Дали би го пуштиле своето тригодишно дете само на неколкудневно патување со групата од градинка? Во соседна Србија децата имаат по неколку вакви патувања во текот на годината и може да се пријават и деца на двегодишна возраст. Ние, како земја, не сме многу либерални околу ова прашање. Нашите деца првпат одат самостојно на неколкудневно патување дури во шесто одделение, на 11-годишна возраст. Градинките воопшто не нудат вакви аранжмани, освен еднодневните излети во зоолошка градина, излет во природа или некоја детска претстава.

Елена П., Македонка која живее во Белград, ни објасни дека не само што нејзиниот 2,5-годишен син одел сам и по неколку дена на патување со децата од градинка, а постои можност и еден викенд во неделата да преспие во установата.

– Во приватната градинка во која оди мојот син програмата е приспособена на Монтесори-моделот. Акцентот е на поттикнување на индивидуалноста на децата и осамостојување од мали нозе. Покрај вообичаените зимување и летување, се практикува патување и во есен и пролет кога децата одат на неколкудневна посета на некоја фарма, планински домови, салаши и сл. Интересно е што во таквите активности може да се вклучат и деца од две години, па дури и помали. Настрана од ова, децата еднаш неделно одат на организирани посети на музеи, јавни установи, зоолошка градина, кино, театар – вели Елена.

Ноќевање во градинката во текот на викенд е уште една поволност што ја имаат српските градинки. Така родителите ќе имаат време за себе, а децата се учат на самостојност. Ова особено е корисно за брачните парови кои немаат каде да го остават детето на чување, како што е примерот со Елена и нејзиното семејство. Таа ни објасни дека во Србија немаат баби или дедовци кои може да им го чуваат детето преку викенд.

– Еднаш во месецот има викенд-ноќевања со тематска забава, на пример, цветен карневал, палачинкијада, раскажување бајки, маскенбал, изработка на украси, народни песни и ора, костимирани забави, театарски претстави, музички концерти. Сето ова, плус дополнителните спортски активности, нуди богата програма која може да се адаптира на интересните и омилените места на секое дете – вели таа.

Ваква практика во Србија постоела отсекогаш. Четириесетгодишниот Бранимир Ѓокиќ, кој има четири и полгодишен син и двегодишна ќерка, вели дека синот само што се вратил од седумдневен одмор на планината Тара. Децата биле сместени во детско одморалиште, а тој навистина се вчудовиди кога слушна дека ваква практика нема во Македонија.

– Дури и јас сум одел на вакви патувања од градинка. Моите првпат ме пуштиле на две и пол години. Инаку, децата патуваат во лето и напролет, а се плаќа на рати и е многу поволно. Децата уживаат, дишат чист воздух, си играат, добро е за стекнување самодоверба и за осамостојување – вели Ѓокиќ.

Нашите деца, за разлика од оние во Србија, првпат на организирано неколкудневно патување одат во шесто одделение. Наставничката Татијана Блажевска вели дека некои родители и на таа возраст не ги пуштаат децата сами. – Не верувам дека кај нас некој би пуштил дете само на организирано патување на претшколска возраст. Верувајте, има многу деца што ниту во основно училиште не ги пуштаат на екскурзиите, па првпат одат сами во средно. Инаку, секако дека е добра практика, но треба многу посериозна организација, повеќе кадар да оди со нив на патувањето. Наставничките во градинка едвај се справуваат со децата бидејќи е една на 20 деца. Треба убаво да се разработи како концепт, да се видат практиките во другите земји – вели Блажевска.

Информацијата првично е објавена на Факултети.мк



912

X