Повеќе од половина од основните училишта во Скопско не се инклузивни на начин на кој Законот за основното образование тоа го предвидува, односно немаат вработено образовни и лични асистенти за поддршка на децата со попреченост. Во мал број училишта има вработено специјални едукатори и рехабилитатори за поддршка на децата со попреченост, но загрижува фактот што нивното вработување е на ниво на проектна активност.
Ова го истакна заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа на денешната промоција на Извештајот за остварување на правото на образование на децата со посебни образовни потреби, подготвен од тимот за мониторирање на остварување на правото на образование на децата со посебни образовни потреби, по повод Меѓународниот ден на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.
Васка Бајрамовска-Мустафа/ Фото: Народен правобранител
Во 84 основни училишта во скопскиот регион, кои одговориле на извештајот, во новата учебна година се запишале 1.236 деца со попреченост, а најголемиот дел од децата со попреченост се со лесна попреченост во развојот и деца што имаат аутистичен спектар на нарушување, но податоците говорат дека и другите видови попреченост се застапени во редовното образование.
Проблем е, како што наведува Бајрамовска-Мустафа, што не се сите основни училишта инклузивни на начин на кој тоа го предвидува Законот за основното образование, а во моментов општините не се подготвени да им излезат во пресрет на барањата на сите родители што имаат наод и мислење за попреченоста на детето кое има потреба да биде вклучено во редовното образование, и на кое ќе му треба соодветна поддршка.
Законот за основното образование стапи во сила во септември годинава и се применува во новата учебна година, но според заменик-народниот правобранител, проблем е што во Законот нема јасни и прецизни одредби за тоа како инклузијата навистина да се случи.
Според неа, позитивно е што во Законот се зборува за ученици со посебни образовни потреби, што е погенерално од ученици со попреченост, бидејќи, како што појасни, учениците со попреченост се само една од групите што спаѓаат во деца со посебни образовни потреби, тука спаѓаат и деца што имаат несоодветно однесување, или децата кои потекнуваат од средини каде што има потреба да се работи со нив.
Фото: Архива
– Недостаток е и што училиштата немаат обезбедено посебни наставни материјали. На пример, имате дете вклучено во редовен образовен процес кое има проблеми со видот или е слепо, а нема соодветни наставни материјали за следење на наставниот процес. Од друга страна, нема ниту вработен кој ќе може да му помогне на детето – наведе Васка Бајрамовска-Мустафа.
Народниот правобранител Иџет Мемети, кој имаше свое излагање на денешната промоција на Извештајот, рече дека на попреченоста не треба да се гледа како на недостаток или болест на лицето.
912