Приказните за добра ноќ на многумина им се најдрагиот спомен од детството

На многу родители читањето приказни пред спиење им е најомилена активност. Па така, не е ни чудо што со читањето се влијае врз развојот на детската имагинација и вокабуларот, а се зајакнува и врската помеѓу родителите и детето.

Експертите велат дека никогаш не е прерано да се почне со читање. Децата и на најмалата возраст наоѓаат мир во слушањето на мајчиниот глас. Постарите деца уживаат во откривањето нови, интересни светови во кои ќе ги одведат приказните.

Времето поминува, а децата малку по малку учат и самите да читаат. Со текот на времето напредуваат, a многу од родителите и тогаш продолжуваат да им читаат на своите деца бидејќи се навикнати на тој ритуал пред спиење. Но, постои ли време кога може да се затворат кориците и да се остави детето само да се забавува преку читање? И кога е, всушност, вистинското време за тоа? Зависи ли тоа од читачките вештини на детето или од нешто друго? Треба ли децата сами да им кажат на родителите дека веќе немаат потреба да им читаат? Или родителот треба да му рече на детето: „Од денес читаш сам/а“.

 

Од спроведена анкета на 1.427 британски родители произлегле следните резултати:

– 25 отсто од нив не биле сигурни кога треба да престанат да му читаат на своето дете.
– 15 отсто од родителите сметаат дека треба да се престане да се чита кога детето ќе наполни 8 години, а 1 отсто од родителите ја одбрале 10-годишната возраст.
– 8 проценти од родителите веруваат дека децата на 7 години се доволно возрасни за да почнат сами да читаат пред спиење.
– Околу 5 проценти од родителите мислат дека на децата постари од 12 години не треба да им се чита пред спиење.

Истражувањето поттикнало и некои интересни коментари од родителите. Така, некои изјавиле дека нивното најстаро дете, кое има 12 години, доаѓа во креветот меѓу нив кога тие му читаат приказна на најмладото дете. Многумина коментирале и дека читањето е многу важно бидејќи во денешно време е запоставено, па затоа е потребно на децата да им се чита што е можно подолго време, за кај нив да се всади таа навика.

– Ние ќе престанеме тогаш кога децата ќе ни кажат дека не сакаат повеќе да им читаме, но се надеваме дека тоа нема брзо да се случи бидејќи сите уживаме во заедничкото читање – коментирале родителите.

Експертите потврдуваат дека пишаниот збор нема цена и дека приказните се нешто што ќе живее вечно. Психологот Наоми Брџес од Лондон, која се занимава претежно со едукација, вели дека приказните го движат светот, а со тоа ни помагаат да ја сфатиме средината околу нас, а понекогаш ни даваат и сигурност и засолниште.

– Децата всушност никогаш не се доволно стари за со родителите да споделат добра книга, роман или поезија. Кога веќе не можете да им читате, можете заеднички да дискутирате за книга која сите сте ја прочитале. Можете да слушате аудиокниги и да коментирате за ликовите и за заплетот. Постарите деца секогаш може да им читаат на помладите. Затоа, време за престанување со читање не постои – истакнала Брџес.



912

X