Во ова време ние учиме многу за нашето дете и од нашето дете, истовремено и тоа учи од нас и нѐ запознава
Свесни сме и сите постојано го коментираме брзото темпо на живот, секојдневието во кое ништо не е никогаш доволно, ни за тие околу нас ни за нас самите. Пробуваме да жонглираме со сите работни и приватни обврски, притоа чувствувајќи притисок дека мораме да го завршиме САМО уште ова, и уште ова, и уште ова… И така до недоглед.
Стануваме рано и легнуваме доцна, кратиме од својот одмор, од сонот, од времето за себе, од излегувањето со пријатели, кое станува сѐ поретко и поретко, од разговорот со нашите партнери, кои некогаш навистина ги земаме „здраво за готово“; и она што можеби е еднакво ако не и најважно од сѐ – го кратиме квалитетот и времето што го поминуваме со нашите деца.
Знаеме дека се во градинка или на училиште, но не знаеме како им поминал денот. Знаеме дека биле со баба и дедо, но не знаеме на што се смееле, што ги изненадило, од што се исплашиле, што ги натажило. Знаеме дека го сакаат цртаниот филм со големото мече, зборливото прасе или брзиот зајко, но не знаеме што е причина што токму овој цртан филм им е омилен.
Тоа е така бидејќи кога сме заедно со нив, често тоа е само наше физичко присуство. Мислиме дека е сосема доволно што сме тука, до нив. А што всушност гледа нашето дете? Ние сме седнати, потонати во нашите столови и во нашите мисли, изморени, незаинтересирани, гледаме во својот мобилен телефон. Дури и кога децата ни се обраќаат директно, одговорите ни се задоцнети, кратки и дистанцирани.
Децата растат, нивните потреби и интереси развојно се менуваат, но она што останува константно е потребата од здрав, близок и топол однос со родителот, кој со себе носи убавина, разбирање и спокој
Па, драги родители, да се запрашаме која е пораката што им ја праќаме на нашите деца? Дека сме најчесто во такво расположение кога сме со нив? Дека нашиот мобилен телефон е поинтересен од нивното прво зборче, прво чекорче, прва научена стихотворба? Дека нашата работа и други обврски се секогаш поважни од она што тие имаат да ни го кажат?
Односот со нашите деца го градиме од самиот старт, од зачнувањето, од раѓањето, од станувањето одговорен за друго човечко суштество. Трпеливо, посветено, предадено. Децата растат, нивните потреби и интереси развојно се менуваат, но она што останува константно е потребата од здрав, близок и топол однос со родителот, кој со себе носи убавина, разбирање и спокој.
Многу работи го градат овој однос, но клучно за него е токму времето што му го посветуваме на детето. Во ова време ние учиме многу за нашето дете и од нашето дете, истовремено и тоа учи од нас и нѐ запознава. Со тоа се подобрува меѓусебното приврзување. На децата им создава чувство дека се сакани и вредни, а тоа на крајот резултира со поголема самодоверба кај детето, но и поголема самодоверба кај нас како родители.
Што може да ни помогне во поставувањето на темелите на овој однос?
– Редовност во поминувањето време заедно, барем по неколку минути дневно, свесно и посветено внимание.
– Да видиме што е тоа што нашето дете сака да го прави во тие заеднички минути, и да му го овозможиме тоа (но тоа да не вклучува играње на таблет, телефон).
– Да се вклучиме во играта на начин на кој ни дозволува детето, да не бидеме во функција на диригент, учител или наредник.
– Да обезбедиме опуштена атмосфера во која нема друг член од семејството да нè прекинува или, пак, нешто друго да нè попречува, на пример, телевизија, радио, паралелно готвење или која било друга активност што ќе ни го одвлекува вниманието.
– За време на тие заеднички минути, употребувајте го името на детето, насочете го вниманието кон него, но не само со своите зборови, туку и со својот поглед и допир – едноставно детето да чувствува дека му посветувате вистинско внимание.
– Во ова заедничко време да ги искажуваме сите позитивни нешта што ги гледаме и кои нашето дете ги прави, да заборавиме на критиките, кои најчесто ги даваме многу брзо и без никакви тешкотии.
– Овие заеднички активности можат да вклучуваат играње со коцки, кукли, читање приказни, цртање, пеење, физички вежби или кои било активности што се соодветни на возраста на вашето дете, а ќе биде квалитетно поминато време и нешто во кое детето ужива.
Свесноста и посветеноста на родителите кои со децата комуницираат на овој начин им овозможува полесно и заеднички да го градат односот на меѓусебна почит, доверба и блискост. Тоа им помага на децата да научат како да се соочат со своите дилеми, да ги кажат своите тековни проблеми и да разговараат со нас за личните интереси и прашања, а нам ни помага така што ни што ја олеснува комуникацијата со децата и ни овозможува да уживаме во плодовите на тој труд и однос.
Доколку родителите чувствуваат голем предизвик и тешкотии во тоа да го изградат односот кој го посакуваат со своето дете, првенствено треба да се обидат со овие мали, но и тоа како значајни чекори, и секако – да бидат доследни. Еден од начините за подобрување на родителските вештини и капацитети е и можноста за приклучување на групите за родители кои се водени од стручни лица, каде што можат да се научат многу корисни техники кои може да ги примениме во секојдневието со децата. Ако предизвикот и понатаму стои исправен пред нив и им се чини недостижен и тежок за совладување, можат да се обратат за помош кај психолог или семеен психотерапевт.
Oна што можеме да го направиме сите ние е да ја вратиме значајноста на заедничката вечера, на неделниот излет, на помагањето и заедничкото работење во дворот или куќата, на читањето приказни, на топлината и светоста на домот, на празничните денови и семејни ритуали, едноставно – на бидувањето заедно, едни со други – вистински.
912