отколку „жанр“ бидејќи е полесен за помнење.
– Научна литература (вистински приказни или факти за животните, местата, луѓето и сл.)
– Фантазија (измислени приказни полни со магија, животни што зборуваат и сл.)
– Реалистична фантазија (измислени приказни кои би можеле да се случат во животот бидејќи ликовите и ситуациите би можеле да бидат реални)
– Буквари
– Книги со песни.
Кога децата класифицираат книга во одреден жанр, тие прво мора да ја сумираат книгата во нивната глава и да се потсетат на деталите. Тогаш треба да ги искористат информациите за да се одлучат на кој жанр ѝ припаѓа книгата. На крај вашето дете ќе може да се сети на деталите од другите книги од истиот жанр и да направи поврзување на две книги од ист жанр.
7. Семејства на зборови
Едноставно кажано, ова се зборови што се римуваат и е важно вашите деца да ја научат оваа фонолошка активност бидејќи ќе им помогне да научат одредени модели во читањето и да почнат да „читаат“ групирајќи неколку букви во еден збор.
Откако вашето дете ќе почне да го препознава зборот „четка“, тогаш ќе има предност да ги чита зборовите што се римуваат со овој збор (тетка, ретка) бидејќи се менува само една буква.
8. Декодирање
Декодирањето е важен елемент во учењето на вашето дете да чита, но не и најважниот. Откако вашето дете ќе ги препознава звуците што следуваат со секоја буква, тогаш тоа е подготвено да почне со составувањето на зборовите.
Откако децата ќе ги декодираат зборовите со поголема фреквенција, тие ќе станат подобри во автоматското идентификување на зборот. Ова некогаш е мачна задача, меѓутоа, е важно да се пронајдат креативни начини за да биде забавно учењето.
9. За крај
Веројатно забележавте дека не постои магична формула за тоа како да го научите вашето дете да чита. После сè, секое дете учи на различен начин. Откако ќе ги поминете овие чекори, немојте да очекувате дека вашето дете вешто ќе чита. Овие чекори обезбедуваат информации за тоа како да ја поттикнете свеста за читање кај вашето дете.
Ова се некои предлози што можете да ги практикувате секој ден врз основа на стратегиите споделени погоре.
– Читајте му на вашето дете секој ден!
– Прашувајте го пред читањето, за време и по читањето.
– Потребно е вашето дете да гледа дека и вие читате.
– Барајте ги зборовите во средината што ве опкружува.
– Кога детето ги учи буквите, вклучете колку што можете повеќе сетила.
– Читајте различни книги и направете игра во која детето ќе го погоди жанрот.
– Забавувајте се римувајќи.
– Најмногу од сè, забавувајте се заедно.
912