Во Државниот просветен инспекторат (ДПИ) стасале дваесетина претставки од родители на невакцинирани деца кои не биле примени на настава во новата учебна година. Станува збор за првачиња кои без примена МРП-вакцина (за морбили, рубеола и паротиттис), односно без комплетен вакцинален картон од оваа учебна година не можат да бидат примени на училиште.

– Инспекторите ќе го решаваат секој предмет поединечно. Во меѓувреме, ние како ДПИ ја следиме ситуацијата, односно инспекторите на терен водат евиденција за тоа кои ученици од кои причини не се запишани на училиште, а една од нив е онаа за задолжителна вакцина. Ситуацијата секаде е различна, има училишта што децидно не примиле првачиња што не примиле МРП, има такви што ги примиле, но ги задолжиле родителите дополнително да донесат документ дека детето ја примило вакцината, а има и училишта во кои децата се примени без да ја почитуваат одлуката за забрана за упис – информира Томе Спировски, директор на Инспекторатот.

Тој вели дека Законот за основно образование е дециден и, според него, децата задолжително мора да се дел од образовниот систем.

– Родителот има обврска да го запише детето на училиште, односно да го вакцинира за да може да го запише. Здравствената заштита е над образованието и ние го почитуваме тоа. За родителите што не ги исполниле обврските, ќе покренеме постапка согласно член 61 од Законот. Предвидено е едуцирање на тие родители, а ако тоа не помогне, тогаш покренуваме прекршочна постапка, односно треба да платат казна од 200 евра и дополнително им се наложува да го вакцинираат детето – појаснува директорот.

Кон крајот на овој, односно почетокот на идниот месец ќе се знае точно колку првачиња на ниво на држава годинава се надвор од образовниот систем поради непримената вакцината. Истовремено, и здравствените инспектори на терен бројат колку деца немаат или имаат некомплетен вакцинален картон.

Родителите на деца што не се примени во училиште најавија тужби за државата.
Инаку, во периодот од 14 до 20 септември годинава во Институтот за јавно здравје не биле пријавени нови случаи на мали сипаници. Годинава вкупниот број регистрирани случаи на мали сипаници изнесува 1.899. Сè уште е во тек епидемија на мали сипаници на цела територија на Македонија.



912

X