д-р Татјана Баевска-Вучковиќ, педијатар

д-р Татјана Баевска-Вучковиќ, педијатар

супспецијализант по педијатриска пулмологија со алергологија
ЈЗУ Здравствен дом - Скопје
е-пошта: tbaevskavuckovic@yahoo.com

Повеќе од авторот

Лекувањето на кашлицата зависи од нејзиниот вид, возраста на детето и од нејзиното траење

Кашлица е симптом поради кој речиси половина од пациентите се јавиле кај педијатар, особено во текот на студените денови и во периодите на температурни осцилации.
Кашлицата е комплексен рефлекс контролиран од центар во ‘рбетниот мозок и одредени нервни влакна, преку што се постигнува синхронизирана активност на голем број респираторни мускули. Рецепторите се наоѓаат во дел од системот за дишење, од фаринксот до бронхиолите.

Кашлицата има улога на одбранбен механизам со кој ги ослободува, т.е. ги „чисти“ дишните патишта од честички, секрет и други продукти што се налепуваат на респираторната слузница. Во одредени состојби кај децата, како што се состојби на попреченост, болести на централниот нервен систем, парализа на дишната мускулатура, или кога станува збор за новороденче, особено недоносено, рефлексот на кашлица може да недостига!

Важно е да се знае дека рефлексот на кашлање е под влијание на волјата (високи центри во кортексот на мозокот), што значи дека може да се предизвика или да се сопре! Пример: Дете што кашла во текот на денот, во присуство на родител, кога ќе заспие, престанува да кашла. Ова е и корисен анамнестички податок за лекарот кој треба да определи дијагноза и третман. Ова е особено присутно кај деца во период на пубертет, адолесценција.

Секој родител имал некакво искуство со кашлица кај своето дете. Таа, според својата природа на предизвикување, може да биде акутна, хронична, сува – надразителна или влажна – продукктивна, во напади со или без свирење во градите, со звук на лаеж на куче, во тек на јадење, а може да се јавува при спиење, во текот на утрото при будење и/или во текот на денот.

Што ја предизвикува акутната кашлица?

Акутната кашлица најчесто е предизвикана од вирусна инфекција која вообичаено е придружена со кивавица, носна секреција, со или без покачена температура и трае околу 7 дена. Според епидемиолошки податоци, детето во текот на календарската година може да има 6-8 вакви епизоди, особено кога е помало. Кашлицата може да биде придружена со градна, стомачна болка, нарушен сон. Кашлица со призвук на лаеж може да има кога станува збор за ларингитис, битонална (сува) се јавува кај трахеит, а визинг (свирење во градите) има при опструкции на дишните патишта. Кашлица која се јавува по јадење може да биде предизвикана од аспирација на храна.

Анамнестичките податоци што ги дава родителот и со тоа дава опис на видот на кашлицата се корисни за понатамошни постапувања од страна на лекарот.

Хронична кашлица

Кога кашлицата трае три и повеќе недели, станува збор за хронична кашлица. Се јавува кај деца што имаат и други заболувања (цистична фиброза, хронично присутно туѓо тело, имунодефициенции, лезии на дишните патишта…) или без заболувања на белите дробови (повторувачки вирусни бронхитиси, постинфективна кашлица, пертусиформен синдром, астматска кашлица, постназално слевање на секрет, психогена кашлица, гастроезофагеален рефлукс…).

Продуктивната кашлица е придружена со секрет. Детето околу петтата година почнува да го искашлува секретот. Дотогаш главно го голта, а кај некои деца се случува при закашлување да повратат, па на тој начин да се ослободат од секретот кој претходно бил проголтан.

Кога родителот со детето ќе се јави на преглед, најкорисен е анамнестичкиот податок за опис и време на појавување на кашлицата, а важна е и возраста на детето. Така, кај доенчиња до 6-месечна возраст сме особено внимателни и се пристапува кон посериозни иследувања. Секако, се следи и вакциналниот статус на детето, пред сè, кај нередовно вакцинираното како причина за одредени инфективни причинители. Согласно физикалниот наод, се пристапува кон соодветни потребни иследувања и третман.

Лекување на кашлицата

Лекувањето зависи од видот на кашлицата, возраста на детето и нејзиното траење. Најважно е да се обезбеди проодност на дишните патишта (капки за нос – солени капки или деконгестив, инхалација со солен раствор, бронходилататор), доволен внес на течности и храна, а може да се даде антипиретик, како и антибиотик доколку е потребно, антихистаминици. Дали да се дадат муколитици е дискутабилно, особено ако станува збор за акутна кашлица бидејќи дејството им е по неколку дена, кога веќе симптомите на акутна кашлица поминуваат.
Потребно е просторијата каде што престојува детето да биде светла, проветрена, со доволна влажност на воздухот (особено во период на грејна сезона) и во неа да нема чад.

Физикална терапија и респираторна гимнастика се препорачуваат кај хронични респираторни заболувања, покрај другиот терапевтски третман.

Редовна вакцинација по календар, редовни систематски прегледи, навремена посета кај лекар со почитување на пропишана терапија и редовното советување се клучни работи за обезбедување правилен раст и развој на детето во возрасна здрава индивидуа.



912

X