Ни еден родител не е совршен, но можете да бидете многу добри во таа улога

За родителството не постојат никакви препреки. Снаоѓањето во таа улога и усовршувањето на родителските вештини бараат време, труд, учење од своите грешки, размислување за тоа што може подобро да се направи…
Иако не постои листа со особини кои гарантираат дека некој ќе биде добар родител, постојат клучни особини што им се заеднички на сјајните мајки и татковци.

Хумор

Најдобрите мајки и татковци имаат смисла за хумор. Кога ќе размислите, тоа е многу важно бидејќи родителството е толку стресна „работа“, а хуморот и смеата го намалуваат стресот и помагаат членовите на семејството подобро да се согласуваат.
Родителите што немаат никаква смисла за хумор ги преувеличуваат грижите и поради својот претерано сериозен став кон животот често стануваат анксиозни.
Направете време за забава и смеа, важно е.

Доследност

Најдобрите родители се доследни на границите што ги поставуваат. Размислете како би се чувствувале кога би прифатиле работа, а никој да не ви даде упатство, ниту да ви каже што се очекува од вас. Би се чувствувале изгубено и ќе се обидувате да го привлечете вниманието на одговорниот.
Здравите граници се јасни и трајни. Родителите кои на децата им поставуваат такви граници всушност им помагаат да бидат успешни во животот. Овие деца се чувствуваат сигурно и сакано, што не е случај со децата чии родители дозволуваат буквално сè.
На децата им се потребни граници, тие им помагаат да стекнат доверба во своите родители, да си го најдат својот пат во општеството.

Тие се фер

Најдобрите мајки и татковци се фер, и тоа не само во смисла дека исто се однесуваат кон своите деца, туку спрема секое дете се однесуваат како кон посебна индивидуа.
Фер родителот е свесен дека не се сите деца исти и поради тоа немаат ист пристап кон сите, а исто така им даваат на децата можност да учат од своите грешки. Освен тоа, овој родител е подготвен да го сослуша своето дете и да донесе одлука која е во најдобар интерес на детето.

Сигурност во себе

Најдобрите родители се уверени во себе и во своите родителски одлуки, па затоа го оставаат детето малку да се помачи за нешто и не одат веднаш да му помогнат. Тие сакаат детето да научи да биде самостојно и само да се снаоѓа, да се бори за себе, само да донесува некои одлуки (соодветно за возраста се разбира).
Се разбира, ако на децата вистински им е потребна помош, родителите секогаш ќе „скокнат“ и ќе ги заштитат.
Иако е понекогаш вистинско мачење да го гледате детето како се нервира за нешто, во такви ситуации едноставно мора да ги контролирате своите емоции и да го оставите детето само да го реши проблемот.

Самодоверба

Мажите и жените што се најдобри родители имаат самодоверба и го прифатиле фактот дека никој не е совршен. Перфекционизмот ги вовлекува луѓето во тркалото на стресот и анксиозноста. Перфекционистите често имаат потреба да ги задоволуваат потребите на другите, мислејќи дека се „добри“ ако другите луѓе се задоволни, и обратно.

Кога самодовербата ви зависи од мислењето на другите луѓе, тогаш тоа на вашето семејство не му носи ништо добро. Најдобрите родители знаат дека секогаш треба да бидат мудри, да ги држат работите под контрола.
Прифаќањето на сопствената несовршеност е многу важно и е еден од предусловите за среќно семејство.

Простување

Најдобрите родители простуваат, а тоа не е секогаш лесно. Децата чии родители ги научиле да не им се одмаздуваат на другите, туку да простуваат, полесно би можеле да се помират со минатото кога ќе станат возрасни.
Ги учат да ги прифатат грешките ако некој ненамерно ги повреди, но и да им простат на другите кога ќе погрешат.
Луѓето што не умеат да им простат на другите во себе чуваат многу лутина, бес, огорченост, негативна енергија. Тоа никој не го сака за своето дете.

Одговорност

Родителството, пред сè, е огромна одговорност. Децата учат од вас, од она што вие го зборувате и правите, постојано ве имаат на око. И децата, баш како родителите, ги почитуваат луѓето што го прават тоа што го зборуваат.
Тие знаат дека мора да се контролираат и многу да внимаваат што зборуваат и што прават пред децата. Ако сакате детето да ви биде искрено, чесно, да сочувствува со другите, да има работни навики…. мора секој ден да му покажувате преку својот пример. Не да му кажувате, туку да му покажете.
Давањето вистински пример на децата е од немерливо значење за нивниот развој и напредок. Од тоа каков пример им давате ќе зависи нивното однесување во училиште, дома, со пријателите, во врските кога ќе пораснат.
Како што веќе рековме, не постојат препреки до добро родителство, но добрата вест е дека со труд и волја сите особини можат да се научат. Затоа, не очајувајте ако не ги поседувате овие особини.



912

X