Гледањето деца во Америка е многу различно отколку кај нас и тоа уште во фазата на водењето на бременоста. Тука не одите на ехо секој месец, не ве тераат на ПРИСКА и 4Д-скринизни ако нема потреба за тоа. Докторите се трудат да ве оддалечат од ординациите колку што можат повеќе, така и вие ќе бидете поопуштени. Ако бременоста не е високоризична, одите на доктор 3-4 пати во текот на тие 9 месеци и тоа е сѐ. Тука луѓето не се тресат за сѐ и сешто како кај нас. Децата не се носат на лекар за секаква ситница, објаснува Снежана

Снежана Стефановска-Шулц

Таа беше меѓу ретките жени спортски новинари на нашите телевизиски екрани. Снежана Стефановска-Шулц во последните четири години живее во САД. Повеќе не се занимава со новинарство, сега има сосема нова професија – таа е професионален војник и работи на Факултетот за офицери при Универзитетот во Илиноис, Чикаго.

Снежана е мајка на двете близначиња Миа и Дени, кои имаат по три години. Со неа поразговаравме за предизвиците во новата средина, за мајчинството во оваа земја и за специфичната професија.
Признава дека жали што го напуштила новинарството.
– Во последните четири години живеев во неколку различни држави, прво во Кентаки, па во Пенсилванија, сега сум во Илиноис, Чикаго. За жал, морав да го напуштам новинарството. Конкуренцијата тука е многу голема. Јас сум странец и поради акцентот што го имам, другите кандидати секогаш ќе имаат предност. Сепак, се работи за телевизија. Бидејќи отсекогаш работев во телевизија во Македонија, не се ни потрудив да побарам работа во печатен медиум тука. Инаку, новинарството многу ми недостига. Секогаш велам дека новинарството е мојата прва љубов и се надевам дека еден ден повторно ќе му се вратам – вели Стефановска-Шулц.

Снежана со колегите

Брзо се приспособила на новата средина. За неа, Америка е убаво место за живеење, а посебно ги издвојува поголемите градови.
– Во помалите места луѓето се поконзервативни и не се многу пријателски настроени кон имигрантите, но во големите градови е многу поинаку. За среќа, во Чикаго има многу Македонци, па за брзо време запознав многу пријатели кои се секогаш тука за сѐ што ми треба.

И гледањето деца во Америка е многу различно отколку кај нас, и тоа уште во фазата на водењето на бременоста.
– Тука не одите на ехо секој месец, не ве тераат на ПРИСКА и 4Д-скринизни ако нема потреба за тоа. Докторите се трудат да ве оддалечат од ординациите колку што можат повеќе, така и вие ќе бидете поопуштени. Ако бременоста не е високоризична, одите на доктор 3-4 пати во текот на тие 9 месеци и тоа е сѐ. Тука луѓето не се тресат за сѐ и сешто како кај нас. Децата не се носат на лекар за секаква ситница – објаснува Снежана.

Таа објаснува и дека во градинка децата некогаш ги примаат со температура, освен ако не станува збор за некој вирус што е пренослив. Децата се слободни да играат во песок, да лазат по улица.

– Во Македонија „здравата исхрана“ стана голем тренд. Многу мајки се против купечки кашички. Тука мене лично педијатарот ми препорача да почнам со кашички од маркет кои се адаптирани за возраста на секое дете. Има многу програми и спортски активности уште од најрана возраст. Со пливање може да се почне уште од 6-7 месеци, постојат и часови за музика од 9-10 месеци. Во градинка имаат разни активности. Имаат час по шпански, јога. Децата одат надвор по 15-30 минути дури и кога температурата е -10 степени. Културата е поинаква тука, па така и растењето деца е поразлично отколку кај нас – вели Стефановска-Шулц.

Снежана со сопругот Бен и близначињата Миа и Дени

Таа ѝ се приклучила на војската на САД… Во 2018 година завршила мастер-студии за спортски менаџмент.
– Од мај до септември истата година се обидував да најдам работа во областа, но безуспешно. Тогаш зборував со регрутер кој работи за војската на САД и тој ми предложи да се приклучам бидејќи ќе имам многу можности. Тоа не беше лесна одлука бидејќи пет месеци бев на тренинг далеку од дома и од децата. Но, поради сите можности и бенефити што ги нуди војската тука, решив да го прифатам предизвикот и не згрешив. Беше многу тешко да бидам далеку од децата, но татко ми беше тука и му помогна на мојот сопруг Бен со децата. Така тие не го почувствуваа толку многу моето отсуство. Војската е одлична средина. Нема поделби на пол, раса, националност. Сите сме еднакви. Сите заработуваме иста плата (врз основа на ранг). Постои големо другарство, запознав луѓе што ќе ми бидат другари засекогаш – вели Стефановска-Шулц и додава дека од следниот семестар планира да започне докторски студии за разузнавање (Intelligence studies) и сака да работи со федерални агенции.

Војската нуди многу бенефиции за војниците и нивните семејства

Признава дека воопшто не е лесно да се биде и војник и мајка, особено затоа што имаат тренинзи далеку од дома. Но, вели дека најтешкиот дел поминал.

– Сега е полесно да се организирам. Веќе се навикнав да станувам секое утро во 4 часот и денот да го почнам со физички активности. Секој ден вежбам барем по еден час, бидејќи за да останам во војската, морам да ја задржам добрата физичка форма. Во овој период немам многу секојдневни обврски со војската бидејќи сум дел од националната гарда на Илиноис. Но, набрзо очекувам да добијам цело работно време со војската како активен резервист. Бенефити има, и тоа многу. Со самото приклучување добив средства за школување на децата. Да се покријат студиите тука не е мала работа и чини многу пари. Здравствено осигурување, олеснителни околности за купување дом, осигурување за возило, дури и купување гардероба, за сето ова имам попусти и бенефиции. Среќна сум што станав дел од војската, не само поради бенефициите, туку и поради сето она што секојдневно го учам од поискусните од мене – вели таа.

Снежана признава дека Македонија многу ѝ недостига, најмногу семејството и пријателите.
– Бидејќи сум голем вљубеник во спортот, ми фали да го бодрам мојот КК „Работнички“ и да бидам дел од фантастичната атмосфера кога игра РК „Вардар“. Двапати европски прваци, а јас двапати не можев да ја почувствувам таа атмосфера. Ми фалат прошетките во парк, кафето со другарите, но и времето поминато со колегите во „Алфа ТВ“, но и во „Рамбл“, компанијата за која работев откако си заминав од ТВ. Ми фали моето Скопје и секогаш кога доаѓам дома, кога авионот слетува во Скопје, чувствувам посебна возбуда и радост бидејќи се враќам дома. Колку и да е убав животот тука, колку и да ти овозможува просперитет, дома си е дома и покрај сите недостатоци што ги има – признава Снежана.



912

X