Иако можеби грижливо ја средувате својата брада, ако имате дете, повеќе би му се допаѓало да ја избричите. Имено, според резултатите на ново истражување, иако децата мислат дека брадата открива колку е силен мажот, исто така сметаат дека повеќето лица изгледаат подобро без неа.

„Возрасните сметаат дека брадата ги прави силни, зрели, мажествени, привлечни и подобри родители. Децата преку лицата пресудуваат сѐ, од нечија возраст до пол, до нивното здравје, чувства или доминација. Во зависност од возраста на детето, ќе се менува и нивното мислење за брадата“, изјави австралискиот научник и автор на истражувањето Никол Нелсон.

Бебињата немаат мислење за брадата, но кога малку ќе пораснат, ќе пресудуваат врз основа на тој моден додаток.

„На децата им покажавме две фотографии. На едната имаше маж со брада, а на другата неговото лице беше избричено. Децата на возраст од две години ги оценија мажите со брада како посилни и постари, но кога ги прашавме кој подобро им изгледа, го избраа избричениот маж“, појаснува Нелсон.

Со други зборови, повеќето деца преферираат лице без влакна.

„Дури во пубертет престануваат да ги избегнуваат брадите кога ги прашавме за привлечноста“, додава Нелсон.

Ако се прашувате дали би требало да ја избричите брадата, Нелсон истакнува уште еден важен податок.

„Децата го сакаат лицето на својот татко, бричено или не. Меѓутоа, ако гордо ја носите својата брада, знајте дека пријателите на детето може да ве гледаат со малку страв“.



912

X