Ви доаѓаат гости со деца. Почнуваат да играат со коцки, додека вашите дивеат, трчаат, се бркаат и се многу гласни. Кога ќе ги повикате да дојдат да вечераат, гостите седнуваат на маса, а вашите деца имаат илјада изговори зошто не сакаат да го направат тоа. Доколку ги опишувате вашите деца, би рекле дека се тврдоглави, упорни, сакаат да се инаетат и да се бунтуваат, секогаш имаат нешто да додадат или да кажат. Тврдоглави се до бескрај и често ве вадат од такт.

Добри се во расправиите. Кога нешто не сакаат, тие образложуваат зошто е така. Кога нешто ќе ги замолите, тие ќе ви ги дадат вистинските факти зошто не можат да го направат тоа. Што е најлошо, главно се во право. Ситуацијата ви ја поставуваат на таков начин што вие мора да размислите како да се извлечете.

Дали послушноста е најважна во односот родител-дете?

Одлучни се, храбри, решителни. Не сакаат да го прифатат мислењето на другите, додека самите не дојдат до потребните информации и сознанија. Знаат дека имаат „право“ за ова или она. Не ги прифаќаат наредбите од другите и на тоа се особено алергични. Уште од мали бараат да ги почитувате и дури тогаш можат да почнат разговор на која било тема. Тешки се за воспитување и со нив ништо не е едноставно. Дали имате вакви деца? Дали мислите дека послушноста е најважна во односот родител-дете? Доколку е така, тогаш имате голем проблем. Ваквите деца не сакаат наредби и повеќе би реагирале на соработка и разбирање отколку ако ги ставите пред свршен чин. Треба да им се остави можноста за избор. Кога подобро ќе размислите, послушните лица од страв ќе го направат тоа што им е побарано, па дури и ако тоа не е добро или морално. Децата со силен карактер нема да го направат тоа. Затоа, двапати размислете какво дете воспитувате и што е тоа што навистина го сакате.

Доколку сакате детето да има став и мислење, прифатете го фактот дека воспитувањето ќе ви оди значително потешко. Многу е важно да порасне во лице кое умее да одреди кому може да му верува, а не сè да извршува по наредба. Прифатете дека контролата со овие деца ќе оди многу потешко. Подобар ефект ќе постигнете доколку ги учите од сопствените грешки и искуства. Погрижете се да бидете присутни, да создавате блискост и поврзаност бидејќи тоа е единствениот начин да им пријдете.

Постои разлика меѓу безобразие и силен карактер

Пуштете ги да бидат самостојни во тоа што можат да го направат сами. На тој начин нема да чувствуваат дека сè е во ваши раце и ќе сакаат да соработуваат. Изборот секогаш треба да им биде при рака. Наместо да им речете да облечат жолти сандали, вие понудете им уште еден пар чевли. Тие тогаш имаат чувство на контрола и одговорност, а вам секојдневието ќе ви биде полесно. Не поставувајте ја ситуацијата на тој начин што ќе ви биде важна победата. Доколку победите со вакво дете, знајте дека сте успеале да му го скршите карактерот и дека сте го осудиле вашиот однос на неуспех. Сигурно не го сакате тоа. Детето може да го направи тоа што го барате од него, но притоа мора да има чувство дека ги вреднувате неговите потреби, чувства и мислење.

Не размислувајте од денес за утре. Размислете што е важно и што би сакале да го научите вашето дете. Прифатете дека детето не може денес да биде послушно без ниту една замерка и забелешка, ако сакате утре да има свој став и да го изнесе таму каде што треба.

Научете да правите разлика помеѓу безобразие и силен карактер. Детето со силен карактер ќе ви се обрати со многу почит, иако ќе ви се спротивстави ако има различен став. Безобразното дете ќе ви се обрати без почит и без реални факти. Ќе сака  да направи нешто од себичност. Направете разлика и учете го детето да се снајде во овој суров свет.

Автор: О.Б./ психолог и семеен психотерапевт



912

X