Во текот на својот развој семејството поминува низ различни фази што може да имаат и позитивно и негативно влијание врз целиот семеен систем. Како ќе заврши секоја фаза, зависи од способноста на членовите на семејството (особено родителите) да се справат со предизвиците што се пред нив, да ги препознаат потребите на другите членови од семејството и во согласност со тоа да реагираат.

Вклучувањето на семејството во системот за образование и поаѓањето на децата во училиште е една фаза низ која поминува секое семејство. Често се поставува прашањето дали треба децата да се подготват за поаѓање на училиште, во која мера, дали родителите се премногу исплашени или опуштени. Одговорот на ова прашање е дека секое семејство има индивидуални потреби, како и секое дете во рамките на едно семејство.

Ако семејството има две или повеќе деца, на некое дете ќе му биде полесно да се адаптира на новонастанатите услови за одење во училиште, а на другото потешко, и ќе му биде потребна поголема подготовка и поддршка во текот на првите години од школувањето. Во тој процес важно е родителите да препознаат што му е навистина потребно на детето, тие потреби да ги разликуваат од своите потреби и во согласност со тоа и да ги направат подготовките.

Нова организација во животот

За детето, поаѓањето во училиште е голема промена бидејќи доаѓа до значајни разлики во организацијата на животот што дотогаш го имало. Најпрво, одењето на училиште е неопходно и не постои можност децата да не присуствуваат доколку сакаат денот да го поминат на друг начин (на пример, со баба и дедо). Училишните правила се значително различни од правилата во градинка, пред децата се поставуваат нови барања: вклопување во нова група, задоволување на очекувањата на родителите, дали ќе му се допадне наставничката и слично. Ова се ситуации што за децата се предизвик во поголема или помала мера. Децата цело време ги слушаат реакциите на возрасните за нивното однесување и така проценуваат дали се „добри“ или не ги задоволиле очекувањата.

Клучот е посветеноста

Како детето ќе се соочи со новите предизвици, зависи од тоа како родителите реагираат на неговото однесување во текот на првите години од школувањето. Ова е голем предизвик и за родителите бидејќи детето влегува во процес на социјализација, во неговиот свет се вклучуваат и други возрасни (наставник/наставничка) и други врсници кои може да имаат позитивно или негативно влијание врз однесувањето на детето. Како да се задржи родителскиот авторитет, а притоа да не се наруши авторитетот на наставничката/наставникот? Како на детето да му се помогне да се вклучи во нова врсничка група и да се чувствува прифатено? Покрај овие важни прашања, родителите често имаат дилема како да формираат работни навики кај детето, како кај детето да развијат позитивен однос кон образованието, како да го заштитат детето од негативни влијанија… Одговорот на овие прашања е родителите да бидат посветени на начин на кој ќе ги препознаат неговите потреби и соодветно ќе реагираат на нив.

Зошто ова е важна тема?

Во првите години од школувањето на децата важна е поддршката во процесот на образование бидејќи процесот на адаптација на нови барања и правила може да има важно влијание врз нивниот однос кон образованието и со самото тоа кон постигнувањето резултати во подоцнежните години. Исто така, важна им е помошта во организирањето на времето за да ја задоволат својата потреба за игра и забава, но и обврските кон училиштето, семејството… Потребна им е и емоционална поддршка за полесно да се соочат со врсничките односи и добро да се вклопат во групата во рамките на училиштето. Задача на родителот е да го следи однесувањето на своето дете и во согласност со тоа да му даде поддршка колку што му е потребна.

Авторки: Лилјана Марковиќ, специјален педагог и Јелена Вукичевиќ, психолог



912

X