д-р Андреа Николова-Пауновиќ, матичен лекар

д-р Андреа Николова-Пауновиќ, матичен лекар

Поликлиника „Жана“ во Неготино
е-пошта: poliklinika.zana1@yahoo.com
тел. 075 555 512

Повеќе од авторот

Атописки дерматитис по дефиниција претставува алергиско хронично воспаление на кожата со повремено влошување на состојбата. Обично се појавува помеѓу 3. и 6. месец во животот и се означува како инфантилен атописки дерматитис (Infantilni Egzem, doenecki egzem, eczema infantum). Во повеќето случаи исчезнува по втората или третата година од животот на децата, меѓутоа, во некои случаи знае да рецидивира (да се повторува).

Етиолошкиот причинител во целост не секогаш се докажува. Често првите симптоми на болеста се појавуваат во исто време со внесување нови намирници, како што се кравјо млеко, јајца, брашно, портокал… Дечиња што имале атописки дерматитис како доенчиња имаат склоност да заболат и од други алергиски болести во текот на животот. Освен тоа, во семејства каде што повеќе членови имаат алергиска предиспозиција има поголема инциденца на алергиски болести, за разлика од останатата популација.

Како изгледа

Клиничка слика за атопичен дерматитис подразбира кожна промена со неостра ограниченост од здрава кожа и локализирана на предилекциони места (лице, чело, теме на глава, а поретко на труп и на екстремитети). Кожата најпрво е задебелена, останува груба и на неа се појавува црвенило. На црвената кожа потоа се појавуваат везикули кои брзо пукаат и од нив се влажни кожата. Серозниот секрет се суши и се создаваат крусти. Доколку детето ги чеша, можно е и секундарно да ги инфицира. Кај дечињата најчеста фаза е акутната со ексудат (везикули од кои излегува серозен секрет).

Компликации

Опасни компликации може да се развијат преку секундарните инфекции, бактериски или вирусни. Од бактериските најчести се стафилококна и бета-хемолитична стрептококна инфекција, а од вирусните најчест е вирусот на херпес симплекс, кој може дополнително да направи ерупција на везикули, па затоа детето треба да биде изолирано од други деца или возрасни што имаат херпес симплекс инфекција.

Лекување

Атопискиот дерматитис е со недоволно познат причинител, со многу ремисии и егзацербации (повторно јавување на промените), па лекувањето не е специфично, туку симптоматско, често е строго индивидуално и долготрајно. На секое дете не дејствува иста терапија и затоа треба убаво и редовно да се следи од доктор.
Лекувањето се состои од локално и општо лекување. Во влажните стадиуми на болеста (црвенило, везикули и секреција од нив) се ставаат влажни облози на кожните промени (NaCl, локални кортикостероиди во краток период од 2 до 3 дена). На сувиот облик на егзем (крусти) се ставаат индиферентни кремови со амбифилна подлога. Локално лекување со антибиотици не само што не е од корист, туку може да направи и сензибилизација (осетливост) на нив и како последица на тоа да се развие контактен алергиски дерматитис.

Општото лекување се состои од балансирана, разновидна исхрана богата со витамини и минерали. Некоја од состојките во исхраната може да ја влоши болеста, како што се јајца, портокали или друго, па да се појавуваат кожни промени, затоа најдобро е одреден период да се исфрлат од исхраната. Во општото лекување спаѓа и блага седација на детето. Поради интензивниот јадеж кај детето, тоа станува вознемирено и лесно раздразливо. Антихистаминиците се доста ефикасни за јадежот, и ги даваме за тоа.

Превентивните мерки се доста важни. Децата треба да носат лесна памучна облека, а не волнена или синтетичка која предизвикува потење. Освен тоа, волната е доста чест алерген. Сапуните што се користат за миење би требало лесно да хидрираат и да не ја сушат премногу кожата. Важна превентивна мерка е редовно потсекување на ноктите, со кои поради чешањето детето може да си предизвика ранички и секундарни инфекции.

Кај многу дечиња до крајот на втората или третата година од животот промените на кожата исчезнуваат. Со добра нега и локално лекување, отстранување на алергенот, можно е и порано излекување.



912

X