м-р Слаѓана Трајкова, логопед

м-р Слаѓана Трајкова, логопед

ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух, говор и глас – Скопје
тел: 075 857 284

Повеќе од авторот

Денес е Европски ден на логопедијата – аугментативна и алтернативна комуникација

Јазикот, како основно средство за разбирање помеѓу луѓето, се реализира преку два медиума: преку звук како говор, и преку светлост како писмо. Обичните луѓе сметаат дека писмото не е ништо друго освен говор во друг медиум. Ова најдобро може да го видиме во: граматиката, читанката, учебникот за јазици и во други публикации наменети за учење на јазикот и за стекнување знаење за јазикот (било да е мајчин јазик било да е странски).

Но, сепак, разлики има, и тие се од големо значење. Пред с2 говорот е природен, а писмото е вештачко. Говорот се развивал и се оформил заедно со човечкиот ум, и така овозможил човекот да преживее. Писмото е производ на човечкиот ум и придонело за развој на човечката цивилизација. Човекот носи со себе сè што му е потребно преку говорот, или едноставно кажано се раѓа со овој (прибор или алатка).

За да се описмени едно дете, потребни му се дополнителни „инструменти“. Едно здраво дете (дете со добро развиен слух) е отворено за комуникација преку говор во секое време и на секое место (кога е будно, кога спие, и во светлина и во мрак).
Но, тоа не е случај со писмото – детето мора да биде будно и мора да има инструменти и материјал за да пишува, мора да има светлина, за да му се гледа.
Комуникацијата преку говор ја одвива со друго дете преку некоја активност, или игра, и тоа е всушност тоа што се трансформира во социјално суштество. Говорот е природен и по тоа што се учи, или попрецизно кажано се усвојува природно без да бара свесност, без труд, едноставно преку дејствување во средината во која зборува… За писмениот збор е потребен свесен и интелектуален труд. Усниот збор е природен и по тоа што преку него како во огледало се огледуваат и одржуваат „природните животни искуства“, за разлика од писмото кое пренесува туѓи искуства преку времето и просторот.

Говорот е многу постар од писмото. Иако немаме точен податок кога човекот прозборел, сигурно е дека тоа се случило многу порано отколку што научил да чита и да пишува. Некои научници укажуваат на тоа дека човечката способност за говор е постара и од неговата способност да употребува оружје. Некои пак укажуваат дека се појавил тогаш кога човекот станал Homo sapiens, или пред некои 50.000-60.000 години, писмото (во вистинска смисла на зборот) влегува во употреба пред околу 6.000-7. 000 години.

Природноста на говорот ја потврдуваа и неговата универзалност, нема човек на планетата Земја (освен луѓето кои се со физички и психички тешкотии) што не може да научи да зборува. Тој е менлив, како што е менлив и звукот. Тоа значи дека децата не се во состојба да можат два пати или повеќе пати да слушнат еден ист звук, еден ист јазичен исказ. Поради тоа, самиот чин на комуницирање мора да се одвива истовремено со чинот на зборување. Писмото е постојано (статично), можеме да го читаме толку пати колку што сакаме.

Секој чин на комуницирање преку говор бара да има и говорник и соговорник, на исто место, во исто време. Со писмениот текст, секако, тоа не е случај. Преку зборувањето, поради тоа што има соговорник, имаме директен фидбек, повратна спрега. Говорникот може да ја испрати реакцијата на соговорникот (мимика, гест, вербална интервенција) и своето зборување да го насочи кон нив. Во писмото тоа го немаме.

Од горенаведениот текст сакав да укажам која е разликата помеѓу говорниот збор и писмениот јазик. Времето во кое живееме денес е време на говорна цивилизација, кое бара од сите нас чисто и правилно да зборуваме, да може секој да нè разбере.

Од овие причини мојата професија како логопед, покрај рехабилитацијата што ја работам во патологијата на вербалната комуникација, од посебен интерес се посветува и на превентивата, преку која посветува внимание на тоа како децата зборуваат, и го следам нивното говорно однесување уште од рана возраст.

Треба да знаеме дека нормалниот говорен развој и нормалното говорно однесување на децата од претшколската возраст претставуваат подготовка (база) за нивно понатамошно описменување кога ќе тргнат на училиште.

Уште од периодот на раѓање важно е да се испитува сетилото за слух, вид, квалитетот на крик и на плачењето. . . Да се следи психомоторниот развој со редовни систематски здравствени контроли на слухот, видот и орофацијалните органи. Ова следење е важно за благовремено да се спречат некои нарушувања кои може да се јават кај децата во периодот додека растат и се развиваат. За да се развива едно нормално говорно однесување, важен фактор е и средината и психологијата на самото дете. Да се следи каде живее детето, во какви услови живее, како се чува и како воспоставува емоционални контакти со другите лица.

Кај претшколските деца наидуваме на отстапки во усвојувањето на артикулацијата. Многу од гласовите детето не умее правилно да ги артикулира, правилно да се изрази, така станува интровертно (се повлекува од другите деца), а преку ова се намалуваат и способноста и желбата да комуницира со своите другарчиња. Со намалената способност за комуникација се намалува можноста да се вклопи во нормални пријателски односи, што придонесува социјализацијата да се сведе на ниво на ограниченост. Намалената способност за комуникација го дестимулира усвојувањето и развојот на изговорот, а тоа се одразува и на стекнување на нивото на писменост, и влијае врз развојот на севкупната детска личност.

Работејќи како логопед во ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух, говор и глас во Скопје, со долгогодишно работно искуство, добро ја познавам природата и проблематиката на детската комуникација. Сметам дека на родителите треба да им објасниме дека треба да работат на менталното здравје на своите деца, а со самото тоа и на говорното однесување. Во некои случаи факт е дека и не може да се развие она што го нема во генскиот код кај детето, но факт е и дека стимулативната и позитивна животна средина може да влијае врз брзото темпо на детското развивање со постигнување позитивни резултати уште од најраната возраст.

Интелигенцијата влијае врз говорниот развој, но и говорниот развој влијае врз интелектуалниот развој…
На крај ќе го завршам текстот со еден многу корисен цитат, кој верувам дека ќе пробуди интерес кај многу родители да размислуваат за доброто на своето дете.

„Мислата е предуслов да се оформи зборот, но и зборот е средство кое помага да се развие мислата“.



912

X