Борјана Јанакиева-Заева, психолог

Борјана Јанакиева-Заева, психолог

Здружение за развој, едукација и психолошко советување „Круг-про“
Место за развој ,едукација и советување

Повеќе од авторот

Многу е важно заедничкото учење на детето со родителите низ игра, а секој заеднички момент е можност за спонтано и ненаметливо учење

Поаѓањето во училиште е секако голем настан како за детето така и за целото семејство. Како секоја промена, и тоа бара нова организација и поделба на одговорноста во семејството. Детето треба да одговори на повеќе нови барања. Тоа мора да се приспособи на нови правила на однесување, да седи на едно место подолго време, да следи одредена активност докрај, неговата способност за учење и извршување на задачите постојано се проверува. Така што, тоа е прва проверка на социјалните, емоционалните, интелектуалните и другите способности кај детето. Од тие први денови во училиште неретко и во голема мера зависи успешноста во неговото понатамошно учење. Па оттука и важноста да се посвети внимание на подготовката на детето за училиште, а особено на влијанието на социјалната и емоционалната подготовка.

Во периодот пред поаѓање во училиште се јавуваат и многу стравови, најмногу родителски, дури и во вид на паника, кои лесно се пренесуваат на децата. Тогаш постои голема можност и детето да се вознемири, па тоа да ги оневозможи подготовката и поаѓањето во училиште, кое би требало да биде голема семејна радост. Затоа е важно да се помогне, за да му се олесни стартот на детето во таа нова животна ситуација.
Ме радува фактот што во последно време имаме доста родители кои навреме бараат совети и насоки за што пофункционална подготовка на детето за училиште.
За подготвувањето за училиште често постојат дилеми: Кога да се почне со подготовка? Дали децата се подготвуваат за училиште последната година пред почетокот на училиштето и што значи подготвеноста на детето за да тргне во училиште? Дали тоа значи да ги знае веќе буквите, дури и да знае да чита и да пишува, да пресметува…

Секако дека детето за поаѓање во училиште најинтензивно се подготвува последната година во градинка, но на некој начин подготовката за училиште почнува многу порано, уште од раѓањето. Затоа што многу е поважно да се поттикнува социо-емоционалниот развој кај детето, да ја развива позитивната слика за себе, самостојност, дисциплина, да остварува социјални контакти, да соработува во група, да биде упорно…, а тоа се стекнува подолго во текот на претходните години, не само непосредно пред поаѓање во училиште.
Многу родители подразбираат дека подготовката за училиште треба да опфаќа учење да се чита, пишува, пресметува и сл. И се случува да ги форсираат децата на тоа, што сметам дека не е неопходно. Бидејќи детето тргнува на училиште за таму да почне да учи да чита, да пишува и да решава обични математички операции. Детето кое е емоционално компетентно, ќе може лесно да се стекне со нови и посложени знаења и вештини понатаму и да напредува во учењето, и ќе му биде полесна адаптацијата воопшто.
Важно e детето да има развиено интерес за книги, кои ќе ги разгледува самостојно, ќе ги слуша додека му ги читаат. Важно е да може да ги изговори сите гласови правилно, да може да ги препознае предметите и настаните кои се прикажани во книгата, да ги поврзува и да ги раскажува. Да знае да препознае односи меѓу величините (големо – мало, долго – широко, под – над), како и просторни односи (близу – далеку, лево – десно, одзади – напред), временски односи (брзо – бавно, долго – кратко, да разликува утро, пладне, вечер). Да брои до 20 механички, да ги разбира поимите на класификација по боја, облик и сл. Да се развиени графомоторните вештини како, на пример, правилно држење на моливот, повлекување јасни линии, поврзување, правилно прецртување. Сметам дека тоа е нешто што сите претшколски деца го вежбаат во градинка преку соодветни работни листови, боенки или детски списанија, преку игра со пластелин, со тесто, нижење мониста на врвка, сечење со ножички и сл.
Но, многу важно, дури и најважно, е заедничкото учење на детето со родителите низ игра. Секој заеднички момент со децата (во маркет, на пазар, при прошетки, возење, средување…) е можност децата да учат, спонтано и ненаметливо, нови информации и зборови, и да ги поврзуваат новите и старите сознанија. Притоа треба да се поттикнува детето на разговор, да зборува правилно, гласно, разбирливо, со цели реченици. Да му се покаже дека треба да се заблагодари кога нешто ќе добие, да се извини ако згрешило, да замоли кога бара, активно да слуша, да не ги прекинува другите. Така преку разговор детето се стекнува со вештини за комуницирање. Чувствата и доживувањата треба да се изразуваат и споделуваат вербално, исто така. Затоа е потребно децата да се вклучуваат колку што може повеќе во секојдневните активности. Да играат со родителите друштвени игри, со што се поттикнуваат вниманието и помнењето, усвојување правила и поднесување неуспех. Да се осамостојуваат во грижата за себе (облекување, миење и бришење рачиња, одење во тоалет, самостојно јадење и правилно користење на приборот за јадење), да научат на која адреса живеат, да си го знаат презимето. Треба да создадат навика за навремено легнување, без притисоци. Исхраната на детето да биде разновидна и здрава е исто така важно.

Со оглед на тоа дека врз развојот на самопочитувањето и позитивната слика за себе влијаат постапките на родителите, позитивна слика за себе и високо самопочитување ќе имаат оние деца чии родители покажуваат реални очекувања (ниту превисоки ниту прениски), кои го прифаќаат детето онакво какво што е и му даваат чувство дека е вредно и способно. Оние деца чии родители се доследни во постапките, јасни, постојани и усогласени. Да не заборавиме, на детето треба да му се даде насока што и како да направи. Од друга страна, критикување и омаловажување преку незадоволство од работата на детето, потоа претерано контролирање и наредување или претерана попустливост без поставување граници и насоки, не се патот кон здрав развој и ќе доведат до ниско самопочитување. А, дете со ниско самопочитување има ниска самодоверба, и тоа дете во иднина ќе се плаши да почне некоја активност бидејќи нема да верува во себе.

Исто така, важно е родителите да имаат заеднички и позитивен став кон училиштето. Не треба училиштето да биде закана за детето, од типот „кога ќе тргнеш во училиште нема толку играње“ и сл.
Детето треба да знае реално што се прави во училиште. Не е потребно ниту да се идеализираат училиштето и наставниците, а тоа значи да му се каже на детето дека и таму постојат правила како што постојат секаде, дека и таму може да има и пријатни и помалку пријатни моменти, потешки и помалку тешки задачи. Но, никако да се омаловажуваат училиштето и учењето. Така и детето ќе изгради негативен став кон училиштето и тоа не води кон добар почеток. Пожелно е детето да го разгледа и запознае училиштето пред да почне училишната година.

Предучилишните деца имаат потреба и од различни облици на физичка активност, дома и надвор од домот. Затоа е добро да бидат вклучени во групи заради спортски активности, кои ја подобруваат психофизичката подготвеност кај децата, или други групни активности, бидејќи за адаптација на детето во училиште, важно е да има мотивирачка околина во која ќе се поттикнуваат стекнување нови искуства, активност, љубопитност, игра и творење. На тој начин детето ќе стекне особини, способности и вештини потребни за успех во училиште.

Значи, детето што подготвено поаѓа во училиште, треба да има развиено:

  • Позитивна слика за себе;
  • Да биде самостојно, да знае да се грижи за себе;
  • Да знае и да сака да помага и да побара помош;
  • Да умее да почитува правила;
  • Да е љубопитно и да сака да учи;
  • Да знае да се гордее со успехот и да може да поднесе и неуспех;
  • Да може да го заврши тоа што го започнало, да има развиено волево насочување на вниманието;
  • Само така ќе му биде полесно приспособувањето на новата средина и прифаќањето на различните обврски и одговорности.

Препорачувам непосредно пред поаѓање во училиште, летниот период, родителите што имаат идни првачиња да го искористат во пријатни заеднички активности со своето дете и да покажат, освен љубов, колку што може поголема доверба и трпеливост кон детето. Бидејќи тоа е важен и многу убав период за детето и за целото семејство. Да го стават во позиција детето да биде колку што може посамостојно, да разговараат, односно да ги планираат со детето промените што ќе се случат со поаѓањето во училиште, да го поттикнуваат на активности со други деца, да го организираат работниот простор заедно, да набават училишна чанта и прибор и др.



912

X